Гвардиола: Го почитуваме Јунајтед, но одиме во Лондон да го одбраниме трофејот

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола вели дека е пријатно изненаден од нивото на перформанси и концентрација на неговите играчи во последните денови пред утрешното финале на ФА Купот. „Граѓаните“ ги чека решавачка пресметка против градскиот ривал, а евентуален успех ќе им гарантира втор последователен „дубл“. Тој потврди дека сите играчи, освен Едерсон, се на располагање.

„Тоа е финалето на ФА Купот, „Вембли“, сите наши навивачи патуваат во Лондон, последен натпревар од сезоната и последен напор. Сите патуваат. Импресиониран сум од тоа колку добро трениравме во последните неколку дена, играчите беа многу фокусирани, сите сакаат да бидат вклучени во играта и сигурен сум дека ќе дадат се од себе. Никогаш досега не сме направиле два „дубли“ по ред. Некогаш, кога сте под притисок, вие работите подобро. Ова е сосема поинаков натпревар од оние во Премиер лигата, но ние одиме во Лондон да се претставиме добро и да го одбраниме трофејот“, ја објасни ситуацијата Каталонецот.

Гвардиола истакна дека особено внимавал на ситуацијата околу Манчестер Јунајтед и дека неговите играчи не треба да го потценуваат противникот поради неговата не особено добра сезона.

„Последниве неколку години работиме подобро од нив во Премиер лигата, особено оваа кампања и играчите го чувствуваат тоа. Конкретно им посочив на играчите дека ова е сосема поинаков тип на натпревар од првенството. Го почитуваме Јунајтед и нивната историја, но во последната деценија бевме подобриот тим. Не знам како се чувствуваат, не сум таму. Кога си во голем клуб како Манчестер Јунајтед или Манчестер Сити и не победуваш, си во неволја, тоа не е тајна. Многу ја почитувам работата на Тен Хаг во минатото и она што тој го правеше во Јунајтед. Немаа целосен состав цела сезона, имаа многу повреди. Тоа му направи многу проблеми на менаџерот“, изјави Гвардиола.

Слични содржини