Показателите дека релативно голем број здравствени работници во некои делови на Европа и САД не сакаат да примат вакцина против коронавирус, ги вознемирија политичарите и здравствените експерти во време кога земјите ширум светот се борат да ја спречат епидемијата и масовно го вакцинираат населението.
Резултатите од истражувањето, објавено во средината на декември, предизвикаа изненадување во Германија, бидејќи тие покажаа дека половина од медицинските сестри и една четвртина од лекарите од испитаниците не сакаат да се вакцинираат, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Висок процент на лекари кои не сакаат да се вакцинираат е забележан и на други места во Европа и во САД.
Во Франција, 76 проценти од вработените во домовите за стари лица изјавиле дека не сакаат да се вакцинираат, во еден австриски регион, половина од вработените во старечките домови не сакаат да ја примат вакцината, а во Италија, Федерацијата на медицински професионалци соопшти дека околу 100 лекари низ целата земја нема да ја примат вакцината.
Во САД, според студијата на независниот институт, 29 проценти од здравствените работници најверојатно или сигурно нема да се вакцинираат.