Интервју со Мајк Зафировски: Земјата е на крстопат, потребно е многу повеќе и посилно да делуваме за да се придвижиме кон развојна траекторија

од Vladimir Zorba
3,1K прегледи

Македонија 2025’’ која низ годините континуирано придонесува во насока на напредокот на Македонија преку разни форми на подршка, најавува интензивирање на нејзините активности. Според познатиот светски бизнисмен и еден од  носителите на проектот „Македонија 2025“ Мајк Зафировски, ваквиот чекор треба да обезбеди посилен напредок во постигнувањето повисоки цели.

„Во следниот период нашите напори и активности ќе бидат засилени, навистина сметаме дека земјата е на крстопат, и потребно е многу повеќе и посилно да делуваме за да се придвижиме кон развојна траекторија“, изјави Зафировски во интервју за „Локално“.

Покрај останатото, движењето напред објаснува тој, значи и подобра бизнис клима за која е потребно намалување на регулативата и нејзино подобро и поконзистентно спроведување, но и надминување на низа предизвици.

„Генерално, би рекол дека корупцијата е најголемиот непријател на бизнисот и економијата. Ги искривува пазарните сили и создава слаби деловни лидери, многу зависни од владата. Јавната администрација мора да се реформира, како услуга на граѓаните и бизнисите, а не како ограничување. Потребни се и подобрувања во инфраструктурата за да се обезбеди најдобра можна средина за раст на бизнисите“, вели Зафировски.

Најголемиот дел од овие предизвици според него се основните ограничувања за привлекување повеќе странски инвестиции. Како суштински ги посочува загриженоста поради политичката стабилност, владеењето на правото и корупцијата, како и ограничениот пристап до квалификуваната работна сила.

Платформата за просперитетна идина зад која застана Македонија 2025 идентификува седум области каде мораме да оствариме напредок : човечки капитал (образование), конкурентност, демократија, владеење на право (и корупција), животна средина, добро владеење и дигитализација.Токму некои од овие сектори се  покажаа како “најранливи’’во изминатите децении, но и покрај вложените напори, резултатите се далеку од очекуваните. Како конечно, навистина да тргнеме напред?

-Како што споменавте „Платформата за просперитетна иднина“ идентификува седум клучни области за долгорочен развој, во обид да постави едноставна но и амбициозна рамка за долгорочен развој. Но, реализација на една таква рамка воопшто не е едноставна, ниту може да се оствари на краток рок, ниту пак со ограничени рерурси или пак без поширок консензус. За да се придвижиме напред вистински, Македонија мора да усвои сеопфатен пристап и силен партнерски пристап кој ќе ги вклучи политичките лидери, бизнисите, академијата, граѓанското општество и многу други чинители (вклучувајќи ги и граѓаните). Напредокот во тие седум сектори или приоритети бара големи вложувања на напор, време и пари и бара силна политичка волја, конзистентни политики и долгорочна визија. Главната идеја зад Платформата беше да се поддржи општеството во целост (сите тие чинители) да се договорат за она што е најважно за напредокот на Македонија.

Основата на Платформата е всушност тн. контролна табла на индикатори односно Матрицата за економски прогрес на Македонија2025 која го следи напредокот на земјата, користејќи неколку клучни индикатори (како раст на БДП, извозни перформанси, владеење на правото итн.). Оттука, Платформата на некој начин ја следи матрицата. За информација, имавме приближно 30 состаноци со различни засегнати страни за да побараме мислење за Платформата и да се обидеме да создадеме заеднички „сојуз“ и разбирање за важноста на сите тие области. На тие состаноци прашувавме кои се според нив првите три најважни области за напредок (да ги рангираат) и во која од тие области се подготвени да соработуваат и да градат партнерства за да покажеме напредок. Како општо-прифатена област, најлесна за соработка и со најмалку можности за меѓусебни обвинувања беше наведена дигитализацијата по што следуваше човечкиот капитал. Меѓутоа, она што беше најважно е дека Платформата доби многу силна поддршка и од позицијата и опозицијата, и од бизнис асоцијациите и тн. Од наша гледна точка, нашата цел во однос на Платформата е да поттикнеме напредок, во кој било капацитет кој би се сметал како соодветен за засегнатите страни, можеби како организатори или лидери во одредени области, како учесници и поддржувачи во други, како иницијатори во трети итн., без притоа да целиме кон тоа да имаме заслуги за нас.

