Груевски врати се, твоите се на власт

од Vladimir Zorba
135 прегледи

  Ви пренесуваме дел од колумната на Слободанка Јовановска за „Независен“:

Политичарот со повеќе партиски дресови, Лазар Еленовски, стана специјален пратеник за НАТО во Брисел. Освен што воопшто не е јасно зошто ни е таква функција, покрај национален координатор за НАТО со поголем углед од неговиот, речиси е неверојатно како профил од ваков тип ДУИ успеа да му го „продаде“ на СДСМ, како некој што може да одигра каква било улога околу нашата интеграција во Алијансата.

Како никој друг, Лазе Еленовски е многу добро позната фигура за нас новинарите во Македонија, особено откако ревносно нѐ избриша од листата на соработниците кога со смената на власта ја смени страната.

Освен што си ја продаваше политичката идеологија за функции и заради тоа шеташе од партија во партија, изминатите две години е во обид да се откаже и од сопствената држава, а Владата несмасно му помогна во тоа. Јавна тајна е дека Еленовски замина во Брисел по цена да спие кај роднини само за да стане амбасадор, т.е. да се исели од Македонија, како што е јавна тајна дека откако му заврши мандатот една и пол година се обидува по секоја цена да не се врати во земјата, т.е. да си најде подобра татковина. Сега, Владата не само што го згрижи давајќи му плата и статус од тешко издвоените пари на граѓаните, туку и му помага никогаш да не се врати назад.

 Иако вистинскиот патриотизам не е на цена во Македонија, ваква кадровска промашена инвестиција во некој што тоа не го заслужува не е видена и за оваа влада, која крахираше на овој план. Главното прашање што сите си го поставуваат е врз основа на кои морални, политички, етички принципи Еленовски ја заслужи оваа функција платена неколку илјади евра, а уште повеќе како ќе ѝ заврши работа на Македонија кога толкав период не бил способен ни да си најде работа во Брисел?

Во што се претвора Владата, во завод за вработување на неспособните, непринципиелните, превртливите и како што се покажа неколкупати корумпираните, и свесна ли е каква порака им праќа на граѓаните и на сите оние што веруваа дека доаѓа време на промени во Македонија? Кому и за што треба да служи политичар дебело платен од граѓаните кој е подготвен во секој момент секому да му сврти грб само за да го задоволи својот основен личен интерес?

Со право јавноста преку социјалните медиуми повика да им се најде работа и на другите што му служеа на авторитарниот режим на Никола Груевски, а вака како што се носат одлуките можеби е подобро и поевтино да се врати самиот Груевски, бидејќи шансите да се случат позитивните промени се еднакви во моментов. Поедноставно кажано, која е разликата меѓу сегашната и претходната власт, ако кадри што служеа изминатите десет години сега повторно доаѓаат на функции.

Целата колумна на „Независен“ на следниот линк.