ИНТЕРВЈУ со Лазаров: Еден ден може да се разбудиме без нација и народ, кој решил да мигрира кон иднина и прогрес

од Vladimir Zorba

Доцна ги учиме лекциите дека без економија, инвестиции и бизнис, државата нема иднина, вели претседателот на македонско-бугарската стопанска комора, Кирил Лазаров во интервју за „Локално“.

Предупредува дека доколку брзо не се решат недоразбирањата меѓу С.Македонија и Бугарија ќе страда економијата и ќе се загрозат инвестициите вредни повеќе милиони евра.

Во контекст на актуелните случувања на политички план помеѓу двете земји смета дека премногу сме останати во минатото, во историските наративи.

„Ние како комора инсистираме што побрзо да се решат отворените политички и историски дилеми и кон соседите и внатре во државата. Се друго нема алтернатива, се друго е ризик дека еден ден да се разбудиме без нација и народ кој решил да мигрира кон идина и прогрес‘’, вели Лазаров.

Забележува дека кај нас многу лесно се манипулира со емоции, историја и романтизам, па оттука и дилемата кој сериозен бизнисмен би инвестирал таму каде што има неизвесност, политички конфронтации или меѓудржавни недоразбирања.

Политичките односи помеѓу С. Македонија и Бугарија имаат се поочигледно влијание врз економијата меѓу двете земји. Од двигател на односите, економијата денес добива улога на жртва. Каков е првичниот впечаток на Македонско-Бугарската Стопанска Комора за политичките случувања и ефектот врз бизнисот?

-Би бил среќен ако политиката стои настрана од бизнисот, но не е така. Во светот исто така ретки се оние земји кој во основа имаат некое политичко недоразбирање, но економијата, бизнисот и инвистициите си врват. Но, ние живееме на Балканот и тука секоја една негативна политичка атмосфера креира несигурност во бизнисот, и јас во тоа гледам логика, бидејќи нема сериозен бизнисмен кој би инвестирал таму каде што има неизвесност, политички конфронтации или меѓудржавни недоразбирања. Ние многу доцна ги учиме лекциите дека без економија, инвестиции и бизнис нема иднина, едноставно државата нема иднина, и подоцна, ама многу подоцна, од кога ќе ги решиме проблемите, ќе се чудиме во меѓувреме колку млади заминале од Македонија и од Бугарија во Германија или Швајцарија, напуштајќи ја баналноста во која сме влезени за некои историски наративи.

Ќе го поставам прашањето, дали ако ние го решевме прашањето со Грција пред 20 години, денес веќе ќе бевме во ЕУ и ќе имавме многу подобар здравствен систем, подобри болници, повеќе лекари и немаше толку да страдаме од КОВИД пандемијата? И… сега што е реален патриотизам? Јас мислам денешните животи се реални. Минатите кризи, актуелните кризи и идните кризи кои ќе дојдат, не прашуваат за историјата? Не сакам ништо да вулгализирам, но премногу останавме во минатото.

Генерално впечатокот на Македонско-Бугарската стопанска комора за негативните последици заради одредени политички случувања е дека постојат тенденции на ризици ако во наредните месеци не го решиме спорот со Бугарија, таа атмосфера ќе се одрази и кон економијата, а сега е уште рано за било какви сериозни анализи бидејќи економската стагнација заради пандемијата е разорна и таа во целина ги менува бројките и не може со прецизност да ги утврдиме последиците и од политичките контексти, но на почетокот на 2020 година ние имавме одлични резултати во однос на стопанската и економската размена со Бугарија и бројките беа поголеми за 20% од претходната година. Трговската размена беше на солидно ниво.

Владата најавува дека во 2021 год ќе вложи 50 мил. евра за патно поврзување со Бугарија. Но стравувате ли како Комора, дека ако не се најде заедничко решение, економската соработка меѓу двете земји може дополнително да се исполитизира а дневната политика уште подлабоко да ги нагризе трговските односи и соработка?

-Станува збор за многу поголема композиција на инвестиции од 50 милиони евра во наредните години, станува збор за геостратешко инфраструктурно, економско и енергетско поврзување преку коридорот 8. Во поширока слика поврзување на пристаништата на Црно Море со пристаништата на Јадранско море. Поврзувањето ќе биде со инвестиции во автопатни или експресни патишта и железници, со што според некои економски меѓународни проценки е дека бруто инвестициите во Албанија, Македонија и Бугарија ќе пораснат за над 35%.

Затоа е клучно да се забрзаат инфраструктурните проекти како железницата према Бугарија, експресниот пат од Куманово, односно Крива Паланка, Ранковце па до граничен премин Деве Баир, и проектирање на нов приклучок од Струмица кон граничен премин Ново Село, магистрала која ќе биде премногу важна на пример Скопје – Штип – Радовиш – Струмица и излез кон Ново Село, ќе ги спои коридорот 10 со коридорот 8 во тој правец. Ние како комора сугерираме во иднина да се проектира и автопатско решение кон Бугарија и секако кон Албанија за да има смисла коридорот 8 во целина.

Постои голема посветеност на нашата влада и владата во Софија овие проекти да добијат целина и во блиска преспектива тие да бидат во функција. Тоа беше и суштината и заклучоците на самиот Берлински процес кој неодамна заврши, а го водевме и ние како држава и Бугарија под покровителство на Германија. Заклучоците од тој процес се дека економските процеси кои следат немаат алтернатива, а недоразбирањата кои постојат да бидат решени што поскоро. Да ви одговорам уште еднаш на второто Ваше прашање, секако дека овие инфраструктурни инвестиции, а потоа и трговската размена може да бидат компромитирани ако не ги решиме отворените прашања со Бугарија. Тоа ќе биде голема штета и за нас и за Бугарија.

