На денешен ден 25 декември
– Христијаните кои се придржуваат на Грегоријанскиот календар денеска го слават Божик, роденденот на синот Божји – Исус Христос, еден од најрадосните христијански празници. Повеќето православни христијани Божик го слават на 7 јануари (25 декември според Јулијанскиот календар).
800.- Папата Лав Трети во Рим го круниса францускиот владетел Карло Велики за свет римски цар, а тоа беше титула на германските монарси до времето на Наполеон Први.
1066.- Во Вестминстерската катедрала во Лондон за англиски крал беше крунисан норманскиот војвода Вилијам Први Освојувачот.
1642.- Во Вулстроп е роден Исак Њутн, англиски физичар, астроном и математичар. Тој ги поставил темелите на класичната физика и на вишата математика, го открил природниот закон на општата гравитација, меѓусебното привлекување на сите сили, ги пронашол и основните принципи на механиката и трите основни закони за движењето, а го усовршил и телескопот. Умрел во Кенсинтон, на 20 март 1727 година и е погребан во Вестминстерската опатија, со што станал првиот научник удостоен со таква чест.
1688.- Во Франција пребега Џемјмс Втори, последниот англиски крал од династијата Стјуард, тргнат од престолот поради апсолутистичката политика и натурање на римокатоличката вера.
1721.- Роден е англискиот писател Вилјам Колинс, еден од најзначајните англиски лирски поети во 18. век. Дела „Вечер“, „Слобода“.
1741.- Шведскиот физичар Андрес Целзијус ја создаде скалата од 100 степени за мерење на температурата.
1870.- Родена е германската револуционерка Роза Луксембург, една од основачите на Социјалдемократската партија на Полска во 1893 година и на Комунистичката партија на Германија во 1918 година, и претставник на левото крило на Втората интернационала. По пропаѓањето на ноемвриската револуција во Германија во 1918 година, заедно со Карл Либкнехт биле стрелани. Напишала повеќе макрсистички теориски дела, вклучувајќи ја и „Акумулација на капиталот“.
1876.- Роден е пакистанскиот државник Мохамед Али Џин, основач и прв претседател на Пакистан кој заедно со Махатма Ганди и Џавахарл Нехру се бореа за независност на Индија од Велика Британија. Подоцна тој со нив влезе во конфликт бидејќи побара посебна муслиманска држава. Британија во 1947 година ги призна независноста на Индија и на муслиманската држава наречена Пакистан.
1877.- Во селото Мачуково, Гевгелиско, е роден Сава Михаилов – Савата, неуморен револуционер, организатор и доследен борец на македонското националноослободително движење кон крајот на 19. и почетокот на 20. vек. На 1 март 1905 година, во близина на Смол, на местото Голема Рудина, Гевгелиско, Михаилов го имал последниот оружен судир против турската војска. Откако му привршила муницијата, за да не падне жив во рацете на непријателот, се отрул.
1899.- Роден е американскиот филмски актер Хемфри Богарт, добитник на Оскар во 1951 годна за филмот „Африканска кралица“. Филмови: „Казабланка“, „Малтешки сокол“, „Длабок сон“, „Богатството на Сијера Мадре“, „`Ртот Ларго“, „Да имаш и да немаш“, „Босоногата контеса“, „Тежок пад“.
1903.- Во Софија излезе од печат книгата “За македонцките работи” од македонскио публицист и лингвист Крсте Петков Мисирков. Во неа Мисирков ја истакнува и ја заштитува националната индивидуалност на македонскиот народ и неговото право на самостоен културен и национален развој. На едно место во книгата пишува: “Македонците, како посебен словенски народ, што низ вековите ја делел судбината заедно со соседните словенски и несловенски народи, си имаат сопствена национална историја и култура”.
1911.- Во Чикаго е роден Борне Хогарт, илустратор на „Тарзан“. Умрел во Париз, на 28 јануари 1996 година.
1914.- Во Првата светска војна на Западниот фронт стапи на сила легендарното неофицијално „божикно примирје“, кога група британски и германски војници го откажаа пукањето, излегувајќи од рововите и сретнувајќи се на ничија територија помеѓу завојуваните страни.
1918.- Роден е египетскиот државник Анвар ел Садат, претседател на Египет од октомври 1976 до октомври 1981 година кога на воена парада во Каиро беше убиен од страна на исламски терористи, огорчени поради склучувањето мир со Израел.
