Интервју со Ковачевски: Сите кои посакуваат некаква нестабилност на земјата и сеат семе на раздор ќе ги разочарам, тоа нема да го дозволиме

од Vladimir Zorba
818 прегледи

Меѓуетнички тензии меѓу граѓаните нема, иако има обиди за предизвикување поделби кои сигурно ќе ги гледаме и во предизборието. Тука не мислам само на меѓуетнички поделби, во изминатите години бевме сведоци и на обиди за интра-етнички поделби. Тоа секогаш доаѓа од страна на несериозни, недржавнички, неспособни, политички субјекти или поединци кои не и мислат добро на земјата или одработуваат за туѓи интереси. Сите кои посакуваат некаква нестабилност на земјата и сеат семе на раздор ќе ги разочарам, тоа нема да го дозволиме, вели во интервју за „Локално“ поранешниот премиер на земјава и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Вели дека неговата партија ќе предложи проевропски кандидат за претседател на државата, „близок до граѓаните, прифатен од граѓаните, чесен, доверлив и докажан поддржувач на демократските процеси и на политиките на меѓународната демократска јавност“.

-Тоа ќе биде идниот претседател на државата предложен од СДСМ, со докажан личен интегритет, стручен и достоен за оваа важна висока државничка позиција, порача Ковачевски.

На прашањето дали ќе бидат загрозени евроинтеграциите на Македонија доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, Ковачевски нема дилеми: „Во извештај на Европската комисија ВМРО-ДПМНЕ е посочена како кочничар на реформите во македонското Собрание и напредокот. Тие тоа не го кријат. Две години спроведуваа активна блокада, освен законите и европскиот пат на земјата го блокираат. Јасно како ден“.

Убеден е дека за нашите граѓани, животот во ЕУ не значи карта во еден правец или иселеничка виза, туку гаранција за подобар стандард, за повисоки платени работни места и европски вредности, но тука дома во нашата држава.

– Тоа и го мислам и верувам дека е така. Европската Унија и нашето членство во неа се единствениот начин на кој ние ќе обезбедиме просперитетна иднина и услови нашите деца тука дома да си ја градат иднината, порачува тој во интервјуто.

На прашањето дали во својот мандат во изминативе две години ја одвел барем чекор напред Македонија, Ковачевски истакна дека „исклучително е горд“ на она што го постигнала заедно со министрите во Владата која ја предводеше.

-Имаше многу големи предизвици, многу непознати и нови ситуации, војна која никој не ја очекуваше и која комплетно го смени фокусот и пристапот на работа, но не нѐ одврати од зацртаните цели и пат. Кризата ја претворивме во можност, вели, меѓу другото, поранешниот премиер на земјава.

На „програма“ се претседателските избори, па следат парламентарните, а на 8.мај земјава ќе добие нова Влада. Каков претседателски кандидат им треба на СДСМ и на Европскиот блок за да победи на избори?

-На државата ѝ на граѓаните им треба претседател со јасна визија за сигурна, безбедна и извесна европска иднина, човек кој не ги дели граѓаните туку ги обединува, кој ги споделува европските вредности и работи за демократски и економски напредок на земјата. Не само затоа што целосно заокружување на полноправно членство во ЕУ значи реализација на стратешкиот државен интерес, поставен од независноста на државата. Не само затоа што тоа е мнозинска волја на македонските граѓани. Пред сѐ и над сѐ затоа што тоа значи поголеми плати, подобро платени работни места, поголем животен стандард и целосна трансформација на институционалниот систем кон подобро.

И СДСМ како државотворна партија, заедно со проевропските политички субјекти, како и секогаш – и овојпат ќе биде на висина на задачата и ќе одговориме и на оваа потреба на граѓаните и на државата.

Ќе предложиме проевропски кандидат за претседател на државата, близок до граѓаните, прифатен од граѓаните, чесен, доверлив и докажан поддржувач на демократските процеси и на политиките на меѓународната демократска јавност, што е посебно важно во актуелниот геополитички контест. Тоа ќе биде идниот претседател на државата предложен од СДСМ, со докажан личен интегритет, стручен и достоен за оваа важна висока државничка позиција. Проеропски претседател кој ќе биде ветар во грбот на новата проевропска Влада предводена од СДСМ, којашто во динамичен процес, за неколку години ќе ја внесе државата во ЕУ.