Но, за жал, поминаа три години од целиот тој процес, а нема напредок. Нема напредок во постигнување на повисоки цели, нема напредок во однос на земјите во регионот, нема напредок во многу сфери на општествениот и економскиот живот. Секако дека сме и самокритични и сметаме дека и ние треба да направиме многу повеќе од наша страна и дека мора да преземеме посилно лидерство во некои од тие области, врз основа на нашите ресурси и способности. Лично, мислам дека треба значително да ги зголемиме нашите програми и да го зголемиме нашето влијание десеткратно. Мнозинството компании и поединци со кои комуницираме чувствуваат дека работите во Македонија не се движат во вистинска насока, или можеби со многу бавно темпо. Секој треба да придонесе за градење на посилен сојуз и да преземе улога во создавањето на просперитетна иднина.

Според најавите, новата фондација „Центар за дигитална трансформација’’  ќе работи на директна поддршка на микро, мали и средни бизниси да се дигитализираат. Кои ќе бидат основните придобивки и кога се очекуваат првите резултати?

-Одборот на Македонија2025 одлучи да формираме Центар за дигитална трансформација, за да може директно да ги поддржиме компаниите да се трансформираат дигитално.  Но, оваа одлука беше заснована на слободен простор што никој друг не сакаше да го пополни. Како што објаснив претходно, во консултативниот процес поврзан со Платформата за просперитетна иднина, Дигитализацијата беше избрана од сите страни како област во која би сакале да соработуваат и да работат заедно. Но, и покрај нашите напори да ги зближиме сите преку формирање на работна група наречена Дигитална иницијатива МК25, немаше вистинска работа на теренот. Така, решивме да ја префрлиме нашата улога од овозможувач во извршител.

„Центарот за дигитална трансформација“ (или GoDigital) ќе понуди експертиза и финансиска поддршка на микро, малите и средните претпријатија (ММСП) за да постигнат поголема ефикасност и продуктивност преку имплементација на достапните дигитални технологии и алатки. Сметаме дека ова е клучно за напредокот на бизнисите, за подобрување на нивната конкурентност, конкурентноста на економијата во целина и создавање на подобри, попристојни работни места.

Центарот е во рана фаза на развој, но работите се движат во добра насока. Тој всушност ќе мора да работи на воспоставување на специфичен еко-систем, што е напорна работа. Ќе работиме на обука и меѓународна сертификација на деловни консултанти за дигитална трансформација, а потоа ќе обезбедиме финансиска поддршка (кофинансирање) на ММСП за имплементација на најсоодветните дигитални технологии, со цел постигнување на подобри перформанси. Успехот нема да биде толку брз, но се надеваме дека ќе направиме разлика и ќе придонесеме кон дигиталната трансформација и идниот раст на Македонија. Веќе имаме неколку партнери и би сакале дополнително да ја прошириме соработката, за да можеме да имаме поголемо влијание.

Би рекол дека Центарот е првата област од Платформата во која вложивме конкретни ресурси и навлеговме во имплементација. Притоа, после успешната донаторска гала во Чикаго која се одржа на крајот на септември, Македонија2025 мобилизираше доволно ресурси за реализација на дополнителни активности. Наша определба е во следниот период многу посилно да работиме во две дополнителни области на Платформата, односно поттикнување на конкурентност на економијата и намалување на корупцијата. Се надевам дека како организација ќе подготвиме одличен план и ќе бидеме значаен чинител и партнер за реформи во овие две области.

„Македонија2025“, има за цел да го поттикнува економскиот развој и привлекувањето странски инвеститори во Македонија. Каде сме на овој пат, и кои се основните ограничувања кои го спречуваат поголемиот број на странски инвестиции?

-Македонија2025 веќе долги години активно работи на поттикнување на економскиот развој и привлекување странски инвеститори во Македонија. Се гордеам со тоа дека нашата организација и јас лично ги советувавме и поддржавме претходните влади во дизајнирањето стратегија за привлекување СДИ и спроведување на стратегијата. Го поддржавме влезот на некои од првите големи СДИ, како што е Кемет, итн. Работевме и со Владата на развивање нов модел за привлекување на СДИ, со поддршка на McKinsey & Company. Сепак, политиката кон привлекување СДИ се промени во изминатата деценија. Сè уште комуницираме со владата во врска со СДИ, но би рекол на спорадичен начин.

Стратешката локација на Македонија на Балканот и нејзиниот потенцијал како порта кон европските пазари биле и сé уште се привлечни за странските инвеститори. Секоја реформа за подобрување на деловното опкружување и намалување на регулаторните бариери може да биде добра иницијатива на политики насочени кон привлекување на СДИ. Сепак, неколку ограничувања претставуваат предизвици за привлекување повеќе странски инвестиции. Тие вклучуваат загриженост поврзана со политичката стабилност, владеењето на правото и корупцијата. Дополнително, проблемите со инфраструктурата и поврзувањето, како и ограничениот пристап до квалификувана работна сила, се фактори кои инвеститорите ги земаат предвид. Македонија2025 продолжува да работи на овие ограничувања преку застапувањето за реформи во политиките, со цел да се создаде поповолно опкружување за странски инвестиции и економски развој во земјата.

