Интервју со Ѓорѓиевски: Ситуацијата до која е доведен нашиот главен град бара итни и драстични мерки

од Vladimir Zorba
234 прегледи

Во исчекување на најавената финансиска подршка од 100 милиони евра за општините, градоначалникот на Кисела вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски е меѓу најподготвените, со целосно изработена документација за голем број капитални проекти  за чија реализација, како што вели за Локално,  се потребни  поголеми финансиски средства.

Запознат со ситуацијата на теренот каде одредени општини постојано се „дават“ во долгови, додека останатите се трудат домаќински да работат, како подеднакво позитивен чекор напред во менувањето на работите го посочува и  неодамна потпишаниот Меморандум меѓу Владата и ЗЕЛС, како и предложените решенија во Законот за јавна администрација.  Додека првиот документ ја означува определбата за поголем обем на децентрализација на власта и јакнење на финансиската стабилност на општините, вториот треба да исполни некои од нивните  долгогодишни барања.

„Очекувам дека ќе бидат усвоени долгогодишните барања на општините за изедачување на правата на административните службеници вработени во општините и оние во министерствата, дека нема да се врши дискриминација во однос на платите и правата. На овој начин ќе спречиме стручните и квалитетни кадри да заминуваат од работните места во општините, што е услов за квалитетно работење на единиците на локалната самоуправа“, вели Ѓорѓиевски.

Во средина во која е исклучително тешко да се изгради позитивна слика, а уште потешко таа да се задржи, успеавте да се наметнете како градоначалник кој успева да направи промена. Колку е важна подршката на централната власт, и генерално колкав е “маневарскиот простор’’во контекст на хроничен недостиг на пари, но и политички калкулации?

-Функцијата на градоначалник ја презедов во момент кога општината се соочуваше со сериозен финансиски предизвик, со наследен долг од 3 милиони евра. Во такви услови, беше потребно многу внимателно планирање и рационално менаџирање за да можеме да ги реализираме програмските цели. За неполни три години, успеавме да оствариме 90% реализација на програмата, што покажува дека со вистински пристап и посветеност, дури и во тешки околности може да се постигне многу. Секако, поддршката од централната власт е од клучно значење, посебно кога имаш големи идеи и сериозна визија за тоа како сакаш да игледа општината која ја управуваш. Со промената на власта и нејзиното потпишување на меморандум за соработка со ЗЕЛСшто во минатото беше само мисловна именка и чекор кој општините го бараа и чекаа со децении, веднаш се создадоа нови можности и се нудат финансиски средства кои значат уште поголема поддршка за општините. Ова ни овозможува поголем маневарски простор и за развојни проекти за унапредување на квалитетот на животот на нашите граѓани. Но, најважното е што граѓаните го препознаваат и го вреднуваат нашиот труд. Нивната поддршка е мотивот кој не води напред, а со сега обезбедената поддршка од централната власт, ќе имаме можност да ја засилиме динамиката на промените и да создадеме уште подобри услови за живот во општина Кисела Вода.

По пожарот во Расадник изјавивте дека никој веќе нема да може да гради без план на опожарени површини. Ваквата пракса е јавна тајна со години, но како навистина да и се стави крај во услови на континуирани притисоци на приватните градежници кои многу често се во симбиоза со политичките моќници?

-Да, по пожарот во Расадник јас јасно изјавив дека никој нема да може да гради на опожарени површини без соодветен план и ова е принцип што стои зад целокупната наша работа во изминатите години. Процесот за креирање на идејно решение за донесување на Детален урбанистички план за Расадник преку Меѓународен конкурс е доказ за тоа. Од претходниот градоначалник, наследив готови документи кои во Расадник предвидуваа изградба на 99 нови згради, односно целосна бетонизација на овој дел од нашиот град, нешто што беше неприфатливо за жителите и за мене како градоначалник.

Веднаш по моето доаѓање на градоначалничката позиција го спречив донесувањето на штетниот ДУП и наместо тоа одлучив да распишеме Меѓународен конкурс за идејно решение, во кој активно учествуваа граѓаните и целокупната стручна јавност. Ова беше втор ваков меѓународен конкурс во историјата на Скопје, по земјотресот, и резултираше со квалитетни решенија од светски реномирани архитектиМеѓународниот конкурс, како мерка за транспарентност и квалитет, е нешто што треба да го применуваат сите институции. Тоа е начин како да се стави крај на притисоците од градежната мафија и на влијанијата кои доаѓаат од разни политички и економски кругови. Комисијата која ги оценуваше проектите имаше меѓународен состав, и одлуката за доделување на две први награди беше професионална и непристрасна. Едно од клучните барања во овој процес беше да се обезбеди 10 хектари градска шума во овој дел од градот, нешто што е исклучително важно за нашиот квалитет на живот. Обвинувањата и инсинуациите кои дојдоа од политички опоненти, од политичка опција која предвидуваше 99 висококатници во Расадник, дека пожарот е начин за отворање пат за нова бетонизација се дрски, апсурдни и смешни. Идејното решение кое го избравме преку конкурсот е нашата иднина и нема да дозволам никакви притисоци, било од градежната мафија или од политички моќници, да го променат тој пат. Ќе потсетам и на тоа дека  како градоначалник, со одлука веќе спречив градба на згради во Црниче и Пржино, и покрај сите притисоци со кои се соочив.

