ИНТЕРВЈУ со Грковска: Правдата треба да биде еднаква за сите – без разлика дали се политичари или бизнисмени кои што сметаат дека со пари може да се купи сé

од Vladimir Zorba

Спрегата меѓу политичките мрежи и правосудниот систем е реална и ние гласно зборуваме за тоа и преземаме мерки за таа да се надмине. Веќе кажав дека нема да бидам политички коректна и дека ја споделувам разочараноста со граѓаните кои со право очекуваат правдата да биде еднаква за сите, без разлика дали се сиромашни или богати, дали се политичари или бизнисмени кои што сметаат дека со пари може да се купи сé, вели во интервју за „Локално“ Славица Грковска, заменчиката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење во контекст на изјавата на в.д. амбасадорот на САД во земјава, Ерик Мејер минатата недела дека С. Македонија „мора да најде начин да ги разбие заднинските политички мрежи кои овозможуваат цветање на корупцијата“.

На прашањето дали има волја за промена, веи дека со самиот факт што, за прв пат од независноста на државата, е формиран Кабинет за политики за добро владеење и со податокот дека мојата работа повеќе е насочена кон самите институции на Владата и кон избраните и именуваните функционери е јасен показател дека волја постои.

– Дали е лесно? Секако дека не е. Дали има отпор кај некои функционери? Да, има. Дали може да има промени преку ноќ? Секако дека не, тоа e процес кој треба да го промени системот кој долги години бил поткопуван од внатре, истакнува Грковска.

За тоа дали„балансерот“ е добро осмислена алатка за идно вработување во јавната администрација поцочи дека како поминува времето, како се зголемуваат злоупотребите на балансерот, очигледно е дека тој веќе ја има завршено својата улога.

-Сметам дека треба да се најде модул којшто повеќе одговара на сегашните околности. Северна Македонија во моментот е во фаза во која е потребен многу поголем квалитет и професионализам кај јавната администрација, истакнува Грковска во интервјуто.

В.д. амбасадорот на САД во земјава, Ерик Мејер минатата недела порача дека С. Македонија „мора да најде начин да ги разбие заднинските политички мрежи кои овозможуваат цветање на корупцијата“. Ваш коментар на овие тврдења од еден од нашите најважни стратешки партнери?

-Изјавата на в.д. амбасадорот на САД г-дин Мејер е во целосен контекст на позициите и на делувањето на Владата на Република Северна Македонија и на мојот Кабинет. Спрегата меѓу политичките мрежи и правосудниот систем, на пример, е реална и ние гласно зборуваме за тоа и преземаме мерки за таа да се надмине. Во тој контекст, беше и тркалезната маса што неодамна ја организирав на тема „(Зло)Употреба на институтот спогодување за вина“, на која беше присутен министерот за правда Тупанчески, како и судии, обвинители, експерти, невладиниот сектор. На оваа тркалезна маса отворено зборувавме за спогодувањата со обвинетите, кои со право предизвикаа револт кај граѓаните, но и сомнеж дека постои злоупотреба.

Јас и таму отворено кажав дека нема да бидам политички коректна и дека ја споделувам разочараноста со граѓаните кои со право очекуваат правдата да биде еднаква за сите, без разлика дали се сиромашни или богати, дали се политичари или бизнисмени кои што сметаат дека со пари може да се купи сé.

Мојата филозофија на работење е дека сите ние ја споделуваме одговорноста за состојбите во државата, секој во својата област. Независноста на институциите, која доаѓа од законите и Уставот треба да биде дополнителна одговорност, а не да се користи како параван за самоволие, без да се води грижа како тоа ќе се рефлектира и какви последици ќе има на целото општество.

Додава и дека мора да постои вистинска политичка волја за да се запре ова. Постои ли таква?

-Со самиот факт што, за прв пат од независноста на државата, е формиран Кабинет за политики за добро владеење и со податокот дека мојата работа повеќе е насочена кон самите институции на Владата и кон избраните и именуваните функционери е јасен показател дека волја постои. Дали е лесно? Секако дека не е. Дали има отпор кај некои функционери? Да, има. Дали може да има промени преку ноќ? Секако дека не, тоа e процес кој треба да го промени системот кој долги години бил поткопуван од внатре.