Денес кога Република Северна Македонија е полноправна членка во НАТО, во силно стратешко партнерство со САД, држава со започнати преговори со Европската Унија и пред најреалната шанса досега да го оставри полноправното членство во ЕУ, по членството во НАТО, граѓаните не заслужуваат претседател – кочничар на унапредувањето на животот во родната земја и на европските перспективи, не заслужуваат човек кој со погрешни чекори и политики може да го загрози напредокот и позицијата на земјата како доверлив партнер и сојузник на САД, ЕУ и НАТО. Тоа би значело повторна изолација и неизвесност на земјата, од што изминативе неколку години едвај ја извлековме. Република Северна Македонија продолжува напред во европското семејство на народи и држави со проевропски претседател на сите граѓани.

Македонија доби прв Албанец премиер, иако само технички, што е наследство од договорот на вашиот претходник Заев со коалицискиот партнер ДУИ. Некои велат историски ден, некои национално предавство. Како Димитар Ковачевски гледа на овој ден?

-Етничката припадност не е професија. Тоа сум го кажал на повеќе наврати, ќе го кажам и сега. Исполнувањето на законска обврска за избор на техничка Влада е одговорно и секој што и мисли добро на државата така постапува.
На премиерската позиција во моментов е г. Талат Џафери, и имаме техничка Влада која треба да создаде услови за успешно спроведување фер и демократски избори. По победата на изборите на 8 ми мај пак, јас повторно ќе бидам премиер. Во мојот втор мандат, заедно со сите проевропски, прогресивни политички сили ќе ја внесеме татковината во ЕУ.

И она што е важно, е дека оваа техничка Влада, покрај овој прв приоритет кој го има врзан со спроведувањето на следните избори, во својата програма го има континуитетот на политиките на Владата која ја предводев јас. Сите аспекти во однос на политичката и институционална поддршка на процесот на евроинтеграција продолжуваат.
Воедно, постои и континуитет на политиките кои ќе ја одржат земјата како фактор на стабилност во регионот и ценет НАТО сојузник. Најважно од сѐ, ќе се обезбеди континуитет на успешните политики на владата предводена од СДСМ за заштита и подобрување на животниот стандард на граѓаните и забрзан економски развој.

Со економските мерки и политики во изминатиот период создадовме добра база за подобри и подобро платени работни места, за раст на платите и пензиите, заштита на ранливите, поддршка на компаниите. Тоа е она што е важно, и тоа е она за кое ќе се овозможи континуитет во наредниот период, сѐ до победата на СДСМ на изборите во мај.

Во изминатиов период сведоци сме на „триење“ во односите меѓу двете најголеми етнички заедници во земјава. Подгревањето меѓуетнички тензии, предизвикувањето на меѓуетничка нетрпеливост и омраза секогаш биле дел од предизборниот фолклор во земјава, но колку нарушувањето на меѓуетничките односи може да ги радикализира состојбите во Македонија? Каде тоа би не одвело?

-Меѓуетнички тензии меѓу граѓаните нема, иако има обиди за предизвикување поделби кои сигурно ќе ги гледаме и во предизборието. Тука не мислам само на меѓуетнички поделби, во изминатите години бевме сведоци и на обиди за интра-етнички поделби. Лагите за асимилација и бугаризација беа токму тоа, обид за поделба меѓу Македонците. Тоа секогаш доаѓа од страна на несериозни, недржавнички, неспособни, политички субјекти или поединци кои не и мислат добро на земјата или одработуваат за туѓи интереси. Сите кои посакуваат некаква нестабилност на земјата и сеат семе на раздор ќе ги разочарам, тоа нема да го дозволиме.

Прво граѓаните се свесни, зрели и не дозволуваат да се создаде почва за поделби, етнички тензии и раздор по било која основа. Знаат граѓаните дека од тоа сите ќе имаме само штета и нема да го дозволат. Второ политиките на европски вредности, кои значат меѓусебно почитување, разбирање, поддршка, еднакви можности се политики кои ги обединуваат луѓето без разлика на вера, нација, убедување.