Останувам доследен на своите ветувања – Кисела Вода да биде квалитетно и хумано место за живеење. Ние веќе покажавме дека кога има политичка волја и решителност, може да се стави крај на лошите практики кои се толерирале со години.

По идејата на ЗЕЛС-да се одземат надлежностите на скопската градоначалничка, останува дилемата за законските опции кои стојат на располагање ?

-Во однос на ова прашање на располагање се повеќе опции. Впрочем, во минатите три години бевме сведоци за oдземање на ингеренции на градоначалниците предложени од ВМРО ДПМНЕ. Пристапот на новата Влада е да се проба да се исцрпат сите демократски и законски средства со цел да профункционира институцијата и како последна мерка да е одземање на ингеренциите. Ние, како градоначалници од Скопје го истакнавме нашето барање, кое да потсетам, беше прифатено и се отвори дијалог помеѓу Владата и Градот Скопје. Како што е општо познато, Советот на Град Скопје ги изгласа бараните програми во делот на јавната чистота и сега сите сме во исчекување да ги видиме ветените резултати. Ние како градоначалници на општините во Градот Скопје поучени од работењето на Градот Скопје изминатите 3 години, знаеме дека нема да има подобрување во давањето на комунални услуги на градот Скопје кон граѓаните и на крајот ќе дојде до одземање на надлежностите на Градот Скопје во делот на јавната чистота, макар и со промена во законската легислатива, но истовремено ја почитуваме определбата на Владата да ги искористи сите демократски и законски средства со цел да профункционира градот Скопје.

Во Вас препознаваат сериозен кандидат кој може да ја замени Арсовска. Колку остана од некогашното Скопје ако се има предвид степенот на оштетување, особено на  централното градско подрачје кое наместо да биде најрепрезентативно е целосно уништено, со искршени плочки, канделабри вон функција, неосветлени мостови…?

-Состојбата што ја затекнав во општина Кисела Вода кога станав градоначалник не беше воопшто светла и оптимистична. Веќе говорев за наследениот долг од 3 милиони евра, а наспроти потрошените пари стоеше сликата со дотраената патна инфраструктура која со децении никој не ја обновил, цели населби во кои во 21 век се нема вода за пиење, фекална и атмосферска канализација, преполни листи на чекање во градинките, огромен недостиг од зеленило и спортско-рекреативни центри. Сработеното во овој период што е зад нас говори дека ништо не е невозможно кога се има силна волја и добри менаџерки способности. Би ја додал и главната, тајна состојка-треба да ја сакаш својата општина со целото срце и на неа да се посветиш како на свој дом. Да се биде на чело на главниот град е голема привилегија, чест и одговорност. Бара посветеност и постојана комуникација со граѓаните, со жителите кои изворно те информираат за проблемите, а честопати и нудат решенија. За мене е голем комплимент што граѓаните ме споменуваат како можен иден татко на главниот град иако има уште доста време до изборниот процес. Како жител на Скопје, сериозно сум загрижен за она што во моментов му се случува на нашиот главен град и посакувам идниот градоначалник, кој и да биде тој, пред се да го сака Скопје и да го вложи секој миг од своето време во санирање на штетите што му се нанесени во изминатиот период, а потоа и посветено да работи на негово издигнување како метропола.

Основна забелешка на градоначалниците е дека јавните комунални претпријатија се нефункционални поради што побараа одземање на нивните ингеренции и предавање на обврските на општините. Дали и како може да се изврши оваа трансформација, но што и во случаите каде на чело на општините се целосно несоодветни луѓе?

-Ситуацијата до која е доведен нашиот главен град бара итни и драстични мерки. Негрижата и неработењето на јавните претпријатија резултираа со преполни контејнери, наталожен отпад насекаде, создадени депонии низ главниот град на државата на летни температури од над 40 степени, пукнати водоводни цевки кои со месеци никој не ги санира, јавен сообраќај кој е доведен во колапс…  Како градоначалници, преплавени сме од поплаки, од барања ние да направиме нешто кога веќе Градот Скопје не се грижи. По долго апелирање, милион барања до претпријатијата и Градот Скопје кој е надлежен за нивната (не)работа, поднесовме и кривични пријави до претпријатијата, а како финално, едногласно, сите градоначалници од Град Скопје, одлучивме да побараме одземање на ингеренциите на ЈП Комунална Хигиена и Паркови и зеленило и од Град Скопје и нивно предавање на централната власт, односно на Владата. Предлогот, кој го поддржаа сите градоначалници, е назначување на владин претставник кој ќе го управува претпријатието, а потоа и целосно расформирање на истото. Вработените и механизацијата да бидат распределени на општините, кои сами ќе се грижат за хигиената во своите заедници. Сите ние, како градоначалници сме избрани на избори од страна на мнозинството граѓани и тие ни ја дале довербата да располагаме со нивните приоритети, проекти, средства… Некој е поумешен, некој помалку умешен, но самиот факт што без разлика на политичката, етничката припадност, застанавме сите заедно за да кажеме СТОП на анархијата што се случува во јавните претпријатија кои се под капа на Градот Скопје, говори за волја да се направи нешто добро за својата општина и за своите граѓани.

