Интервју со Карапејовски: Променивме знаме, Устав, име – време е некој и нам да ни даде нешто

Пратеникот на ЗНАМ, Бобан Карапејовски, во интервју за „Локално“ вели дека Бугарите можат да влезат во Уставот веднаш, но само со одложено дејство - кога Македонија конечно ќе стане членка на ЕУ. По години на наивност и еднострани отстапки, тој порача дека земјата нема да дава ништо повеќе без гарантиран возврат

од Vladimir Zorba
16 прегледи Фото: Бобан Карапејовски

Во политичката архитектура секогаш има еден детал што не се гледа на прв поглед: како изгледа стварноста од пратеничката клупа, кога ќе помине првиот ентузијазам и кога ќе остане само голото секојдневие на институциите.

Бобан Карапејовски од ЗНАМ, кој во Собранието влезе во 2024 година, одамна ја надмина фазата на „новитет“ и денес зборува смирено, конкретно, со доза резигнација која обично ја имаат луѓе што навистина влегле во сржта на системот.

Разговорот со него отвора повеќе слоеви: од тоа колку реално тежи пратеничкиот мандат, преку хаосот кој тој го гледа во институциите, до слабеењето на политичката култура и горливите теми за образованието, уставните дилеми и изборниот модел. Карапејовски зборува директно, без многу украсување – токму онака како што граѓаните очекуваат да звучи човек кој секој ден се соочува со последиците од еден распаднат систем.

Во Собранието влеговте во 2024 година. Како се смени вашата перцепција за пратеничката функција оттогаш? Кои работи денес ги гледате многу пореално и поконкретно отколку на самиот почеток?

-Пратеничката функција е чест и привилегија, од една страна, но и стандардно работно место, од друга. Разликата е што одговорноста е многу поголема и што вашите лични ставови, сеедно што зборувате и гласате во лично име и по сопствено убедување, мора, на извесен начин да бидат приспособени и во однос на она за што ве гласале, односно на ставовите на избирачите. Сепак, како и на другите работни места: имате колеги, имате луѓе со кои подобро или полошо се согласувате, со некого можете и надвор од пленарната сала или од Собранието да функционирање и да комуницирате. Генерално, перцепцијата не ми е многу измената, Собранието функционира во рамките на она што го очекував и, според моите претходни искуства, во делот на собраниската служба, на многу повисоко ниво од другиот административен апарат со кој сум бил во контакт. Она што, во голема мера, отстапува од очекувањата е статусот на пратеникот и влијанието во општеството во однос на реалните овластувања што ги има: во целиот систем, за жал, од составите во 90-тите до денес, престижот, перцепцијата и реалното влијание се намалува, а атрактивноста на Собранието паѓа. Веројатно за тоа се виновни и политичките партии, и самите пратеници, но и устројството, во кое она што, формално, е на врвот, станува понекогаш само апарат што извршува, наместо да создава и да предводи политики.

Која законска иницијатива што сте ја поднеле или сте ја поддржале, ја сметате за ваша најзначајна трага врз граѓаните? Што би издвоиле како личен пратенички успех што навистина функционира на терен?

-На собранискиот сајт можете да видите статистика и таму се појавувам во над 40 материјали како предлагач. Сепак, она што мислам дека остави најголем печат, можеби поради мојата првична професија, односно повразаноста со универзитетот и со студентите, е нашиот предлог со кој решивме да се погрижиме за унапредување на дигиталната писменост и на полесен пристап на младите до технички помагала, преку доделување ваучери за набавка на дигитални уреди.

Што најмногу ве блокира во законодавниот процес? Каде најчесто пука системот кога се пишуваат или се донесуваат законите?

-Не би рекол дека нешто нѐ блокира во постапката. Сигурно најпредизвикувачки е да обезбедите широка поддршка за да помине решението што го предлагате, но тоа е, всушност, во описот на работното место. Не е поентата само да „штанцате“ закони туку и да ги образложите добро, прво пред колегите, а потоа и пред јавноста, и да обезбедите широк консензус за да поминат на гласање.

Кога ќе направите споредба со состојбата пред 5-10 години, како ја гледате политичката култура во Собранието денес?