Станавме членка на НАТО, со осигурани граници на унитарна Македонија, почнавме преговори со ЕУ, со употреба на македонскиот јазик во европските институции и со признание на нашиот македонски идентитет. Така и ќе продолжиме. Европеизацијата го зајакнува секој иденитет и го вградува во европскиот.

Лицемери, кои обвинуваат за наводни предавства за време на избори со цел да го загрозат најсветото – мирот и иднината на граѓаните, во недостиг на визија за напредокот на државата, тие не заслужуваат и нема да ја водат државата.

Косовскиот премиер Курти е се поприсутен на политичката сцена кај нас. Можно ли е тој да го одреди текот на македонските избори? Се влегува ли во опасна игра победникот кај македонската страна да биде оставен во опозиција?

-Ние сме демократска земја, нашата иднина сами си ја одредуваме а победникот на изборите ќе го одредат граѓаните со нивниот глас. Мнозинската волја на граѓаните никој ниту ја спречил, ниту може да ја спречи. Тоа го покажаа претходните парламентарни и претседателски избори и така ќе биде и овој пат.

До Собранието е испратен Законот за рестриктивни мерки, кој предвидува лицата кои ќе се најдат на американската „црна листа“ со одлука на Влада да може да им биде конфискуван имот и да им биде изречена забрана за привремено извршување на јавна функција. Законот, кој дел од експертите го сметаат за неуставен, е на владина седница во вторник, па очекувате ли да се донесе пред избори?

-Овој закон, претходната Влада веќе го донесе, усогласен со надлежните институции, и го испрати во Собранието за што и соодветно беше соопштено до јавноста. Техничката Влада и премиер во моментов преземаат некакви активности од административна природа, како што ја информираат јавноста, но јасно изјавија дека Законот ќе биде доставен повторно во Собранието што и очекувам да се случи.

Тој Закон е уште една потврда на решителноста и посветеноста на Владата предводена од СДСМ за борба против корупцијата која дава резултати. Веќе излезе информацијата – според Индексот на перцепција на корупција за 2023 година на Транспаренси Интернешнл, Северна Македонија има подобрување и се наоѓа на 76-то место со 42 индексни поени, споредено со 2022 година кога бевме на 85-то место. Земјата забележува напредок во борбата против корупцијата и тоа дава поттик за оваа тема и понатаму да остане еден од врвните приоритети на СДСМ и Владата која ја предводев и ќе ја предводам на европскиот пат.

Воедно, мислам дека е важно да нагласам дека САД се наш стратешки партнер и тие го поздравуваат секој напор и секој закон со којшто се бара отчетност и одговорност. Во тој контекст, ваков тип на закони неспорно придонесуваат кон безбедна и сигурна иднина за граѓаните. Согласно овој и сите останати Закони, правосудниот сектор и надлежните институции треба да постапуваат и да го сработат својот дел од работата, сѐ што е потребно, согласно Уставот и законите во нашата држава за да се обезбеди функционално владеење на правото.

Ќе бидат ли загрозени евроинтеграциите на Македонија доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт? Може ли Македонија да опстои без членство во Европската унија?

-Никој нема дилеми, па Мицкоски јавно на телевизија рече дека со ВМРО-ДПМНЕ нема членство во ЕУ ниту за 100 години. Во извештај на Европската комисија ВМРО-ДПМНЕ е посочена како кочничар на реформите во македонското Собрание и напредокот. Тие тоа не го кријат. Две години спроведуваа активна блокада, освен законите и европскиот пат на земјата го блокираат. Јасно како ден. Но сето ова завршува после изборите на 8 ми мај. Членството во ЕУ е втората стратешка цел на државата по членството во НАТО, што ќе ја реализира новата проевропска Влада предводена од СДСМ.

Што е Северна Македонина без Европската Унија, видовме од 2006 до 2016 година, во време на ВМРО-ДПМНЕ – заробено, феудално бесперспективно општество. Во 2005 година Владата предводена од СДСМ обезбеди кандидатски статус на државата, којашто беше рамо до рамо со Хрватска на европскиот пат.

Од 2013 Хрватска е членка на ЕУ, а нашата земја заостана на тој пат, до лани, кога повторно проевропска влада, предводена од СДСМ овозможи почеток на преговорите. Тие два концепти сега повторно ќе се судрат на изборите.  Изборот пред граѓаните е европска иднина, поголеми плати и пензии со СДСМ или изолација, уназадување и економска стагнација со ВМРО-ДПМНЕ.

