Петочната средба меѓу поранешниот премиер Никола Груевски и помошник секретарот на унгарското МНР требало да остане далеку од очите на јавноста. Но работите тргнале наопаку. Откако минатиот петок, Никола Груевски одби да одговори на прашањата од унгарскиот новинар, „444“ – медиумот кој го пресретна објави подетална анализа за настанот, информира Нова.
Новинарите го забележале Груевски како влегува во влезот каде што е сместена нивната редакција. Тој со уште двајца мажи влегол токму во станот до оној каде се наоѓа редакцијата на „444“. Новинарите го чекале околу еден час да излезе од станот, но штом тој ги забележал на излегување, брзо се скрил назад во станот. По кратко, Груевски сепак излегол во придружба на еден од мажите кои биле со него. Третиот бил одлучен да се скрие од новинарската камера и останал зад вратата на станот.
Откако новинарот го допратил Груевски до автомобилот кој го чекал, поставувајќи му прашања кои тој не ги одговори, забележал дека автомобилот имал лепенка на која било означено дека возилото е сателитски следено.
На враќање кон редакцијата, новинарот и снимателот го пресретнале и третиот човек кој бил со Груевски во станот. Тие веднаш го откриле неговиот идентитет, станува збор за Иштван Јо кој е заменик секретар во унгарското Министерство за надворешни работи.
Редакцијата на „444“ веднаш се обратила до Министерството за да дознае која била причината за средбата со Груевски, но тие им одговориле дека немало ништо невообичаено вработен од МНР да биде во контакт со човек кој бил долгогодишен премиер на својата земја.
…