Целта на оваа мисија е Македонија во 2025- та година да биде многу блиску со својот БДП до развиените земји во Европа. Се чини дека сепак, сегашните бројки се далеку од посакуваните, па отттука каде треба да се преземат повеќе, но и поинакви чекори?

-Кога беше основана Македонија2025, постоеше силно верување дека до 2025 година, Македонија може значително да го затвори развојниот јаз со развиените европски земји, што значи дека граѓаните ќе уживаат висок животен стандард и бизнисите ќе напредуваат. Неколку години подоцна ја воспоставивме Матрицата на индикатори за мерење на напредокот на земјата кон посакуваниот исход и цели, наречена Контролна табла на индикатори. Накусо, Матрицата е олицетворение на мотото на Македонија2025, „градење на посилна нација“. Со Матрицата се поставени мерливи цели за 15 индикатори кои сметаме дека се најважни за следење и оценка на прогресот на земјата. Некои од идикаторите се чисто макроекономски индикатори, како што се растот на БДП по глава на жител, стапката на невработеност, и слично, но дел од индикаторите се тн. овозможувачки индикатори како на пример владеење на правото, вештините на работната сила итн. Матрицата обезбедува потранспарентна и компаративна перспектива за напредокот на Македонија базирана на податоци. За жал, Матрицата јасно покажува дека Македонија значително заостанува зад планираната траекторија и поставените цели.

За да се реши недостатокот на напредок и да се работи кон остварување на почетната визија, императив е да се преземат повеќе насочени и иновативни чекори. Еден таков пристап е да се диверзифицира економијата преку негување на растечките сектори, инвестирање во образованието и развојот на работната сила и зајакнување на инфраструктурата, кои се клучни за одржлив економски раст. Дополнително, градењето на погодно деловно опкружување преку владеење на правото и антикорупциски мерки, заедно со проактивна промоција на инвестициите и дигитализација, може значително да придонесе кон побрз напредок.

Ова е тесно поврзано со Платформата за просперитетна иднина. Се обидуваме на различни начини  во рамките на нашите можности да придонесеме за напредокот на земјата. Секако, голем дел од нашата работа се програмите кои континуирано и доследно ги спроведуваме. Тоа се програмите за талентирани млади луѓе и менаџери и програми кои обезбедуваат поддршка на бизнисите. Обезбедуваме стипендии, можности за менторство, експертска поддршка за македонските бизниси, обуки за млади претприемачи итн. Покрај тоа, ја формиравме Платформата за просперитетна иднина (како документ за високи политики), го воспоставивме GoDigital како извршна организација, се залагаме за бизнис реформи и сл. Но, во следниот период нашите напори и активности ќе бидат засилени, нависитина сметаме дека земјата е на крстопат, и потребно е многу повеќе и посилно да делуваме за да се придвижиме кон развојна траекторија. 

Домашните стопанственици како главен проблем го посочуваат ниското ниво на продуктивност на нашите работници и неусогласеноста меѓу образованието и пазарот на труд. Каква би била паралелата со ситуацијата во Америка?

-Предизвиците на ниската продуктивност и неусогласеноста меѓу образованието и пазарот на труд не се единствени за Македонија, туку резонираат со прашања со кои се соочуваат многу земји, вклучително и Соединетите Американски Држави. Во САД, загриженоста во врска со продуктивноста на работниците се врти околу фактори како застарена инфраструктура и разлики во продуктивноста во различни индустрии, но и со проблемот на сеуште ограничен пристап до (квалитетно) образование. Овие прашања бараат инвестиции во развој на вештини, модернизација на инфраструктурата и иновации за да се зголеми продуктивноста. Слично на тоа, двете земји се справуваат со предизвикот да се осигураат дека образованието се усогласува со еволуирачките барања на пазарот на трудот. Во САД, иницијативите имаат за цел да го премостат јазот во вештините и да го промовираат развојот на работната сила преку реформи во образованието и стручна обука. На крајот на краиштата, подобрувањето на продуктивноста на работната сила и решавањето на неусогласеноста на образованието и пазарот на трудот се од витално значење за зајакнување на економската конкурентност и поттикнување на иновациите. И двете земји го препознаваат значењето на соработката меѓу владата, бизнисите и образовните институции за да се најдат ефективни решенија за овие заеднички предизвици.