Но, со самото тоа што отворено зборуваме во јавноста, со самиот факт дека ја унапредуваме транспарентноста, бараме поголема отчетност од институциите, со податокот дека денеска имаме судски постапки против функционери кои биле именувани од оваа Влада е јасен показател дека има придвижување. Не чека уште многу работа, но верувам дека сме на вистинскиот пат.

Повеќе од осум месеци сте заменик-претседателка на Владата задолжена за политики и добро владеење. Има ли напредок во борбата против корупцијата за овој период и што точно имате преземено во таа насока?

-Работата на мојот Кабинет почива на Планот за политики за добро владеење, кој во основа е дефиниран од три столба. Тоа се дигитална трансформација на општеството, транспарентно и ефикасно функционирање на институциите и креирање на антикорупциски политики. Навидум овие области делуваат како посебни, но тие се испреплетени и подеднакво важни за добро функционирање на системот. Паралелната реализација на сите овие три столба доведува до зајакнување на борбата против корупција.

Прво што направив, веднаш по преземањето на функцијата, е да обезбедам директна и редовна координација со клучните институции, како што се Државната комисија за спречување на корупцијата, Инспекцискиот совет и сите инспекциски служби, Државниот завод за ревизија, Бирото за јавни набавки но и невладините организации со кои имаме редовна и континуирана соработка. Целта е заеднички да обезбедиме поефикасни механизми за справување на корупцијата и да ги унапредиме институциите во таа смисла.

Еден од првите чекори беше да ги задолжиме сите институции да креираат посебни табови на своите веб-страници, на кои ќе ги има сите информации за јавните набавки што ги спроведуваат. Ја следиме имплементацијата на забелешките во ревизорските извештаи за институциите, со што ги поправаме утврдените слабости од страна на ДЗР. Преземаме активности за измена на Законот за спорт во делот на ваучер системот, каде е утврдено дека во најголем дел државните пари се трошат на нетранспарентен начин и нема никаква отчетност. Во соработка со УСАИД обезбедивме обуки за над 140 избрани и именувани функционери, а околу 120 ги пополнија тесовите за интегритет. Го следиме спроведувањето на Етичкиот кодекс за членовите на Владата и за другите фунционери именувани од Владата.

Посебно внимание посветуваме на младите, со кои разговараме за интегритетот, но и за промените кои зависат од секој од нас поединечно. Направивме анализа на дел од услугите што ги даваат Управата за водење на матична евиденција, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за здравство, Министерството за внатрешни работи со цел да утврдиме поефикасни услуги, односно поедноставен начин до кој граѓаните би доаѓале до одредени документи. Преземаме и низа други активности, кои навистина не можат да се образложат во едно прашање.

Колку, според вас, се менува свеста кај граѓаните околу корупцијата? Зголемен ли е бројот на пријави коишто ги поднесуваат граѓаните?

-Мене ме радува што и последните истражувања покажуваат дека граѓаните се помалку имаат толеранција кон корупцијата, реагираат на оваа појава и се обраќаат и директно до нас, иако ние во основа не сме истражен орган и немаме таква надлежност.  До Кабинетот до сега се пристигнати вкупно 73 предмети, од кои 23 се претставки, коишто ние сме ги проследиле до други институции. На пример, имаме шест претставки доставено до МВР, три претставки до Инспекторати, две до Судски совет, Јавно обвинителство, Комора на извршители, Агенција за млади и спорт, Агенција за иселеништво, Царинска управа…

До нас стигнуваат дописи од граѓани, кои реагираат на одредени појави во општеството, на работата на одредени функционери. Кога ќе добиеме одредена издржана документација која укажува на можна злоупотреба на функцијата, прекршување на одредени норми и правила, мојот Кабинет без разлика за кого станува збор, ние го проследуваме до соодветните институции за да постапат согласно нивните ингеренции. Значи, ние немаме ингеренција да постапуваме, но, го следиме прогресот на преставките и на тој начин обезбедуваме предметите да не бидат „заборавани“ во фиока.

