🎥Напад на хипермаркет во Харков: „Голем број луѓе се исчезнати, има многу повредени“

од Nikola Popovski

Најмалку две лица загинаа, а 24 се повредени денеска во руски напад врз хипермаркет за градежни производи во Харков, вториот по големина град во Украина, каде во моментот на нападот можеше да има повеќе од 200 луѓе, изјавил претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

„Русија му зададе уште еден брутален удар на нашиот град Харков. Градежен хипермаркет денес, среде бел ден“, напишал Зеленски на Телеграм.

„Во моментов знаеме дека можеби имало повеќе од 200 луѓе во хипермаркетот. Сите служби се веќе на лице место за да помогнат во спасувањето на луѓето и гаснењето на пожарот“, додал тој.

Според регионалниот гувернер Олег Синегубов, најмалку две лица загинале, а 24 се повредени во овој напад извршен со употреба на две воздушни бомби.

„Голем број луѓе се исчезнати и има многу повредени“, соопштил градоначалникот на Харков, Игор Терехов.

Сликите објавени на украинските социјални мрежи покажуваат зграда од која излегува огромен црн чад. Според властите, горат од 10.000 до 15.000 квадратни метри магацински и продажен простор.

Зеленски уште еднаш ги повикал западните сојузници да обезбедат повеќе системи за воздушна одбрана на Украина.

„Доколку Украина имаше доволно системи за противвоздушна одбрана и модерни борбени авиони, таквите руски напади немаше да бидат можни“, додал тој.

Градот Харков, кој пред војната имаше 1,5 милиони жители и се наоѓа во близина на руската граница во североисточна Украина, редовно е на мета на руските сили.

Слични содржини