Кокаин скриен во картонска кутија со банани, нашла полицијата во вчерашната акција која од опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше најавувана како најголемата акција во земјата до сега. Во акцијата, запленет е само еден килограм кокаин, а не како што се тврдеше, 1,3 тони кокаин.
„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен организиран криминал, Единица за недозволена трговија со дрога во период од 17-19.02.2020 година во координација со Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а во рамки на меѓунардна полициска соработка во која беа вклучени повеќе земји, реализираше акција за сузбивање на недозволена трговија со дрога при што во скопско Крушопек беа откриени и запленети само дел – поточно еден килограм кокаин кој што според првичните информации е дел од поголема количина кој требало да заврши во нашата држава“, рече на прес конференција техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Министерството за внатрешни работи во соработка со обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, како што рече тој, пресекле меѓународен канал за транспорт на кокаин во големи количини со потекло од Колумбија, а краен примач на пратките со банани била фирмата од Скопје „Банекс Компани“ ДООЕЛ.
„Станува збор за меѓународна операција против криминалните структури вклучени во трговија со дрога и во оваа прилика сакам да изразам благодарност до колегите во Министерството за внатрешни работи, ОЈО и Царинска управа како и партнерските институции од земјите кои се вклучени во оваа акција за високото ниво на соработка и конспиративноста во реализација на оваа полициска акција. Во текот на денешниот ден и деновите кои следуваат од страна на Министерството за внатрешни работи ќе бидат преземени опсежни мерки за известување на земјите низ кои има поминувал транспортот се со цел добивање дополнителни информации и утврдување на други криминални групации кои се вклучени во оваа трансационална нелегалма активност“, додаде Чулев.
Тој посочи дека МВР ќе преземе активности за утврдување на останати правни или физички лица кои се во корелација со конкретното правно лице, а би можеле да бидат вклучени во оваа нелегална активност, а дополнително, во текот на денот, ќе биде започната и финансиска истрага кон конкретниот правен субјект и четирите физичките лица. Меѓу четворицата лишени од слобода се сопственикот на „Банекс Компани“ и неговиот 21-годишен син.