Тоа за мене е сигнал дека граѓаните имаат верба дека овој Кабинет непристрасно си ја врши работата. На почетокот, кога не беше се уште јасно што точно практично ќе работиме, имаше впечаток дека јас треба веднаш и да осудам некого, да санкционирам, но ние немаме таква можност, ниту Уставна ниту законска. Но, тоа што е важно, е дека од сите дописи што ги добиваме, од сите реакции од граѓаните, како и од соработката со другите институции и невладиниот сектор, е што се информираме за одредени проблеми и партнерски бараме начини како да се надминат.

„Транспарентноста на институциите е клучна во искоренувањето на корупцијата“, велите самата. Кога граѓаните конечно ќе имаат прецизен увид како се трошат јавните пари и какви одлуки се носат во нивно име?

-Транспарентноста на институциите е клучен елемент на одговорна и отчетна власт. Со мојот Кабинет и во соработка со Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и со Центарот за управување со промени работиме на Насоките за значајно зголемување на транспарентноста на институциите, буквално отворање на институциите, што автоматски значи зајакнување на контролата врз нивното рабоење од страна на граѓанскиот сектор, медиумите и граѓаните воопшто. Побаравме од сите иматели на информации, вкупно 1445, да направат листа на најчесто побарувани податоци согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Анализата е веќе подготвена. Можам да кажам дека е долг списокот на информации коишто ги бараат граѓаните. Предмет на интерес се прашања од сите сфери- за јавните набавки, вработувања, начинот на исплата на плати, концесии итн.

Нашата цел сега е да ги селектираме најбараните информации по категории и да ги задолжиме институциите да ги објавуваат редовно, без да има потреба граѓаните да поднесуваат за тоа Барање и да го чекаат законскиот рок од 20 дена.

Изготвивме еден список на информации, во моментот течат консултации со дел од институциите, по што понатаму преку Информација која јас ќе ја доставам до Владата, институциите ќе бидат задолжени да ги нобјавуваат овие информации на нивните веб-страници.

На овој начин информациите ќе бидат јавни, полесно достапни, односно доволна ќе биде само посета на официјалната веб страница на конкретната институција, наместо да се постапува по предвидената законска процедура која најчесто одзема многу време.

Оваа мерка е само преоден чекор кон крајната цел што треба да ја постигнеме, а тоа е создавање на законски услови за целосно отворање на институции, односно сите информации да бидат достапни за јавноста освен оние што имаат карактер на класифицирани информации.

Затоа што институциите имаат обврска да бидат одговорни, транспарентни и отчетни и во секој момент да даваат извештај за своето работење, а особено за тоа како ги трошат парите од Буџетот

Дали „балансерот“ е добро осмислена алатка за идно вработување во јавната администрација? ЕУ вели дека треба да имаме мала но ефикасна администрација, но секојдневно читаме информации за постапување сосема спротивно и нови вработувања…

-Во однос на балансерот како алатка, морам да нагласам дека во еден период, особено по Охридскиот рамковен договор, балансерот, односно принципот на соодветна и правична застапеност одигра важна улога и на многумина им даде шанса да бидат вработени во јавната администрација. Меѓутоа, како поминува времето, како се зголемуваат злоупотребите на балансерот, очигледно е дека тој веќе ја има завршено својата улога.Сметам дека треба да се најде модул којшто повеќе одговара на сегашните околности. Северна Македонија во моментот е во фаза во која е потребен многу поголем квалитет и професионализам кај јавната администрација.

Го почнуваме процесот за преговори со Европската Унија, скринингот ќе ги покаже сите слабости и ние едноставно ќе мора да преземаме мерки што ќе бидат болни за општеството, поради тоа што скринингот ќе биде брутално реален. Никој нас нема да не штеди во овој процес

Работата на Државната комисија за спречување на корупција, се чини, е една од посветлите точки во борбата со оваа појава. Како ја оценувате досегашната работа и треба ли да се подобрат капацитети и да се зголеми буџетот за истата?

