Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција најави дека денеска на премиерот и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети ќе им го соопшти новиот кандидат за технички министер за внатрешни работи.
Името не сакаше да го открие, само кажа дека се работи за непартиски професионален кандидат, за кого се надева дека ќе биде прифатлив за власта и со што утре би можело да се констатираат оставките на премиерот Зоран Заев, но и на вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој ќе биде технички премиер, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која пак ќе биде вицепремиерка за економски прашања, но и на пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска – Стојковски, која ќе биде дополнителен заменик министер во Министерството за информатичка технологија и администрација. Мицкоски кажа дека откако ќе се договори со Заев и Ахмети, ќе соопшти кој ќе раководи со МВР, што според него би требало да биде до 17 часот попладнево.
Освен седницата за констатирање на оставките, собранискиот спикер Талат Џафери треба да закаже и уште една седница, на која овие, но и останатите кадри од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат свечена заклетва и ќе бидат избрани во техничката влада, со што ќе почнат да се одбројуваат сто дена до предвремените парламентарни избори кои излегоа како исход од недобивањето датум за преговори на Северна Македонија со Европската Унија.
Техничката влада ќе биде по примерот на онаа од 2016 година, кога Оливер Спасовски беше министер за внатрешни работи, Фросина Ременски министерка за труд и социјална политика, Кире Наумов беше дополнителен заменик министер за финансии, Александар Кирацовски дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски, кој беше дополнителен заменик министер за земјоделство, водостопанство и шумарство.
Инаку техничката влада предводена од Емил Димитриев, која всушност беше прва од таков вид траеше повеќе од една година, наместо договорените 100 дена, бидејќи имаше одложување на изборите. ВМРО-ДПМНЕ тогаш ги разреши министрите и замениците од СДСМ, па продолжи да си функционира практично како полтиичка влада, со единствена разлика што Димитриев остана премиер. Сто дена пред избори, кадрите предложени од СДСМ повторно беа вратени на функциите кои ги добија со техничката Влада согласно договорот од Пржино.
Таканаречената Пржинска влада има за цел спроведување на фер и кредибилни избори, кои би биле прифатени од сите партии бидејќи во нивните подготовки учествува и најголемата опозициона партија. Првата техничка влада дојде како резултат на договорот од Пржино, кој пак дојде по барањето за предврмени парламентарни избори, а откако премиерот Зоран Заев како тогашен лидер на опозицијата почна да ги објавува нелегално прислушуваните материи, од кои произлегоа голем број обвиненија и истраги за претходната власт.
Александар Тодески