Интервју со Мемети од Аваја: Поголемиот дел од ромските партии имаат впечаток дека довербата „паѓа од небо“ или се стекнува само за време на избори без притоа да променат нешто

од Nikola Popovski

Денеска го славиме симболот на самоопределување и единство. Го одбележуваме дигнитетот, политичката еманципација, нашата културна автономија и суверенитет. На Првиот светски конгрес на Ромите во 1971 година, ромските интелектуалци и застапници дадоа храбра изјава: Ние сме Роми. Се потврдува и ромската химна, знамето и јазикот, симболи на нашата нација. На средбата само 26 години по завршувањето на Втората светска војна и геноцидот врз нашиот народ, тие се воздржаа од барање територија, вели во интервју за „Локално“, Елвис Мемети – генералниот секретар на новата партија на Ромите во Македонија, Аваја. Новоформираната партија до неодамна делуваше како граѓанско движење и иницијатива, а на претстојните избори ќе учествува со вкупно 80 кандидати во 4 изборни единици (ИЕ3, ИЕ4, ИЕ5 и ИЕ6).

Според Мемети, Аваја е современа партија, претежно централно-левичарска, која верува во општество чија економија е претежно капиталистичка, каде државата ја регулира истата во општ интерес и интерес на народот, преку обезбедување на социјални услуги и се обидува да ја смени распределбата на приходите и богатството во име на социјалната правда.

Вели дека се залагаат за владеење кое активно ги вклучува граѓаните од сите средини, осигурувајќи се дека нивниот глас се слуша и нивните потреби се адресираат.

-Поголемите македонски и албански партии вклучително и некои од партиите на одредени помали заедници се соочуваат со недоволен инклузивен потенцијал и криза во преставување на интересите (како сеуште да се затворени во сопствената кутија и им недостасуваат пошироки идеи и гледишта). Во еден таков контекст не само што не се одразува интересот и потенцијалот на ромските гласачи во кандидатските листи него и постои потенцијал за асимилација, манипулација и притисоци, истакнува генсекот на Аваја во однос на тоа што недостасува во дејствувањето кај другите партии кои ги застапуваа правата на Ромите.

На прашањето какво е нивното мислење како партија во однос на евроинтеграцијата на земјава и уставните измени, Мемети посочува дека „нема друг план“ и дека „популизмот и национализмот на овие простори функционира веќе 30 години“.

Денот на Ромите е секогаш резервиран за позитивни пораки од политичарите за „просперитет, успех и за тоа што направиле за нивна добробит“. Како би ја опишале ситуацијата на Ромите во 2024 година во земјава во однос на правата и интеграцијата во општеството?

-Денеска го славиме симболот на самоопределување и единство. Го одбележуваме дигнитетот, политичката еманципација, нашата културна автономија и суверенитет. На Првиот светски конгрес на Ромите во 1971 година, ромските интелектуалци и застапници дадоа храбра изјава: Ние сме Роми. Тогаш се потврдува и ромската химна, знамето и јазикот, симболи на нашата нација. На средбата само 26 години по завршувањето на Втората светска војна и геноцидот врз нашиот народ, тие се воздржаа од барање територија.

Ние денес го почитуваме нивното храбро самопотврдување и, како нив, сè уште избираме конфликтите да ги решаваме преку демократска политика, а не преку насилство.

Ситуацијата со Ромите во споредба со сите останати заедница во Република Северна Македонија е сеуште непроменета. Има напредок, но поради политичко – општествените бариери кои што постојат, состојбата не ја одразува рамноправноста и благосостојбата на ромскиот народ. Не смееме да се откажеме од битката која ја водиме со децении. Битката за самоорганизирање и поврзување и заедничко дејствување во насока на личен и колективен напредок.

АВАЈА прерасна во партија. Како се позиционирате во однос на идеологијата?

-Аваја е современа партија, претежно централно-левичарска, која верува во општество чија економија е претежно капиталистичка, каде државата ја регулира истата во општ интерес и интерес на народот, преку обезбедување на социјални услуги и се обидува да ја смени распределбата на приходите и богатството во име на социјалната правда.

Поддржуваме социјалната еднаквост и фер можности и резултати за секој член на нашата заедница, без оглед на потеклото или социјалната положба. Сме за воспоставувањето на систем на правда и владеење на заштита на индивидуалните права и довербата на јавноста во нашите институции. Ние се залагаме за владеење кое активно ги вклучува граѓаните од сите средини, осигурувајќи се дека нивниот глас се слуша и нивните потреби се адресираат. Исто така и за промовирање на вклученоста на Ромите во политичките процеси и борба против корупцијата, како и имаме за цел да ги зајакнеме демократските институции и да негуваме култура на политички ангажман.