-Со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) имаме тесна и би кажала одлична соработка. Оваа Комисија има клучна улога во државата во однос на борбата против корупцијата и детектирање на слабостите во системот. ДКСК има сериозна поддршка од мојот Кабинет и од Владата секако. И покрај економската и задравствената криза, нивниот Буџет бележи континуиран раст, на пример во 2020 година беше речиси 34 милиони денари, во 2021 година над 46.5 милиони денари, додека за оваа година е над 56.6 милиони денари. Значи зборуваме за зголемување од 68 проценти споредено со 2020 година. Секако има зголемување и на кадровскиот потенцијал кој, во однос на 2020 година е зголемен за над 90 проценти.

Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, предвидено е Државната комисија да има пристап до електронските бази на податоци на 17 институции од кои електронски ќе се обезбедуваат податоците потребни за проверка на имотната состојба и интересите. Значи ДКСК треба што е можно побрзо да започне со примена на софтверското решение со што во борбата против корупцијата би биле поефикасни.

Вработување на мајки, ќерки, снаи, балдски и останати блиски до владини функционери се најчесто најголем „трн во окото“ на граѓаните. Треба ли, по ваше мислење, конечно да се сопре со оваа пракса еднаш засекогаш? За каков систем вие се залагате?

-Секако дека треба да се сопре и токму непотизмот прецизно е дефиниран во Етичкиот кодекс за членовите на Владата и други јавни функционери именувани од Владата. Она за што јас се залагам е за мерит систем, кој точно ќе ги бира најквалитетните кандидати. Ако имаме систем, реален, објективен во кој се отстранети сите можности за интервенции или популарно кажано „врски“, и тој систем на прво место го исфрли најквалитетниот кандидат, тогаш нема да ни биде важно дали тој кандидат е во нечија роднинска врска со некој политичар или функционер или не. Ќе ни биде важно тој кандидат да го задржиме во системот, независно за која област станува збор, бифдејќи со своето знаење, квалитет и работа ќе даде свој придонес во развојот на општеството.

Повторно бевме сведоци на немили сцени минатата недела, кога на спортски настан помеѓу Македонија и Бугарија беше јасно воочлив говорот на омраза. Како да се обезбеди зајакнување на системот во борбата против говорот на омраза? Подигнувањето на свеста за опасностите од говорот на омраза во нашето општество очигледно не вродува со плод?

-Ова е многу важно прашање и навистина треба да го актуелизираме сите. Сите треба да разговараме отворено за овој проблем. Политичарите независно дали се на власт или во опозиција, јавните личности, медиумите, невладиниот сектор, сите треба едногласно да се спротивставиме на говорот на омраза. Отворено треба да се зборува и во образовниот процес, за време на спортските активности, на дебати, на тркалезни маси, буквално насекаде. Јас изминатиов период покренав една кампања која ја води мојот Кабинет, на тема „Зависи од мене и тебе“. Оваа кампања ја почнавме прво со средношколците, но ја работиме и со студенти, како и со други младински организации. Пораката е дека во какво општество ќе живееме зависи од сите нас.

Сите ние со нашето однесување, со постапките и чекорите кои ги преземаме зависи какво ќе биде нашето општество. Дали ќе биде корумпирано, дали ќе има говор на омраза, дали ќе има насилство, булинг… Сите ние треба да работиме на поединечниот на сопствениот интегритет, да ја шириме пораката насекаде дека промените почнуваат од нас.

Треба ли да се промени системот на казнување за граѓаните за да се спречат овие појави?

-Знаете како, санкциите се само еден елемент од спречувањето на ваквите појави. Треба да преземеме систем на мерки во кој, како што кажав претходно, ќе има координиран пристап меѓу институциите, граѓанскиот сектор и медиумите. Одговорноста е на сите нас, сите ние како чинители и креатори на политики, но и како креатори на јавното мислење имаме одговорност. И затоа сметам дека треба заеднички да работиме на намалување и спречување на говорот на омраза и секако во тесна соработка со спортските федерации и организации.

Јас веќе организирав две конференции за состојбите во спортот, пред се за ризиците од корупција врз развојот на младите таленти, при користењето на ваучер системот, но беа отворени и други прашања. Врз основа на заклучоците од овие конференции, мојот Кабинет ја координира работната група составена од претставници од Државната комисија за спречување на корупцијата, Министерството за правда, Агенцијата за млади и спорт со кои работиме на предлози за измени на Законот за спорт во делот каде што се детектирани одредени слабости.

В.З.

Слични содржини