Која е алтернативата на членството во ЕУ? Ја нема. Затоа и никој од опозицијата не ја соопштува.  ВМРО-ДПМНЕ нема план, со ВМРО-ДПМНЕ нема иднина. Убеден сум дека граѓаните ќе ја изберат најдобрата опција и земјата ќе продолжи по вистинскиот, по европскиот пат. Верувам дека граѓаните нема да дадат поддршка на ниту еден неодговорен политичар, нема да поддржат радикална популистичка десничараско – проруска коалиција.

Европската Унија и досега е нашиот главен трговски партнер со 77,5% од извозот на земјата и 51% од нејзиниот увоз. Трговијата на Северна Македонија со ЕУ минатата година достигна 60% од вкупната трговија. Европската Унија има вложено над 3 милијарди евра во развој на државата. Следуваат и средства од Планот за раст за Западен Балкан, од кои околу милијарда евра се за Северна Македонија. Овие средства значат развој, но воедно и создаваат обврска да продолжат реформските ороцеси. Тоа може да се случи само и единствено со континуитет на проевропските политики кои се водеа изминативе 6 години.

Дали немањето план на опозицијата, како што велите, и отпорот кон уставните измени може да ги натера македонските граѓани да гласаат за вашата коалиција?

-Граѓаните сакаат Северна Македонија да продолжи со демократски и економски развој, и затоа верувам дека ќе дадат поддршка за стабилен и постојан економски раст, нови инвестиции, квалитетни работни места, правна, социјална, здравствена, образовна сигурност.

Евроатлантската ориентација на нашата држава донесе највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра, затоа што инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Имаме, речиси двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година, кога изнесуваа 338 милиони евра. До 2017 година пак – имаше нула поддржани домашни компании од државата. Во овие 6 години, со 100 милиони евра државни пари, поддржавме 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси, со реализирани 500 милиони евра инвестиции. А финансиската поддршка од државата значи многу за компаниите, затоа што го зголемува бројот на работни места и ја подобрува материјалната состојба на компаниите. И со тоа овозможивме и достоинствени плати на вработените, рекордна просечна плата од околу 630 евра – значи над ветените 500 евра на граѓаните, рекордна минимална плата од над 22.500 денари колку што ќе е со следното усогласување, историско ниво на пензии – просечната пензија е околу 20.000 денари, минималната е 13.000 денари. Платите во ТИРЗ зоните веќе се над 1.000 евра. А државниот Буџет беше во кондиција да овозможи, најголема во регионот, помош на најранливите категории граѓани, најпогодени од глобалната економско-енергетска криза.

Сето ова се постигна во време на Влада која ја предводи СДСМ преку правилни политики и јасна европска ориентација. Поддршката од ЕУ ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Европската Унија. Тоа го покажуваат примерите со развојот на Романија, Чешка, Словачка, Полска. Во однос на странските директни инвестиции, тие во просек се зголемиле за 28% – и тоа во првите 5 години од членството во Унијата. Анализите покажуваат дека една земја членка на ЕУ, од фондовите на Унијата, добива 11 пати повеќе средства по жител, отколку земјите кандидатки за членство. Овие пари значат инвестиции во животниот стандард, во нови работни места, во подобро живеење на граѓаните и примена на европските вредности дома. Тоа што го очекуваат посебно младите луѓе во нашата земја. Шансата за членство во ЕУ до 2030 година е уникатна и овој пат нема да дозволиме да се пропушти.

Постојано вашата администрација ја поврзува евроинтеграцијата со останувањето на младите, додека повеќето млади, доколку дочекаат земјава да влезе во ЕУ, го гледаат тоа како „карта во еден правец“. Дали само ЕУ ни треба за да ја спасиме земјава од егзодус или национална стратегија која нема да ја менува кој како дојде на власт?

-За нашите граѓани, животот во ЕУ не значи карта во еден правец или иселеничка виза, туку гаранција за подобар стандард, за повисоки платени работни места и европски вредности, но тука дома во нашата држава. Тоа и го мислам и верувам дека е така.