-Мојот впечаток за Собранието претходно бил индиректен: она што сум го гледал како и сите граѓани – на телевизија, во медиумите итн. Мислам дека состојбата во Собранието ја рефлектира состојбата во општеството и во државата. Тоа значи дека паѓа и влијанието, и нивото, и културата на сите рамништа, па и во парламентот.

Често говорите за институционален хаос. Каде најјасно го гледате тој распад на системот?

-Да се надоврзам на претходниот одговор: секаде. Години наназад здравството пропаѓа и имаме сериозни одлевања на кадри и пропусти во лекувањето и корупција, разни скандали што се отвораат и – се надевам – ќе се затворат формално-правно во институциите. Младите се отселуваат токму поради тоа немање систем и деградација на правилата и прописите, атрибути што ѝ се потребни на една држава за да биде организирана, со сите нишани. Тоа што мене најмногу ме допира и ме боли, и мислам дека е основата на сите деградации, е образованието. Таму е тешко и болно, но мора да се случат коренити промени. Во моментов системот се стабилизира, што е предуслов за да се промени, но тоа мора да биде следната фаза. Иако, таквите промени понекогаш се плаќаат на политичката сцена.

Фото: Фејсбук/Бобан Карапејовски

По овие години во пратеничките клупи, што е најважното што го научивте од граѓаните? Што им недостига најмногу, што ги погодува и што најчесто ви бараат?

-Генерално, секоја одделна група има различни интереси и барања, соодветно на она што ги тангира, најчесто на професионален план. За жал, до пратениците стигнуваат секакви барања, честопати некои што се надвор од собраниската надлежност, но во име на добрата волја и желбата за решавање, понекогаш и надвор од официјалните канали се обидуваме да помогнеме на различни начини. Се разбира, заедничкиот именител е колабираниот систем, па затоа понекогаш и се бара нешто надвор од процедурата, нешто што во системски организирано функционирање, самото по себе, без некој нешто да бара, би било реализирано. Работиме, како владејчко мнозинство, на тој план и се надевам дека наскоро резултатите ќе бидат видливи и граѓаните сѐ повеќе же почнат да ги чувствуваат во секојдневниот живот.

Дали чувствувате дека Собранието постепено се оддалечува од реалните проблеми на луѓето? И, што е, според вас, најделотворниот начин за повторно градење доверба меѓу инсисутциите и граѓаните?

-Напротив, ми се чини дека секојдневно сме во контакт со проблемите на граѓаните. Директно или индиректно, тоа се проблеми со кои живееме и ние: од нечоститијата, ѓубрето и другите комунални проблеми до сосотјбата во стожерните духовни сегменти: образованието, науката и културата, преку економијата и здравството, како и владеењето на правото. Проблемите ни се заеднички, ние имаме само поголема одговорност за изнаоѓањето решенија. Решенијата се начинот на кој ќе се врати довербата. Колку повеќе се сработи толку повеќе и ќе веруваат дека сме во нивна служба.

Дали сметате дека Собранитео има доволно алатки за надзор над извршната власт? Какво ригорозни механизми би требало да се воведат за да има контрола навистина?

-Вториот дел од прашањето имплицира дека во првиот треба да има негативен одговор. Не се согласувам со тоа. Собранието, бездруго, има доволно алатки за надзор: од надзорни расправи, преку пратенички прашања, до анкетни комиси. Најригорозниот механизам што го има Собранието на располагање, впрочем, што го имаат сите парламенти, а повеќе од тоа и не смее и не може да се има, тоа е работата на обвинителството и на судството – е можноста за разрешување на избраните функционери. Во политичиот систем, тоа е механизмот на казна, по спроведената контрола. Другите механизми се дел од некои други органи.

Како гледате на можните измени на изборниот модел – една изборна единица, отворени листи, намален број пратеници? Кое решение, според вас, би донело најфер систем и најрепрезентативен парламент?

