Интервју со Силјановска Давкова: Никогаш не сум го бранела авторитаризмот, туку сум го критикувала „путинизмот“ како негов изданок

од Nikola Popovski
596 прегледи

Последните анкети и истражувања откриваат дека и јас имам, речиси, двојно повисок рејтинг од оној на Стево Пендаровски, веројатно, сѐ уште, најсериозниот противканидат дури и во изборните единици „еден“ и “ два“!Причина? Четирите години посветена и одговорна работа во Собранието, како една од најактивните, најкритичните, најавтономните и најпочитуваните пратенички/пратеници, што отвора простор за добивање доверба и глас од неопределните, аполитичните и разочараните гласачи од партиите на власт, како и од гoсподинот Пендаровски, вели во интервју за „Локално“ кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова за нејзините шанси за победа на претседателските избори.

Оценува дека „на Македонија ѝ треба длабоко политичко орање и сеење демократско семе на право, знаење, стручност, компетентност, чесност, одговорност“.

-Без политика врамена во правото и правдата, нема држава, потенцира Силјановска-Давкова, одговарајќи прашањето дали на следните избори „треба да се спаси Македонија?“.

Според професорката и се уште актуелна пратеничка, на државата ѝ треба претседател кој обединува, модерира, координира, усогласува, советува, посредува и гради конзензус.

На обвинувањата од ДУИ за „русофилија“ и „путинизам“, вели дека е трагикомично и говори за обвинителите, а не за мене.

-Мојата професорска кариера е неразделна од експертскиот ангажман во Советот на Европа, односно од децениската работа во Групата на независни експерти за Европската повелба за локална самоуправа, чија потпретседателка бев во два мандата, посочува меѓу другото Силјановска-Давкова.

За предизборието и целиот изборен процес, образложува дека „зад добриот коњ, се крева прашина“.

-Јас, пак, ниту сум посегала по лични напади ниту ќе посегам. Ги жалам оние што влегле во трката не за да аргументираат програми, туку за да им го оневозможат тоа на другите, заклучува кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата.

Второ Ваше излегување на претседателските избори во Македонија, повторно соочување со Пендаровски, но сега и со Османи, Таравари, Јакимовски, Димитриевски и Ванковска – кандидати кои силно претендираат на оваа позиција. Како ги цените Вашите шанси овој пат?

Моите шанси за победа се многу поголеми од минатиот пат, од повеќе причини: партијата чија кандидатка сум, кадровски, организациски и демократски се консолидира и афирмира како важен политички фактор во македонскиот политички систем, како и во рамките на фамилијата на европските народни партии, што доведе до најмалку двојна предност пред СДСМ, со континуирано растечки рејтинг, за разлика од СДСМ која е во слободен пад, до степен на бестежинска состојба, со загуба на дел од членството и поддржувачите, кои заминаа во „Знам“ на Максим Димитриевски или, пак, се департизираа.

Последните анкети и истражувања откриваат дека и јас имам, речиси, двојно повисок рејтинг од оној на Стево Пендаровски, веројатно, сѐ уште, најсериозниот противканидат дури и во изборните единици „еден“ и “ два“! Причина? Четирите години посветена и одговорна работа во Собранието, како една од најактивните, најкритичните, најавтономните и најпочитуваните пратенички/пратеници, што отвора простор за добивање доверба и глас од неопределните, аполитичните и разочараните гласачи од партиите на власт, како и од г. Пендаровски. Граѓаните сакаат споредби. За разлика од мене, Стево Пендаровски никој не го помни како пратеник, а како претседател беше непрепознатлив, неактивен и послушен кон формалниот премиер од СДСМ, но и кон неформалниот од ДУИ, како и кон меѓународната заедница. Ту со чинење, ту со нечинење, тој соучествуваше во: хибридизацијата на политичкиот систем, пропаѓањето на правната држава и креирањето на социјален хаос, жртвувајќи ги  граѓаните.

Искрено, би сакала во вториот круг, политичката битка да биде меѓу мене и Билјана Ванковска, заради можноста од витешки натпревар, но, познавањето на изборните феномени ми вели дека, за жал, во вториот круг ќе влезе Стево Пендаровски.

