Интерен договор меѓу највисоките ешалони на власта или вистинска борба против корупцијата: Кој „го врати“ Груби во Македонија?

„Предолго сме сведоци на гласни најави и спектакли, а премалку на правосилни завршници“: Има ли политички договор за враќање на Груби?

од Nikola Popovski
56 прегледи Фото: Фејсбук

Откако утрово околу 6 часот на граничниот премин „Блаце“ беше уапсен поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, тој е однесен во истражниот затвор Шутка, откако во отсуство му беше одреден 30-дневен притвор. Се товари за кривично дело „проневера во службата“ во Државна лотарија, каде заедно со екс-директорот на „Лотарија“, Перпарим Бајрами се осомничени дека нарачале апарати и проневериле пари. Дел од јавноста е зачудена поради причините за „враќањето“ на Груби, со оглед дека 14 месеци беше во бегство.

Се поставува дилемата околу евентуален „политички договор“. За поранешниот пратеник и аналитичар на политичките состојби во Македонија, Зуди Џелили, случајот со приведувањето на Груби покажува дека во Македонија , очигледно, сè е можно.

-Ако во минатото можеше да избега премиер, зошто да не можел и заменик-премиер, кој сепак доброволно се вратил. За враќањето на Груби ќе се зборува многу во наредните денови. Очекувано е и Јавното обвинителство да се произнесе за мотивите и околностите на овој чекор. Можно е тој да се чувствува невин, но останува впечатокот дека се избегна институционална „еуфорија“ и спектакуларни постапки кои обично се резервирани за политички атрактивни случаи. Јавноста, сепак, има право на одговори, вели Џелили за „Локално“.

Зуди Џелили/Фото: Принтскрин

Како што истакнува, како општество предолго сме сведоци на гласни најави и спектакли, а премалку на правосилни завршници.

-Без јасен правен епилог, секој нов случај ризикува да стане уште една приказна без разрешница, бидејќи претежно ваквите афери се политички мотивирани и имат политичка позадини, наместо доказ дека системот функционира, оценува соговорникот.

Поучени од минатото и случаи при кои функционери избегнуваат одење во затвор, околу тоа дали можеби Груби може да очекува и да се надева на застарување на делата по примерот на екс-директорот на ДБК, Сашо Мијалков и останати, Џелили одговара дека токму случаите од минатото ни се како пример.

-Кога можеше Мијалков и многу други функционери како него, да ги избегнуват последиците од судски пресуди, зашто правдата би била селективна. Токму ваквите случаи од минатото денес служат како преседан во јавната перцепција. Кога можеше Мијалков, како и многу други функционери, да ги избегнат последиците од судските постапки, се наметнува дилемата дали правдата се применува еднакво за сите или постои ризик од селективност, посочува поранешниот пратеник.

Од друга страна, дел од јавноста оценува дека малку е веројатно како поранешниот вицепремиер од редовите на ДУИ доброволно заради некаква борба против корупцијата со презумпција на невиност, своеволно се ,,предал” на македонските власти со цел да се расчисти целосно неговиот случај за инкриминираност во тешка корупција. Политичкиот аналитича, Благојче Атанасоски повеќе смета дека е интерен договор на највисоките ешалони на власта, одредени политички,судски па и други центри на моќ, Груби да оди како „жртвено јагне во очите на јавноста“ , а во замена да има политички договор под маса, за реализирање на нечии многу повисоки партиски и политички интереси. Според соговорникот, какви ќе бидат тие, времето ќе покаже.

Благојче Атанасоски-Фото: Фејсбук/Принтскрин/Алсат Тв

Соговорникот се согласува околу тоа дека Груби може да очекува и да се надева на застарување на делата по примерот на Мијалков. Порачува дека во оваа држава одговорност за висока корупција и криминал за висок профил на политичари е мисловна именка.

-Оттука ќе биде многу интересно да се следи неговиот правосуден процес за да видиме како истиот ќе заврши- дали со застарување на делата или пак со осудителна пресуда. Сепак, да не заборавиме, истиот е ставен на американската црна листа осомничен за трговија со влијание во судски случаи од највисок маштаб, но и инкриминираност за корупција од висок степен, вели Атанасоски во изјава за „Локално“.

Според Обвинителството, предметот за Груби и Бајрами опфаќа одлуки и договори за кои постои сомнеж дека ѝ нанеле значителна финансиска штета на институцијата, проценета на околу 500 милиони денари, односно над осум милиони евра.

Во декември 2024 година беше ставен на т.н. „црна листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. Набргу потоа тој се повлече од јавниот живот и покрај неговите тврдења дека е „чист како солза“, а откако Обвинителството отвори истрага за случајот со проневери во „ Државна лотарија“, во кој беше осомничен и Груби, тој побегна од државата. Тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските, ќе се врати дома.

„Почитувани, денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство“, објави поранешниот владин функционер на 15-ти декември 2024 година.

На 17 декември Кривичниот суд им одреди триесетдневен притвор на Груби и Бајрами, по што беше издадена национална, а потоа и меѓународна потерница.

Н.П.