По изјавите на претставници на Владата дека државата се соочува со организирано и мотивирано подметнување на пожари мора да има институционално реагирање. Со оглед на информациите дека имаме закана од центри на моќ и од внатре и од надвор, досега требаше да заседава Националниот совет за безбедност – вели во интервју за „Локално“ полковникот во пензија, Велин Стојановски, магистер по национална стратегија за одбрана.
Реакција на институциите: пред, за време и по завршување на огнените стихии…
Македонија гореше. Пожари и на отворено и подметнати, во затворен простор. Што ни се случува?
-Навистина оваа година имавме премногу пожари во одредени денови, дури и повеќе од десетина активни пожари во тек на еден ден. Причините за секој пожар треба да ги утврдат надлежните а тие во основа можат да бидат предизвикани од повеќе фактори. Најпрво тоа може да бидее природна појава: молњи, земјотреси и слично (веројатно многу мал процент од пожарите се детерминирани од овие причини). Следниот е технички фактор кој подразбира пожари предизвикани поради дотраени или прегреани инсталации и апарати и третиот е институционалниот фактор – тоа што институциите биле должни според ингеренциите да преземат превентивно а не го направиле тоа. И на крај е човечкиот фактор кој доминира кај најголемиот дел од пожарите. Она што е важно се мотивите кај човечкиот фактор – финансиски (се пали шума за да ја купи како изгорена маса) , реваншизам и криминални дејствија да се нанесе штета на конкурентите).
Колку е важна навремената рекција на институциите. Пред настанување на пожари но и потоа, кога треба да се утврди одговорноста?
-Ќе повторам институциите треба за секој пожар одеделно да ја одредат причината а според првичните изјави најголемиот дел се последица на човечкиот фактор. Многу е важно да се види дека одговорните ќе бидат изведени пред првадата. За жал климатските услови обезбедија, би рекол, идеални предуслови за брзо ширење на истите, имено во април и мај имавме дождови што овозможија тревата брзо да нарасне а потоа дојде суво и топло време, тревата се исуши а тоа овозможи и најмала искра брзо да пламне во силен пожар кој многу брзо се шири.
Дали институциите правилно одреагираа во справување со пожарите?
-Во пракса реакциите на институциите треба да ги анализираме од повеќе аспекти, како реагирале пред да се случи одредена катастрофа, во текот на справувањето со истата и после катастрофата. Сите извештаи ни укажуваат дека институциите не постапиле целосно како што тоа требале и морале да го направат согласно закон. На пример за складот со опасен отпад во Трубарево институциите морале да му наложат да обезбеди соодветни ПП апарати за гаснење на евентуални пожари, да утврдат дали ги исполнува условите за складирање на таков отпад или треба да се дислоцира. Затоа секој што имал обврска да преземе одредени активност а не го направил треба да одговара. Уште во месец мај требаше да знаеме дека ни престои период на многу пожари и да се преземат мерки на мониторинг на критичните места . Реакциите по локализирањето или гаснењето на пожарите се сведува на утврдување на причините и евентуално утврдување на одговорност. Изостануваат стручни анализи и научени лекции после ваков обем и бројност на пожари. Во суштина ние немаме соодветна стратегија за справување со пожари. Од друга стана сепак имаме подобрени капацитети за справување со пожарите, но се стекнува впечаток дека тоа е дел од некоја „рутина“ и кога малку треба да се одстапи од таа рутина настануваат нови проблеми.
На што точно мислите кога го велите ова?
-Конкретен пример е начинот на гаснењето на пожарите на Дрисла и во Трубарево со вода која нема никаков позитивен ефект при гаснењето на таквии материи или пак несериозноста при евакуацијата на населението од Трубарево. Несмее само преку средствата за јавно информирање да се повикаат на евакуација.надлежниот орган требаше да упати екипи кои преку разглас ќе го повикаа населението да ги напуштат своите домови каде да се упатат и по кој пат за евакуација. Каде беа СМС пораките јас уште 2017 година во научените лекции од поплавите на скопската обиколница предлагав да се воведат СМС поракии истите да се упатат на сите телефони лоцирани во близина на загрозените места.
