Околу 10.000 луѓе во Кумровец ја прославија годишнината од раѓањето на Тито

од Nikola Popovski

Во Кумровец денеска беше одбележана 132-годишнината од раѓањето на поранешниот претседател на Југославија, Јосип Броз – Тито.

Како што пишуваат хрватските медиуми, на настанот присуствувале околу 10.000 луѓе, а претседателот на Сојузот на друштвото „Јосип Броз Тито“ им се заблагодарил на насобраните што дошле „да изразат најголема почит кон човекот кој се родил во овие планини“, пренесуваат тамошните медиуми.

Во Кумровец пристигнал и поранешниот хрватски претседател Стјепан Месиќ, кој собирот го нарекол „голема традиција“.

– Драго ми е што има многу млади луѓе и што луѓето се уште знаат да ја ценат улогата на Тито во историјата на нашата нација, бидејќи без него ќе беше сосема поинаку. Тој ни овозможи денеска да ги имаме овие процеси во овој дел од Европа, кажал Месиќ.

Во Кумровец од рано изутрина се слевале колони од обожаватели на Тито, најмногу од Истра, соседна Словенија и Босна и Херцеговина, пишува „Вечерњи лист“.

Денот на младоста беше еден од најголемите празници во Социјалистичка Федеративна Република Југоспавија, кој се одбележуваше на 25 мај, а се прославуваше од 1945 до 1988 година.

Овој празник беше поврзан со роденденот на доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито (1892-1980) и првите години се одбележуваше само како негов роденден, а во 1957 година на негова иницијатива е прогласен за Ден на младоста.

Главниот симбол на овој празник беше Штафетата на младоста, која се пренесуваше околу еден и пол месец низ целата територија на некогашна Југославија и на 25 мај му се предаваше на Тито на величествен слет, организиран на Стадионот ЈНА во Белград.

Слични содржини