Од друга страна, реално, кандидирањето на господата А. Таравари и Б. Османи на овие избори, ќе доведе до одлевање на албанските гласови од изборното конто на С. Пендаровски во првиот круг и ќе биде интраетничко одмерување на силите, без шанса за влез во вториот изборен круг.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели 100 000 разлика уште во првиот круг – реалност или преоптимистички прогнози?

-Мицковски предава роботика, вешт е со бројките и брз со логиката. Тргнува од освоените гласови на минатите претседателски и парламентарни избори, од својот лидерски рејтинг, од дуплираниот рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ, како и од мојот растечки рејтинг.

Повеќето кандидати во своите програми ја нагласуваат важноста на овие избори, како некој вид „ресетирање“ на државата. Го имате ли Вие тоа мислење дека „треба да се спаси Македонија“?

-Не само експертите и независните аналитичари, туку и граѓаните и странските претставници дијагностицираат тешка демократска криза и загроза на правната држава, поради: конзулското двовластие, односно безвластие, одомаќената и незауздана  корупција и криминал, зависното судство без никаква доверба, згазените  или загрозени слободи и права до степен на негирање на граѓанскиот статус, супермоќните бизнис политичари, преслабите партизирани институции, жртвуваните државни и национални интереси, медиумите под притисок, неподносливата сиромаштија на најголемиот број граѓани, наспроти неколкуте проценти пребогата, агресивна/подивена/збесната/побеснета  олигархија, девастираното образование и егзодусот на најдобрите од земјава, што ја нарушува нормалноста на државата. На Македонија ѝ треба длабоко политичко орање и сеење демократско семе на право, знаење, стручност, компетентност, чесност, одговорност. Без политика врамена во правото и правдата,  нема држава!

Кои се водечките теми во Вашата програма, на што најмногу ќе се фокусирате во кампањата?

-На нужноста од експертска дијагноза на болестите на македонскиот уставен поредок, опфатен од вирус  во низа уставни решенија, на потребата од претпочитање реформи во правец на градење граѓанска држава, заснована врз владеењето на правото, можна само кога индивидуалните права имаат примат пред колективните, по примерот на членките на ЕУ, на потребата  од проактивен  однос на претседателот во поделбата на власта, односно во односите кон Владата, Собранието и судската власт, на измената на начинот на вршење на уставно загарантираните надлежности: од онаа во претставувањето на државата во надворешните односи, односно изборот на амбасадорите и другите претставници во странство, преку одбраната и безбедноста, номинирањето на носители на државни и јавни функции, до помилувањето и доделувањето награди, како и односот кон младите, образованието и науката, лицата со посебни потреби, ранливите категории граѓани и дијаспората…

Моите познавања од компартивното уставно право и компаративните политички системи како и мојот увид во компаративната политичка практика на остварување на претседателската функција ми укажуваат на потреба од реформи во нејзиното вршење, како неопходен услов за демократизација на македонскиот политички систем и афирмација на македонската држава како правна, стабилна, нормална, досадна и стандардна европска држава.

Каков претседател ѝ треба на Македонија во сегашнава ситуација  ̶ некој што обединува или некој што дели?

-Не само во сегашнава ситуација, туку СЕКОГАШ,  на државата ѝ треба претседател кој обединува, модерира, координира, усогласува, советува, посредува, гради конзензус. Претседателот мора да се однесува како натпартиска личност, позната и почитувана дома, ама и надвор, лик што ги брани националните и државните интереси, а не личните, партиските или етничките, човек кој е близок до граѓаните и ја ужива нивната доверба.

Очекувате ли гласови од сограѓаните Албанци доколку победите во првиот круг? Од ДУИ ве обвинија за „русофилија“ и „путинизам“…

-Се разбира дека очекувам и посакувам. Моето семејство има, речиси, осумдесетгодишно пријателство и шеесетгодишно побратимство со познато албанско семејство кое со децении живее во САД. Мојот брат Гоце и неговиот побратим Салија беа браќа, татко ми беше дел од семејството на дедо Мислим и обратно, нашата куќа беше нивна и нивната,  ̶  наша.

Сум едуцирала многу генерации студенти од различна етничка и верска припадност и никогаш, никогаш, никого не сум дискриминирала. Сум добивала највисоки евалуации од нив, ме избирале за најдобра професорка. Сум ги подготвувала за ораторска вечер и добивале награди со мене. Сум плачела од радост со некои од нив. Сум била  менторка на студенти/студентки Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и други. Магистрирале и докторирале кај мене. Сум им пишувала препораки за странски универзитети. Контактирам и сега со нив. Некои од нив ќе бидат дел од мојот тим.

