Федералното обвинителство на Германија соопшти дека на 18 и 20 јануари наредило проверка на брод, кој би можел да е поврзан со експлозиите на гасоводите „Северен тек“, изјави портпаролката на обвинителството.
„Постои основано сомневање дека бродот, кој е под истрага, можеби бил користен за транспорт на експлозивни направи на 26 септември минатата година до гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море. Проценката на пронајдените траги и предмети е во тек. Идентификацијата на сторителите и нивните мотиви е предмет на истрага која е во тек. Во овој момент не може да се даваат конкретни изјави на оваа тема“, рече портпаролката.
Бродот, кој можеби бил вклучен во саботажата на Северен тек, бил изнајмен од германска компанија, но никој од вработените не бил осомничен, рече таа.
Претходно „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори во американската администрација, објави дека американски официјални лица изјавиле дека новите разузнавачки информации даваат основа да се претпостави дека зад нападот на гасоводите стои проукраинска група.