Груевска сведочеше на Титаник: Иако не донирав никакви пари за партијата, бев на листата на донатори

од Берта Китинска

Во Кривичниот суд Скопје денес продолжува судскиот предмет „Титаник”.

Минатото рочиште за овој предмет се одложи заради отсуство на обвинетиот Кирил Божиновски. Случајот е во фаза на презентација на сведоци, а на денешното рочиште се сослушуваат повеќе сведоци.

Како прв сведок сведочи Даниела Груевска. Таа во својот исказ истакна дека не донирала 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ.

“Иако не донирав никакви пари за партијата, бев на листата на донатори во 2011 година 05/03/2020”, сведочеше Груевска.

Во 2011 година Даниела Груевска се нашла на листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, наводно дека уплатила 60.000 денари.

“Тој период бев невработена и никогаш за никого не донирав пари”, истакна Груевска.

На прашањето од обвинителката Лиле Стефанова, дали во 2011 година имала уплатено пари како донација на некоја политичка партија, Груевска одговори:

“Не сум уплатила никакви пари ниту на друго лице сум му дала пари за да уплати во мое име донација за партија”, рече Груевска.

Во сведочењето таа истакна дека е на листата на донатори кога од СЈО добила покана да сведочи.

Груевска посочи дека била вработена во 2015 година во основно училиште.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Кирил Тодоровски и други.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

И.Р

Слични содржини