Ѓоковиќ: Пораснав во војна и само го слушам моето срце

од Stefanija Kuzmanovska

На последниот сезонски турнир, финалето на АТП-турнејата во Лондон, Новак Ѓоковиќ ќе се обиде да триумфира по возбудлива и успешна, но и многу невообичаена сезона.

Постигна една цел, ја задржа првата позиција на светската листа, со што се изедначи рекордот на Пит Сампрас со шест сезони завршени на тенискиот трон, што ќе му овозможи да собори уште еден рекорд на пролет.

Тоа е бројот на недели на врвот на АТП-листата, која во моментов е во рацете на големиот ривал, Роџер Федерер, кој има акумулирано 310 недели на првата позиција за време на неговата голема кариера.

Новак мирно ја анализира ситуацијата на крајот на сезоната пред дуелите во „О2 арената“, каде е во група со Данил Медведев, Александар Зверев и Диего Шварцман.

„Кога ќе ја повлечам линијата под сезоната што ќе ја завршам како број еден и во која освоив четири титули, бев непоразен некое време, што и да направам тука, ќе биде одлично. Јас сепак сакам повеќе од тоа. Фактот дека имав многу успех во минатото е голем мотив, но може да биде и товар, затоа што не очекувате помалку од себе“, рече Новак во интервју за „Ивнинг Стандард“.

Ова беше исто така година во која тој имаше многу проблеми, и на теренот и надвор од него, но вели дека е навикнат на тоа.

„На некој начин, пораснав во неволја, кога размислувам за тоа. Растејќи во земја што војуваше во текот на 90-тите години, под санкции, ембарго, мислам дека многу ми се случи за време на моето детство. Така, некако се навикнав. Кога започнав да патувам и доживувам разни проблеми, не ми беше тешко да се справам со тоа, некако беше врежано во мене. Тоа не значи дека треба да поминете војна за да добиете некаква отпорност, не го сакам тоа на никого. Тоа ми дава енергија да докажам дека можам да успеам без оглед на препреките што се наоѓаат пред мене“, додаде Новак.

Тој има 33 години и е во зенитот на својата кариера. Може да постигне многу повеќе, но долго време повторуваше дека тенисот не е единствениот фокус во неговиот живот.

„Да се фокусирам на тенисот и на ништо друго, мислам дека тоа веќе не е можно. Повеќе не сум во таа фаза од животот. Имам работи што ми се случуваат во животот што не можам да ги игнорирам и да размислувам само за победи, освојување трофеи и рушење на рекорди, без да размислувам за деца, семејство и други работи. Се обидувам да балансирам во сето тоа. Јас разбирам дека секој има свое мислење. Јас почитувам кога некој има поинакво мислење и го искажува јавно, без разлика дали станува збор за здружение на играчи, ПТПА. Ме критикуваа многу, но јас го правам она што срцето ми вели да го сторам. Се обидувам постојано да се потсетувам дека сè што правам треба да има позитивно влијание врз тенисот, спортот и животот воопшто. Се разбира, сите правиме грешки, и јас ги направив како и сите други, но немам проблем со тоа да бидам искрен и отворен“, јасен е Новак.

Кога станува збор за она што го очекува, тој вели дека внимателното и паметно планирање ќе биде многу важно во следните сезони.

„Не мислам дека мојата возраст е проблем, дека ми преостанува уште една година, две-три да освојам Гренд слемови. Секако, морам да бидам попаметен од следната сезона во таа стратешка смисла, околу креирање календар, со турнири што се приоритет и каде што сакам да бидам во топ форма. Се додека желбата е таму, јас сум здрав и имам поддршка од семејството, ќе продолжам да играм. Јас не гледам на тоа како еден вид обврска, не станува збор за финансии или нешто слично, работата е што сепак уживам во играта и сакам да се натпреварувам на највисоко ниво. Се додека се чувствувам така, ќе бидам таму уште долго. Не сакам да си дадам рок на траење“, се пошегува Новак.

Конечно, следува последната недела од натпреварувањето во сезоната во Лондон, каде тој го освои трофејот четири пати по ред, од 2012 до 2015 година.

„Имав многу успех тука во Лондон. Се чувствувам добро, но далеку сум од тоа уште еднаш да го подигнам трофејот“, заклучи Ѓоковиќ.

Првиот натпревар на финалето на АТП-турнејата во Лондон го игра во понеделник на 16 ноември против Диего Шварцман. Натпреварот нема да започне пред 15 часот.

 

Слични содржини