Колку бугарското вето може да се одрази на конкретни активности на граѓаните и реализацијата на најавените инвестиции? Пред нас е зимската сезона, кога многу граѓани заминуваат на зимување во туристичките центри. Од друга страна се отвораат тендери каде се очекува учество на бугарски компании, а бројни македонски компании на големо инвестираат во Бугарија. Владата пак најави дека се откажува од инвестирање во нуклеарната централа Белене.

-Туризмот во цел свет, дома и во соседството е целосно суспендиран заради пандемијата. За некој ден од сега Бугарија донесе одлука целосно да се затвори заради пандемијата и според информациите тоа може да трае дури и до март 2021 година, хотелите нема да работат, што значи туризам оваа година па и почетокот на првата половина на следната година нема да има. Генерално така ќе биде и во Европа, а тоа е последица на разорната моќ на пандемијата. Туристичкиот сектор е премногу погоден и со право тие стравуваат како економски ќе преживеат и веројатно ќе треба помошта на државите во следниот период да биде во насока кон овој сектор. Ветото од Бугарија кое се случи пред десетина дена нема врска со плановите на граѓаните во делот на посетите на туристичките места.

Тоа е првиот дел на прашањето. Тендерите, оние домашните и меѓународните кои ќе гравитираат во овој период, а ќе бидат во насока на економскиот и инфраструктурен циклус во претходна утврдена динамика ќе продолжат и не гледам причина тие да бидат жртва на моменталната состојба сега, тоа ќе биде погубно. Лично очекувам решение кое ќе биде компромис помеѓу двете држави.

И на крај од прашањето кое е посебна тема, Владата не го откажа инвестирањето во нуклеарната централа Белане, туку го пренасочи заради проценката во приоритетот, а тоа е што побрз пристап кон економичен и безбеден енергенс. Изградбата на нуклеарната централа Белане ќе трае прилично долго заради спецификите на самата градба, можеби и десетина години. Приоритет на Владата е стратешко гасно поврзување со Грција кое ќе се случи прилично динамично во однос на роковите.

Ниту еден инвеститор не сака да вложува таму каде постои атмосфера на блокади, несигурност, конфликти… Имате ли како Комора порака до политичарите од двете земји како да ги затворат тешките прашања и да работат на создавање здрав економски амбиент? Како да му се помогне на бизнисот за да се оствари планираното ниво на трговска размена?

-Јас не познавам човек кој би дал да речеме ниту 1.000 денари, ако знае дека тие пари се изгубени. Кој инвеститор, компанија, држава и сл, би решиле да вложуваат милиони или милијарди таму каде што постојат ризици на блокади, нестабилност и неизвесност? Јас мислам никој. Како ние мислиме да имаме просперитет како држава ако нема инвестиции? Ова се прашања кои треба да ги испровоцираат политичарите да размислуваат во правец на прогрес и иднина. Кај нас многу лесно се манипулира со емоции, историја и романтизам.

Ајде уште еден пример, какви односи денес имаат Јапонија и САД? Се убија во Втората светска војна, едните на другите си пуштија атомски бомби и им ги збришаа градовите од географската карта. Дали денес Германија не треба енергетски да се поврзе со Русија преку „Северен тек 2“, затоа што во втората светска војна си убија помеѓу себе милиони луѓе. Какви односи денес имаат Германија со Израел, Германија со САД, Бугарија со Израел, Италија со пола Европа, Франција и Германија, можеме да редиме до утре. Ги надминаа ли проблемите, идеологиите, историите, крвопролевањата? Ги надминаа ли историските личности, историските наративи?

И тоа како ги надминаа. Тие денес се партнери, стратешки партнери, а се големи економии и држави во споредба со нас, кои сме мали, лошо организирани и се уште заложници на минатото. Која е таа историска перверзија, денес една генерација да страда само заради друга историска генерација која во минатото направила грешка во своите историски и идеолошки чекори и ја платила цената за тоа. Возможно ли е денес Германија да страда заради некоја усијана глава како Адолф? Јас мислам дека не. Зошто нема поента тогаш иднината, простувањето, прогресот.

Ние како комора инсистираме што побрзо да се решат отворените политички и историски дилеми и кон соседите и внатре во државата. Се друго нема алтернатива, се друго е ризик дека еден ден ќе се разбудиме без нација и народ кој решил да мигрира кон идина и прогрес. Здравиот економски амбиент постои на хартија, сериозно е добар, направени се реформи во тој правец, бара динамична имплементација, затоа и сугерираме во делот на елиминирање на бирократијата, но и кон елиминирање на корупцијата како главни кочничари, но се ќе биде безполезно ако не се одглавиме во евроинтегративните процеси. Едно со друго е зависно и поврзано и не може едното да го исклучи другото.

По ветото од Бугарија и 10 месеци живот во услови на пандемија, што мислите чие влијание е поголемо врз соработката на економски план меѓу двете земји, на КОВИД 19 или на блокадата од Бугарија?

– Прашање кое изнуди брз и краток одговор од моја страна. Прво, пандемијата ја урниса светската економија дури и полошо од втората светска војна, а со тоа и нашата и таа на соседите. Ветото на Бугарија е од пред неколку дена, а пандемијата е нешто повеќе од 10 месеци, така што не може да се споредува. Првиот квартал на економска, стопанска и трговска размена беше на исклучително завидно ниво помеѓу С. Македонија и Бугарија, и имаше раст повеќе од 20% во споредба со минатата година, дури падот заради ковидот беше најнизок во споредба со сите други држави. Премногу е рано да се анализира каков ефект имало ветото од Бугарија во економска смисла и премногу е очигледна разорната моќ на пандемијата по економијата тука, во соседството и во светот.

К.В.С.

loading...

Слични содржини