Хоти пред средбата со Вучиќ: Со Србија се среќаваме само заради меѓусебно признавање

од Vladimir Zorba

Премиерот на Косово, Авдулах Хоти вечерва изјави дека косовската делегација се среќава со Србија само заради меѓусебно признавање, пренесува „Клан Косова“.

Во ексклузивното интервју медиумот од Вашингтон, Хоти повтори дека меѓусебното признавање е единствената формула за нормализирање на односите, иако српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека доколку на прелиминарната билатерална средба се стави на маса прашањето за признавање на независноста на Косово, состанокот на 4 септември воопшто нема да се случи.

– Со Србија се среќаваме само заради меѓусебно признавање, не се состануваме за други работи. По совет на нашите меѓународни пријатели, во овој случај Соединетите Американски Држави, седиме да се договориме за агендата на економска соработка, но сè е во функција на нормализирање на односите, што значи и меѓусебно признавање – посочи Хоти.

Според него, не постои друга формула, која тие ја ставија јасно до знаење уште од првиот ден на работа на Владата на Косово.

– На самитот во Париз, како и во комуникацијата што ја имавме со главните центри во ЕУ, но и во САД, рековме дека меѓусебно признавање е единственото решение за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Верувам дека ваквиот пристап сега им е целосно јасен на нашите меѓународни пријатели – рече Хоти.

Слични содржини