Хрватска: На вториот ден од користењето на еврото, полицијата предупредува на лажни банкноти

од Nikola Popovski

Во Хрватска, која влезе во Шенген зоната и го воведе еврото како валута, граѓаните забрзано менуваат куни, а полицијата апелира на внимателност поради можна појава на фалсификувани банкноти.

Полицијата посочува дека во земјите кои го вовеле еврото двојно е зголемен бројот на фалсификувани банкноти на пазарот, а најчесто фалсификувани се оние од 50 евра.

Со оглед дека Хрватска е туристичка земја, се очекува зголемување на бројот на фалсификувани евра на пазарот, како и на фалсификувани монети, пренесува „ХРТ“.

Тамошната полиција апелира граѓаните да вршат финансиски трансакции преку финансиските институции бидејќи тоа е најбезбедно, а напоменуваат дека можни се и казни во случај да добијат фалсификувани пари.

Во кафулињата, диско клубовите и маркетите најчесто се подметнуваат фалсификувани пари.

Во Европа месечно се откриваат во просек по 35.000 фалсификувани банкноти.

Секоја година во оптек се 420.000 такви, а најмногу се произведуваат во земјите од Југоисточна Европа.

Пропишаната казна за прекршителите е до десет години затвор.

Во Хрватска, која вчера влезе во Шенген и го воведе еврото како валута, куната како официјална валута се користи повеќе од 28 години, а до 14 јануари останува рамноправно платежно средство.

Слични содржини