Гаши: Има напредок во преговорите

од Nikola Popovski

После четири часа преговори, заврши третата средба меѓу лидерите на СДСМ и Алтернатива, Зоран Заев и Африм Гаши. Пред напуштањето на Клубот на пратеници, Гаши кратко изјави дека има напредок во разговорите околу евентуалното влегување на партијата во Владата.

-Имаме напредок. Следуваат консултации во нашите партии, а за сето ова ќе има известување од прес-службата на Владата, рече Гаши во присуство на Заев пред новинарите.

Во медиумите по средбата која се одржа во понеделникот беше објавено името на Беким Сали како можен наследник на министерот за здравство Венко Филипче. Воедно според информациите покрај ова министерско место од партијата која е на чекор да биде дел од власта, била побарана и вицепремиерска позиција.

-Моментално ги финализираме принципите на заедничкото владеење и програмските определби. Потоа следува делот за ресорите и кадровската политика, рече неодамна во изјава за „Локално“, портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани.

После последната средба беше соопштено дека двете партии имаат начелна согласност околу правецот и концептот според кој треба да се води државата.

Слични содржини