Колку општини имаат блокирани сметки, од кого и колку пари должат? Како функционираат без пари и до кога ќе трае праксата на зависност од централниот буџет кој на одреден начин ги “амнестира’’ градочачалниците кои ги оставаат касите во длабок минус?

-Дел од општините имаат огромни долгови, но голем дел покажаа пример на домаќинско работење со буџетот. Сакам да потсетам дека на 13 август, 2024 година се потпиша нов Меморандум за соработка меѓу Владата на Република Македонија и ЗЕЛС. Во новиот Меморандум за соработка меѓу Владата и ЗЕЛС се ревидирани политиките на натамошно заедничко дејствување за јакнење на локалната самоуправа, односно се дефинирани формите и начините на идната соработка како и приоритетите за развојот на системот на локалната власт. Со Меморандумот, Владата и ЗЕЛС заеднички ја изразија својата согласност и определба да спроведат поголем обем на децентрализација на власта и јакнење на финансиската стабилност на единиците на локална самоуправа. Двете страни се обврзуваат да се придржуваат кон воспоставувањето на практика на одржување на редовни заеднички седници, на кои ќе се вршат консултации за прогресот на децентрализацијата и за тековните приоритетни прашања од локално значење, со што ќе се обезбеди поголема ефикасност во укажувањето на предизвиците со кои се соочуваат општините. Ќе се организираат годишни буџетски преговори помеѓу ЗЕЛС и Министерството за финансии, каде на транспарентен начин ќе се усогласуваат ставовите, потребите и можностите на централната и на локалната власт. При тоа и општините се обврзуваат дека во целост ќе ги исполнат своите обврски и дека ажурно ќе ги собираат своите даноци.

Делот кој се однесува на општините секако дека ке биде исполнет во целост штом се создадат законските претпоставки кои ги бара ЗЕЛС многу годинини наназад, како на пример, за бесплатна достапност на податоците на катастарот со цел доследно спороведување на Законот за даноците на имот, изедначување на локалната со даночната администрација на централната власт итн…

Кога општините ќе го добијат првиот дел од  ветените 250 милиони евра и до каде е процесот?

-Владата го објави јавниот повик за доделување пари на општините за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините. До крајот на годинава на располагање од централниот буџет се ставаат 100 милиони евра, а вкупно од државниот буџет за развој и подобрување на условите ќе бидат дадени 250 милиони евра. Како што беше соопштено до страна на Владата, општините можат да аплицираат до крајот на месец септември кога ќе се врши и евалузација, а потоа ќе биде донесена одлука кои од капиталните проекти со кои ќе се аплицира, ќе бидат одобрени од Владата. Кисела Вода е целосно подготвена за  овој процес и им подготвено повеќе капитални проекти за чија реализација се потребни поголеми финансиски средства.

Какви измени нудат предлог законите за јавна администрација во делот на политички злоупотреби, неатрактивни плати, партизиран кадар во општините?

-Во поглед на Законот за јавна администрација, морам да истакнам дека ми е многу драго што на заедничка маса со централната власт дискутираме околу содржината на предлог законот, бидејќи ние како градоначалници и општинската администрација сме директно засегнати. Ова само по себе е многу важно бидејќи досега и покрај сите наши обиди на претходната  Влада да укажеме за некакви несдоледности и неправилности во предлог законот. Во секој случај, очекувам дека ќе бидат усвоени долгогодишните барања на општините за изедачување на правата на административните службеници вработени во општините и оние во министерствата, дека нема да се врши дискриминација во однос на платите и правата. На овој начин ќе спречиме стручните и квалитетни кадри да заминуваат од работните места во општините, што е услов за квалитетно работење на единиците на локалната самоуправа.

 Зошто Скопје не може по примерот на други градови, како на пример Загреб, да дојде до европски пари? ЕИБ ќе инвестира во Загреб 205 милиони евра благодарение на инвестицискиот рејтинг.

-На Скопје му се неопходни темелни промени. Инвестицискиот рејтинг се подобрува преку подобрување на бизнис климата, преку мерки, соработка со граѓаните и бизнис заедницата, преку создавање на атмосфера во која ќе се чувствува сигурност. Пред се, потребна е огромна транспарентност во работењето која ќе креира доверба кај инвеститорите.

К.В.С.

Слични содржини