Европската Унија и нашето членство во неа се единствениот начин на кој ние ќе обезбедиме просперитетна иднина и услови нашите деца тука дома да си ја градат иднината. Затоа на Северна Македонија и треба проевропска Влада и евроатланска ориентација, и јасен план за движењето на државата кон интеграцијата во ЕУ.

Сите оние кои го кочат европскиот пат, им ја одземаат можноста на македонските граѓани да живеат достоинствено. Ова е време за европски политики кои се на иста линија со прогресивната јавност во државата.

Анти-западното и анти-ЕУ влијание очигледно има свои ефекти во земјава. Не е мала ни поддршката за Русија во војната со Украина. Што можеме како држава да направиме за заштита од овие влијанија?

-Овие месеци коишто ни претстојат, многу е важно граѓаните да се многу внимателни за тоа од каде и како се информираат. Тие се секогаш првиот филтер односно првата брана кон ваквите хибридни активности.
Земјава во многу наврати се има соочувано со предизвици врзани со малициозните организирани групи кои наменски и континуирано создаваат дезинформации со намера да ги поткопаат демократските процеси во земјата. Последно ред само неколку месеци не само нашата земја туку и земјите од регионот беа на мета на лажни дојави на бомби.

Анти-нато анти-ЕУ и антизападните актери работат сложно, тие имаат иста, цел, затоа и решението што ќе даде целосен ефект е организиран пристап и вклученоста на целото општество. Македонското општество, институциите, медиумите, граѓанските организации мора заеднички да пристапат кон борбата со дезинформации. Ова е исклучително важно прашање и затоа и посочив дека вклученоста на целото општество е клучна во обезбедување на организиран, плански, ефикасен и ефективен пристап во справувањето со дезинформациите.

Воедно сакам да посочам дека во мојот премиерски мандат потпишавме меморандум со САД во делот на борбата на дезинформациите, така што оставивме можност за во иднина да работиме многу поблиску со нашиот стратешки партнер САД во делот на борбата против дезинформациите, идентификувањето од каде доаѓаат, идентификувањето на точките во нашата држава кои што ги шират тие дезинформации, менување на законската регулатива со цел обезбедување на поголеми можности со цел управување на целиот систем на спречување на лажни вести, што мислам дека е одлична основа за справувањето со овој предизвик.

Го поминавте мандатот во „гаснење пожари“ на економски план, земјава ја „газат“ високата инфлација и зголемените цени за живот. Светска банка ни предвидува најмал раст на БДП за оваа и следната година од земјите од Западен балкан, изборната година секогаш е и година на неизвесност за компаниите и инвеститорите. Опозицијата вели дека економски сте ја „кутнале земјата на колена“, па дали антикризните мерки го донесоа посакуваниот резултат и кои се економските предизвици со кои граѓаните ќе се соочат во идниот период?

-Владата во мојот мандат како премиер, уште од првиот ден ги стави граѓаните и подобрувањето на нивниот животен стандард, како приоритет број еден. И затоа системски ги решивме најголемите предизвици во нашето општество, минималната плата и пензиите.

Вие добро се сеќавате дека уште во првиот месец на мојот мандат како премиер со синдикатите и работодавците направивме историски исчекор и ја зголемивме минималната плата за 100% и воспоставивме методологија за раст. Исто, методологија за раст поставивме и кај пензиите. За да не мора вака во изборни години пензионерите да зависат од партијата на власт, како што правеа ВМРО.

Воедно фокус во мојот премиерски мандат беше зајакнување на економијата, отворање нови работни места за подобар животен стандард и развој на стопанство. Со оглед на тоа дека имавме огромен број кризи, здравствени, екононски, енергетски, антикризните мерки апсолутно направија вистинска разлика и дадоа резултат.
Над 2 милијарди евра само во изминатите 3 години се насочија кон граѓаните и компаниите, никогаш досега немало толку голема финансиска поддршка од државата, толку пари да се вратат назад кај граѓаните, кај стопанството.

Само со последниот деветти пакет антикризни мерки е во вредност од 662 милиони евра, обезбедена е поддршка за 120.000 млади лица, 187.000 пензионери, над 74.000 социјално ранливи граѓани, 40.000 земјоделци, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании. 35.000 средношколци месечно добиваат по 1.800 денари, а основците по 1.200 денари  месечно. 15.000 студенти добиваат  ваучер за превоз од 600 денари до 1.200 денари месечно.