Престојувавте во САД, какви беа таму искуствата за навремено информирање и заштита на граѓаните од вакви и слични катастрофи?
-Една година престојував во Тампа, Флорида каде ураганите се честа појава. Веќе во првата семица бев посетен од оодговорно лице кое изврши проверка дали имам одвоено храна вода и други потреби и дали го знам патот за евакуација. На мојот телефонски број редовно добивав пораки за секој вид на загрозеност.
Пожарите – закана по безбедноста?
Освен пожари на отворено, за жал имавме и пожари со фатален крај, голем број на жртви во Кочани?
-Да , она што е посебно загрижувачки оваа година е што се соочуваме и со бројни пожари во затворен простор, почнувајќи од катастрофалниот пожар во Кочани преку неколку пожари на отпади, депонии, на индустриски објекти а деновиве и во сервиси за возила. Толку пожари во објекти кои се прецизно селектирани неможе да бидат случајни . Кај овие пожари дел од причините треба да се бараат и во институциите затоа што непревзеле мерки на контрола, а поради алчноста на поединци за поголем профит се занемаруваат ризиците и последиците. Секако дека тука е личната одговорност на поединецот кој го предизвикал пожарот .
Дали пожарите ја загрозуваат безбедноста на државата?
-Секако дека ја загрозуваат безбедноста на државата. Во пожарот во кочани изгоре иднината на државата, односно државата беше на работ ќе не биде или нема да не биде и секако дека безбедноста на државата ќе биде загрозена се додека нема вистинска правда и секој одговорен за тоа што се случи да ја добие правичната казна. Во пожарите на отворено гореше националното богатство и со тоа секако дека гореа и се трошеа безбедносните ресурси. Последните пожари – Вардариште, Дрисла и во Трубарево беа директна закана за здравјето и животите на граѓаните на Скопје. Стравот, неизвесноста и текако беа закана за безбедноста.
Директорот на Дирекцијата за ЗС пожарите ги нарече хибридна закана а премиерот ги поврза со одредени центри на моќ во државата или од надвор. Според вас, за каков вид на закани се работи?
-Самата дефиниција за хибридни закани дека се тоа неконвенционални закани кои се продуцирани со цел да поткопаат или наштетат на нечиј углед и статус, независно од тоа дали станува збор за индивидуа, колектив, институција, држава итн..Значи има елементи и дава за право одредени аналитичари и функционери да ги сврстат пожарите во хибридни закани, особено ако премиерот и директорот располагаат со информации кои ние не ги знаеме. Но ако ги анализираме според тоа која можела да биде крајната цел начинот и пред се тоа што гореше според мене е акт на тероризам. Прецизно селектиран отпад на стари возила, Вардариште, Дрисла и на крајот склад за електронски и опасен отпад со цел да се предизвика страв и несигурност кај голем број на граѓани е споредд сите критериуми акт на тероризам без разлика дали е како последица на тоа што одредена институција не превземала мерки или причината е човечки фактор кој можеби и ненамерно но сепак има предизвикано сериозни последици.
Од страна на претставници на власта слушнавме и оценка дека сме изложени на хибриден напад?
-До сега се соочивме со бројни примери за хибридни операции се хакерските напади, дезинформациите, лажните вести. Она што ги прави опасни е фактот што тие најчесто се производ на одредени центри кои физички не се наоѓаат на територијата која им е таргетирана за напад, а со самото тоа се многу потешки за превенирање. Во целина овие безбедносни предизвици беа многу сериозни и загрозено беше фактички една третина од вкупното население. За да докажеме кај населението дека навистина е овие ситуации се сериозен предизвик требаше да се свика Советот за безбедност и секоја препорака или заклучок од таа седница ќе добиеше соодветна тежина во јавноста и ќе се градеше довербата во институциите. Сметам дека по вакви изнесени изјави за организирано и мотивирано подметнување и предизвикување на пожари како и по изјавите дека сме изложени на хибридни напади досега требаше да заседава Националниот совет за безбедност бидејќи пораките оттаму ќе беа важни за довербата на населението.
Д.А.