-Македонскиот политички систем, преку бројот на пратеници визави бројот на жители, овозможува сериозна репрезентативност. Една изборна единица е она што го бараат помалите партии, а идејата е дека на тој начин нема да се губат гласови што не се концентрирани во еден географски регион. Тоа е сосема во ред, но во комбинација со отворени листи, мислам дека ќе се појават технички проблеми (замислете 10-15 листи на кои ќе бидат наведени сите 120 кандидати за пратеници, за да можете да си го изберете својот фаворит во рамките на листата, сето тоа двојазично на гласачкото ливче…  мислам дека тоа би било тетратка, а не ливче…). Намалувањето на бројот на пратениците е, исто така, прифатлива опција, иако така се намалува и репрезентативноста. Но, практиката покажува дека така би имале пратеници што се повеќе вклучени, поагилни, и поефикасни. А, се разбира, така ќе се заштедат и средства, кои можат да се искористат повторно за подобар собраниски систем, преку служби што би помогнале во работата на пратениците. Така што, ако ме прашате лично, македонскиот систем на избори за пратеници би го врамил во една изборна единица со затворена листа и помал број пратеници или, пак, десетина изборни единици, ако се инсистира на отворени листи. Бидејќи, за отворена листа, вие треба да го знаете кандидатот, тој систем да биде поблизок до мнозинскиот, а тоа значи помала географска опфатеност на изборната единица.

Се отвора ли повторно прашањето за уставни измени и внесување на Бугарите во Преамбулата? Дали постои, според вас, политичка реалност во која ова прашањеби можело да се стави на маса и под кои услови би било воопшто разгледливо?

-Прашањето не се отвора повторно и повторно, тоа цело време е на маса. Но, и нашиот став е јасен: никој нема ништо против која било етничка заедница во Уставот. На Балканот живеат народи што споделуваат фолклор, обичаи, генетско потекло, сите ни се блиски и сите ни се далечни, зашто се изградени одделни нации. Нашето искуство е горчливо: сменивме Устав, променивме име, нѐ убедуваа некои „шибицери“, ама и политичари од по светот, дека е тоа последниот услов за наша интеграција (надвор од пропишаните услови што ги имаат сите други земји). Во ситуација во која менувавме Устав и знаме во 90-тите, во услови во кои имавме пречки за прием во ООН, блокади и санкции, имајќи ја предвид меморијата од нашето поблиско минато, мислам дека е јасно нашето противење да испорачаме пред да ни се испорача. Зашто, досега резултатот е дека сме биле наивни и не сме добивале за возврат, иако ние сме давале нешто што никој никогаш во историјата на човештвото не ни помислувал да го даде без присила од воен тип. Така што, во ред е да се внесат Бугарите во Уставот, можеме да ги внесеме и утре, но таа измена да стапи на сила во оној момент кога ќе се испорача нешто и од другата страна, односно кога ќе станеме земја-членка на ЕУ. Тоа е фер: ние ќе ја испочитуваме преземената обврска за промена, но таа промена ќе има одложено дејство и ќе се примени во мигот кога ќе испорача нешто и другата страна. А, другата страна ветувала ли ветувала, уште одамна, дека тоа ќе го даде.

Како ги оценувате минатите локални избори? Не само изборните резултати туку и нивото на дебата, кампањата и однесувањето на кандидатите. Дали локалната демократија напредува или стагнира и што покажаа граѓаните со својот избор?

-Резултатите се очекувани, имајќи го предвид карактерот на изборите и анкетите што беа споведени во изминатиот период. Недвосмислена е поддршката кон власта, кон сите партнери. На едно интимно рамниште, жал ми е што граѓаните не препознаа сериозен етички, професинален и политички габарит како нашиот кандидат за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ, но… предмет на анализа треба да биде зошто е тоа така. Со тој исклучок, поддршката кон сите партнери во власта беше огромна, што значи дека сме на вистинскиот пат. Кампањата беше исклучително некреативна и здодевна, за мој вкус. Се чини дека сите веќе се плашат да бидат храбри и да излезат со поголеми проекти. Веројатно тоа е последица на стравот, поради претходните лажливи ветувања, дека граѓаните нема да ја препознаат искреноста да се направи нешто поголемо, посуштинско, со трајни вредности. Со исклучок на ова, во другиот дел изборите беа фер, а локалната демократија напредува, за што како доказ ги имаме многуте независни листи и гласовите што ги добија. Тоа е знак за аларм: каде грешат партиите и кој го компромитирал инситутот „партија“ во нашиот политички систем!?

Б.Т.

Слични содржини