Градоначaлникот на Струмица: Тажна е сликата по пожарот во „Глобал“, за среќа нема повредени

од Nikola Popovski

Пожарот кој ноќва го зафати трговскиот центар Глобал во Струмица е изгаснат рано утринава, но изгореа над десет продавници и голем дел од пазарот, кој се наоѓа во средишниот дел.

„Тажна е сликата денеска, по пожарот кој ноќеска пред полноќ, избувна во трговскиот центар „Глобал“. Изгорени се повеќе трговски објекти и внатрешниот дел во којшто се наоѓаат продавници и тезги. Пожарот е изгаснат, но сеуште под контрола на пожарникарите за да не се појават нови жаришта. За среќа жртви и повредени нема, но причинета е голема материјална штета“, објави денес градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Тој испрати голема благодарност до пожарникарите од Струмица и нивните колеги од Кавадарци, Радовиш, Штип и Валандово, како и за вработените во ЈПКД „Комуналец“, за несебичната пожртвуваност и надчовечките напори коишто ги покажаа во гаснењето на пожарот.

„Сочувствувам со сопствениците на опожарените објекти за големата претрпена материјална штета. Општина Струмица во рамките на своите можности ќе направи се да им помогне во санирањето на штетите“, дополни градоначалникот.
Причините за пожарот се уште не се знаат.

Слични содржини