По скандалот во 2016 година кога меѓу номинираните во главните категории за Оскарите немаше ниту едно име на афроамерикански филмски работници, а лани главна тема беше еднаквоста во плати меѓу мажите и жените во Холивуд, годинава сезоната неизбежно ќе ја одбележи скандалот со познатот продуцент Харви Вајнстин и низата обвиненија за сексуално вознемирување меѓу холивудските ѕвезди.

Кајли Смит од весникот „New York Post“ напиша колумна во која предлага да се откаже доделувањето на Оскарите и дека Холивуд ќе покаже вистинско каење ако се откаже од она што најмногу го сака.
А како воопшто би можеле да изгледаат годинашните Оскари закажани за 4 март?
„Секое појавување на детски филмски ѕвезди ќе ве тера да размислувате за обвинувањата за педофилија. Квентин Тарантино, Мет Дејмон, Џорџ Клуни и многу други се загрижени за нивните кариери бидејќи не реагираа на време за секс предаторот и наводен силувач Вајнстин со кој и самите имаат соработувано. Секоја жена која ќе излезе да држи говор ќе смета дека мора да зборува за неправдата во филмската индустрија, а сите со сомнеж ќе ги гледаат оние кои нема да зборуваат за тоа. Дали Кејси Афлек, минатогодишниот добитник на Оскар за најдобра машка улога, ќе може да го врачи Оскарот за најдобра актерка, а никој да не помисли за обвинувањата за сексуално малтретирање што подоцна завршија со спогодба со две колешки. Една од нив тврди дека ја силувал додека спиела“, пишува Смит.

Не е можна никаква друга алтернатива. Повеќе не е опција да се игнорира скандалот, како што му беше намерата на комичарот Џими Кимел.
Да се прават шеги на сметка на овие откритија исто така не е решение. Тоа само ќе ги потсети луѓето колку пати досега комичарите, од Сет Мекфарлен до Тина Феј, алудирале на овие недолични случувања во Холивуд, но без конкретни детали.
„Следното доделување на Оскарите мора да остави силен впечаток! Вистински Холивуд кој ќе ги спаси сите. А тука е и очигледното решение: Време е да ги откажеме Оскарите“, пишува Смит во колумната.