Главната разлика меѓу двете земји е поврзана со миграциските текови. Додека САД се нето увозник на работници (и студенти) од целиот свет, и тоа најквалитетните, Македонија се соочува со континуирано високи емиграциски трендови. Оттука, креаторите на политиките за образование и вработување во Македонија мора да ги координираат и подобро да ги планираат идните потреби на пазарот на труд и да дизајнираат политики за промовирање на развојот на вештини, како во формалниот така и во неформалниот образовен систем.

Како ја оценувате бизнис-климата за мали и средни претпријатија во Македонија? Дали сметате дека има напредок на тоа поле и зошто  е тоа така?

Генерално би рекол дека на Македонија ѝ треба помалку регулатива и подобро и поконзистентно спроведување на регулативата. Регулаторната гилотина беше одлична алатка за намалување на непотребната регулатива која обично е поврзана со клиентелизам и корупција, предизвикува неизвесност за бизнисите и ја намалува конкурентноста на бизнисите. Сепак, се чини дека административниот товар (регулатива) повторно се натрупа, што додава дополнителен слој на тешкотии за бизнисот во целокупното опкружување на здравствени кризи, инфлација, покачување на цените на енергијата итн.

Генерално, би рекол дека корупцијата е најголемиот непријател на бизнисот и економијата. Ги искривува пазарните сили и создава слаби деловни лидери, многу зависни од владата. Јавната администрација мора да се реформира, како услуга на граѓаните и бизнисите, а не како ограничување. Потребни се и подобрувања во инфраструктурата за да се обезбеди најдобра можна средина за раст на бизнисите.

Уставните измени се предмет на вкрстување на политичките копја во земјава. Во која мерка билатералните проблеми ( во случајот со Бугарија) му штетат на бизнисот, и какви би биле приодобивките од стартувањето на преговорите за добивање датум за преговори за членство во ЕУ?

-Политичките спорови и билатералните прашања, како што е примерот со ситуацијата меѓу Македонија и Бугарија, навистина може да имаат реперкусии врз деловното опкружување во Македонија. Овие спорови можат да фрлат сомнеж врз политичката стабилност, што е критичен фактор за довербата на инвеститорите. Странските инвеститори често бараат гаранции за стабилна и предвидлива средина за нивните инвестиции. Понатаму, ваквите прашања може да резултираат со (невидливи) трговски бариери односно ограничувања, кои влијаат на прекуграничната трговија и на економските односи. Бизнисите кои се потпираат на извозот или на меѓународните пазари може да се соочат со пречки при пристапот до тие пазари. Она што е исто така многу важно е дека овие спорови го одвлекуваат вниманието и ресурсите на владата од клучните иницијативи за економски развој, што потенцијално ги попречува напорите за развој на економијата и долгорочно планирање на иднината.

Иницирањето преговори за членство во ЕУ носи ветување дека ќе се одговори на овие предизвици и ќе понуди различни придобивки за Македонија. Сепак, очигледно, членството во ЕУ има голема цена за нацијата, за граѓаните. Земјата денеска мора да направи дополнителни отстапки за ветување на идно членство и придобивки. Имајќи го тоа предвид, јас сепак би рекол дека не се чувствувам доволно компетентен или доволно инволвиран за да ѝ кажам на земјата, на Македонците, кое е оптималното, рационално решение за овој предизвик.

Дали сметате дека конфликтот меѓу Русија и Украина и ескалацијата на израелско-палестинското непријателство може да има далекусежни последици за глобалната економија, а преку тоа и за македонската економија? Кои се примарните предизвици што треба да ги надмине земјава (ограничен пазар на труд, висок јавен долг, растечка инфлација, минимални капитални инвестиции?)

-Конфликтите меѓу Русија и Украина и израелско-палестинското непријателство навистина можат да имаат далекусежни последици за глобалната економија, што индиректно ќе влијае на Македонија. Потенцијалните ефекти вклучуваат флуктуации на цената на енергијата, геополитичка несигурност што влијае на расположението на инвеститорите и прекини во синџирите на снабдување. Македонија се соочува со клучни предизвици, вклучувајќи ограничен пазар на труд кој бара развој на вештини, управување со високиот јавен долг, растечка инфлација и напори за привлекување повеќе капитални инвестиции за економски раст и стабилност. Диверзификацијата на економијата и одржувањето силни трговски односи се суштински стратегии за навигација низ потенцијалните глобални економски промени предизвикани од овие конфликти.

К.В.С.

Слични содржини