Нашата партија ја цени богатата културна разновидност што ја дефинира Северна Македонија и е посветена на нејзино зачувување и промовирање. Го препознаваме огромниот потенцијал на ромската заедница во поттикнувањето на економскиот раст на земјата. Посветени сме на поттикнување партнерства со меѓународните чинители кои придонесуваат за развојот и напредокот на нашата нација.

Велите доколку се е фер и демократски, вие ќе победите кај вашиот електорат. Што недостасува во дејствувањето кај другите партии кои ги застапуваа правата на Ромите? Каде се најголемите недостатоци во дејствувањето и што вие ќе промените на тој план доколку ја добиете довербата?

-Ако изборите се фер и демократски ние ќе победиме. Поголемите македонски и албански партии вклучително и некои од партиите на одредени помали заедници се соочуваат со недоволен инклузивен потенцијал и криза во преставување на интересите (како сеуште да се затворени во сопствената кутија и им недостасуваат пошироки идеи и гледишта). Во еден таков контекст не само што не се одразува интересот и потенцијалот на ромските гласачи во кандидатските листи него и постои потенцијал за асимилација, манипулација и притисоци.

Нашата позицијата е дека ако останатите не работат и во интерес на ромската заедница и подобрување на состојбата, тогаш ние нема што да служиме на нивните интереси.

Другите ромски партии пак се приказна сама за себе. Не верувам дека имаат конкретна „идеја“ да одговорат зошто се всушност дојдени или влезени во политиката и кои се нивните концепти. Недостасува вистинска работа со народот. Поголемиот дел од нив имаат впечаток дека довербата „паѓа од небо“ или се стекнува само за време на избори без притоа да променат нешто во својата тактика или во најмал случај барем демократски да го изберат својот лидер.

Еден од клучните столбови на Аваја е промовирање на демократското управување каде што се слуша гласот на народот и се решаваат потребите и проблемите.

Веќе најавивте тужба кон Самка Ибраимовски за изнесени лажни обвинувања. Дали е ова знак дека веќе ве препознаваат како сила која може да предизвика промени?

-Да. Тоа треба да послужи и како пример кон сите други кои што ќе настапат со закани, притисоци и лажни обвинувања кон секој еден член на политичката партија Аваја. Немаат свој интегритет не знаат и не можат поинаку и тоа што го имале со подолго време на „неработење“ и шалтање низ политиката – го изгубиле. Затоа е најдобро нивните веќе „предодредени“ политики да бидат поразени. Историјата не се прави така.

Гледаат со страв кон доаѓањето на политичката сцена на новата политичка партија. Всушност и преводот на ромски јазик на Аваја, значи „доаѓаме“. Сепак, тоа е само почеток. Оваа генерација нема да застане се додека ромскиот народ не стане рамноправен со останатите.

Дали претседателските кандидати ги задоволуваат вашите барања, во однос на понудената програма?

-Не ги задоволуваат. Дали сте виделе во текот на овие 30 години независност да биде поставен некој Ром по квалитет и заслуги за амбасадор? Дали во дипломатските аташеа имаме службеници Роми итн?

Следат и парламентарни избори. Доколку дојде до можност за коалиција, кои ќе бидат вашите најитни барања, или црвени линии?

-Сега сме целосно насочени кон освојување на гласовите и симпатиите на народот- затоа што доста ни е од различни ветувања и заложби. Ќе се избориме за нашето место и за нашиот дигнитет и овие заложби време е да заживеат, да ги видиме и да ги живееме во нашето општество.

Социјална правда и еднаквост, борба против корупцијата, функационален систем и институциите кои што работат за граѓаните, правда за сите, почитување и негување на различностите, исполнување на стандардите од ЕУ и отпочнување на преговорите. Тоа се клучните столбови на политичката партија Аваја.

Прва иницијатива на новите пратеници на Аваја во Собранието, велите, ќе биде преиспитување на финансирањето на политичките партии во изминатите 20 години. Зошто почнувате со оваа проблематика, дали е тоа најважен момент од она што значи поголеми права за вашата малцинска етничка група?

-Ова е важен момент. Потребно е преиспитување на финансирањето на политичките партии во изминатите 20 години. Тоа се пари од даноците на нашите граѓани. Граѓаните треба да ги знаат и да располагаат со сите податоци и информации за трошењето на нивните пари.

Какво е вашето мислење во однос на евроинтеграцијата на земјава и уставните измени? Дали едното може без другото и дали, како што тврди опозицијата, може да се направи „друг план“?

-Нема друг план. Популизмот и национализмот на овие простори функционира веќе 30 години . И денес сме тука каде што сме. Сега не е време за тоа. Да беше поинаку место споменици, целиот изминат период ќе создадавме и ќе инвестиравме во функционални институции кои што можеа неприкосновено да ги решаваат проблемите, наместо да се соочуваме со постојано едни исти слабости и предизвици.

Н.П.

Слични содржини