Пензионерите пак со ниски пензии добиваат од 1500 до 3000 денари месечно финансиска поддршка, а за ранливите, обезбедивме поддршка по 2.000 денари месечно. Дополнително, 5.000 ранливи семејства  ги поддржуваме преку Програмата за енергетска сиромаштија.

Субвенционирана струја до 90%, за над 600 илјади семејства и речиси 70.000 мали потрошувачи е исто така дел од антикризнте мерки со што сметките за струја на браѓаните се неколкукратно пониски.

Субвенционирано е и парното, и граѓаните цела зима имаат топли домови, без да почувствуваат финансиски шок.
Мерките даваат резултат и овозможија забавување на инфлацијата, стабилно снабдување со електрична енергија и ублажување на ценовните шокови.

Во мојот мандат како премиер, никого не оставивме сам и на тоа сум особено горд.

Овие политики на грижа за сите и политики кои обезбедуваат повеќе за сите ќе ги продолжам и во вториот мандат по изборите, затоа што тоа е суштината на социјалдемократијата и социјалдемократските политики.
Токму затоа и можам да потврдам дека со какви предизвици и да се сретнеме, СДСМ и идната Влада која ќе ја предводам имаат и знаење, и капацитет и политичка волја да обезбедат подобар животен стандард и развиено стопанство.

Задоволен ли сте што оставивте зад себе во изминативе две години од мандатот како премиер? Ја однесе ли Ковачевски барем чекор напред Македонија?

-Исклучително сум горд на она што го постигнавме заедно со министрите во Владата која ја предводев. Имаме сериозно висок процент на реализација на програмата, сработевме навистина многу. Имаше многу големи предизвици, многу непознати и нови ситуации, војна која никој не ја очекуваше и која комплетно го смени фокусот и пристапот на работа, но не нѐ одврати од зацртаните цели и пат. Кризата ја претворивме во можност.

Во такви турбулентни времиња не отстапивме од спроведување на нашите политики засновани на европските вредности и не се откажавме ниту јас ниту Владата од исполнување на нашите стратешки цели. Успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните, ликвидноста на компаниите, да создадеме услови за економски развој, за нови и подобро платени работи места. И покрај сите предизвици, опстоивме на нашите ветувања и спроведување на нашите политики за подобар живот, стандард на граѓаните и раст и развој на компаниите.

Минималната плата денес е 100% зголемена, просечната пензија пак е зголемена за 50% и тие континуирано ќе растат. Просечната плата е над очекувањата и е речиси 39.000 денари – нешто што за многу луѓе беше незамисливо дека ќе се случи само до пред неколку години.

Имаме намалување на невработеноста, и денес за прв пат невработеноста е под 13%. Идната година, за прв пат ќе имаме невработеност која ќе биде едноцифрена, а се сеќаваме во 2016 година беше 25% невработеност во државата. Само во една година имаме зголемена вработеност и нови 10.000 вработени во државата.

Енергетската трансформација на земјата истот така започна во мојот мандат и за на тоа сум исклучително горд. До 2016 година, за целиот мандат на претходните сите влади во државата, земјава имаше инсталирано вкупно 16 мегавати обновливи извори на енергија. Од јануари 2022 до крајот на мојот прв мандат издадени се над 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија со која се снабдуваат 166.000 семејества.

Со овие правилни политики,  ја вративме евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот  со што домаќинствата заштедуваат и до 1.000 денари месечно.

И сето ова Владата која ја предводев го направи во еден контекст на забрзани евроинтеграции.

После 17 години чекање, во мојот мандат ги отпочнавме преговорите со Европската Унија. Неповратно ја зацврстивме и обезбедивме европската перспектива на Северна Македонија, со заштитен македонски идентитет и со признаен македонски јазик во ЕУ, и одредивме патоказ за подобра сегашност и за извесна и просперитетна иднина.

Затоа сметам дека сето ова е чекор напред во вистинскиот правец, и е чекор напред на нашиот зацртан пат на прогресот. Кога се има волја, и со напорна работа, нема недостижна цел.

В.З.

Слични содржини