Една од големите лични придобивки од пратеничкиот статус е што запознав извонредни пратеници Албанци кои ја здобија мојата почит. Изградив пријателство со нив.

Што се однесува до „ русофилијата“ и „путинизмот“, обвинението е трагикомично и говори за обвинителите, а не за мене. Мојата професорска кариера е неразделна од  експертскиот ангажман во Советот на Европа, односно од децениската работа во Групата на независни експерти за Европската повелба за локална самоуправа, чија потпретседателка бев во два мандата. Осум години работев во Венецијанската комисија и бев потпретседателка на Поткомисијата за малцинства и членка на неколку други поткомисии. Сум престојувала на европски и американски универзитети, но и на „Ломоносов“. Сум промовирала двајца почесни доктори: еден од  Универзитетот „Колумбија“ и друг од Универзитетот во Валенсија. Бев членка на Советот на Меѓународното здружение за уставно право. Сум објавувала во престижни европски издавачки куќи и сум членувала во уредувачки одбори на европски меѓународни списанија. Никогаш не сум го бранела авторитаризмот, туку напротив, сум го критикувала „путинизмот“ како негов изданок.

Едно од главните прашања со кои се занимаваат провладините портали деновиве е зошто Гордана Силјановска-Давкова има три различни датуми на раѓање во три различни биографии?

-Тажно, малограѓански. Јас имам лична карта и пасош и во нив стои мојот датум на раѓање: 11.5.1953 г. Можно е да имало ненамерна техничка грешка, но во мојата професија, возраста нема никаква улога или влијание зашто не сум ни глумица ни пејачка, туку професорка.

Според  Вашето мислење кој е најголемиот кочничар на евроинтегративниот процес – Владата, како што тврдат од партијата чиј кандидат сте или тоа се одредени земји членки на ЕУ? Како  би го одблокирале процесот, Вие?

-Се разбира дека е тоа Владата, како најсилна власт во тројната поделба на власта и  како единствен преговарач. За жал, таа го маргинализираше Собранието и ја суспендираше опозицијата од евроинтеграцискиот процес.

Исполнувањето на Копенхагенските критериуми е услов за евроинтеграција, а нејзиното темпо, во најголема мера, зависи од Владата.  Односот на соседите, но и на останатите членки на ЕУ кон нас, би бил поинаков ако сме европски уредена држава и ако имаме претседател, премиер и министри, лидери и државници кои се водат од националните, а не од своите лични, колективни и лукративни интереси.

Претседателот, но и премиерот и надлежните министри мора да градат национални позиции преку сеопшт консензус пред да прифатат каква било обврска, мора да инсистираат на рамноправен статус и однос кон нас, мора да ги познаваат основачките документи на ЕУ и да се повикуваат на основните принципи и вредности во нив!

Уценувањето и ветото, кога се однесуваат на прашања за кои основачките документи забрануваат мешање и условување се антиевропски чин, но нашата Влада прифатила да преговара за нешта за кои никој не преговара: историја, културен и национален идентитет, уставна структура, суверенитет, интегритет и дигнитет, внесување билатерални прашања во преговарачката рамка!

Каков изборен процес очекувате? Веќе почнаа нападите од актуелната власт, но и од Левица, чија кандидатка вели: „Нема да има валкани работи, но не знам што ќе прават партиските машинерии…“

-Досегашното изборно искуство, како и предвечерието на овој изборен процес откриваат ad hominem, наместо ad rem пристап, негативна, наместо позитивна кампања, навредлив, наместо респектабилен однос кон противкандидатите, непријателско, наместо партнерско политичко поведение, дезинформативни, наместо  информативни пресови, предвремен почеток на кампањата, неумерени, наместо одговорни изјави. За жал, изборната трка се третира како влез во гладијаторска арена без принципи и правила.

Но, зад добриот коњ, се крева прашина. Јас, пак, ниту сум посегала по лични напади ниту ќе посегам. Ги жалам оние што влегле во трката не за да аргументираат програми, туку за да им го оневозможат тоа на другите.

Сепак, народот гледа, слуша и споредува! Се разбира, јас одговарам за себе, но не и за другите!

Н.П.

Слични содржини