1920.- Во Скопје е роден Јован Бошковски, македонски писател, книжевен и филмски критичар, преведувач и сценарист. Неговата збирка “Растрел” (1947) е прва македонска книга раскази. Други негови познати дела се: “Бегалци”, “Блокада”, “Луѓе и птици”, “Солунските атентатори”, и други. Автор е на сценаријата за филмовите “Солунските атентатори” и “Под исто небо”, а се појавува и како соработник на сценаријата за филмовите “Мементо”, и “Републиката во пламен”. Умрел кај селото Ерџелија, Светиниколско, на 10 ноември 1968 година.
1926.- Роден е Никола Солдатов, македонски новинар и тв-коментатор. Умрел во Сремска Каменица, на 3 ноември 1989 година.
1938.- Умре чешкиот писател Карел Чапек. Дела: „Бела болест“, „Мачни приказни“, „Разбојник“, „Метеор“, „Обичен живот“, „Патеписи од Италија“, „Патеписи од Англија“ и други.
1943.- Во Кавадарски е роден Зафир Хаџиманов – актер, поет, музички композитор и пејач. Поетски книги: „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пејач“, „Пес-Пејачка“ и „Брат“, објавени на македонски и на српски јазик. Играл главна улога во култниот македонски филм „Македонска крвава свадба“. Од бројните песни што ги испеал, најпознати се: „Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, Од љубов не се бега“ итн. Во 2007 година, Зафир Хаџиманов бил промовиран во почесен амбасадор на културата на Република Македонија во Република Србија.
1973.- Умре Исмет Имени, истакнат турски политичар, министер за надворешни работи, премиер и претседател на Република Турција. Беше долгогодишен соработник на Кемал Ататурк, „таткото“ на современа Турција. Во 1939 година ја основал Републиканската народна партија која ја предводел цели 33 години. Роден бил на 24 септември 1884 година.
1977.- Во швајцарскиот град Вевеј, на брегот на Женевското Езеро, умре Чарли Чаплин, најголем актер на немиот филм. Има снимено 75 краткометражни филмови, со кои ги пленил срцата на милиони гледачи во светот. Роден е во Лондон, на 16 април 1889 година.
1979.- Советски трупи влегоа во Авганистан, во прва воена интервенција на Советскиот Сојуз надвор од Варшавскиот пакт, а официјална Москва ова го објасни како интервенција со цел да се спречи граѓанската војна во земјата.
1983.- Умре каталонскиот сликар и вајар Хуан Миро, еден од најголемите надреалистички уметници. Студирал во родната Барселона, а од 1919 година живееше во Париз.
1989.- Сменетиот романски диктатор Николае Чаушеску и неговата жена Елена Чаушеску се стрелани во Трговиште по тајното и брзо судење.
1991.- Советскиот претседател Михаил Горбачов поднесе оставка. Од основањето на Советскиот Сојуз во 1922 година Горбачов беше седмиот (и последен) лидер на државата. Негови претходници биле Ленин, Сталин, Хрушчов, Брежњев, Андропов и Черњенко.
1995.- На парламентарните избори во Турција, победија исламистите од РЕФАХ (конзервативно-исламистичката партија за просперитет), на чело со лидерот на партијата Неџмедин Ербакан.
1995.- Во Беверли Хилс умре американскиот филмски актер, пејач и забавувач Дин Мартин, кој почетната слава ја стекна во тандем со комичарот Џери Луис со кого сними 18 филмови. Играл во многу вестерни и криминалистички филмови. Филмови: „Артисти и модели“, „Холивуд или пропаст“, „Рио Браво“. Роден бил во 1919 година.
1997.- На Куба за првпат по три децении јавно и свечено беше прославен Божик. Претседателот Фидел Кастро го прогласи тој ден за празник во чест на папата Јован Павле Втори кој наредниот месец ја посети Куба.
1997.- Во Лукано, Швајцарија, умре Џорџо Стрелер, основен и духовен водач на најпознатиот италијански театар „Пиколо“ во Милано, најпознат италијански режисер. Роден е во Трст, Варкола, на 14 август 1921 година.
2006.- Умре Џејмс Браун, еден од најуспешните американски пејачи на блуз. Во текот на својата 40-годишна кариера имал 98 хитови на листата на „Билборд топ 40“, што претставува се уште редок рекорд. Браун заедно со Присли и Дилан е најзначајната појава во музичката индустрија на САД во текот на последните 50 години./MIA