Интервју со Спасовски: „МВРО“ е одлика на едно време кое никој ниту го посакува, ниту пак некому ќе дозволиме да ја враќа државата таму

од Vladimir Zorba

„МВРО“ е одлика на едно време кое никој ниту го посакува, ниту пак некому ќе дозволиме да ја враќа државата таму. Патот на земјата е напред и затоа велам дека секој е должен да ги стави настрана тесните лични и партиски интереси и да се фокусира на интересите на државата и на граѓаните. Ова го вели техничкиот премиер на РСМ, Оливер Спасовски во интервју за Локално.

Тој смета дека несериозно, неодговорно и недозволиво е од кого било, за лични или партиски цели, да злоупотребува институции.

-Тоа време помина, потенцира техничкиот премиер.

На прашањето дали ќе се врати на чело на МВР доколку неговата партија го добие повторно мандатот од народот,Спасовски вели дека за него е најважно да гледакако Република Северна Македонија како напредува.

-И ќе бидам каде ќе биде тоа најпотребно за граѓаните и за државата, вели тој.

Во однос на претстојните избори, екс министерот вели дека пред сите граѓани и политички субјекти е сериозна одлука и одговорност да дадат поддршка на напредокот, затоа што ништо друго не е опција.

-Јас се надевам дека како и секогаш, во клучни моменти за државата, овој народ и на овие избори ќе ја стави во преден план својата сигурност и сигурноста, безбедноста и развојот на државата, смета Спасовски.

Случувањата во МВР се чини се прв поголем проблем во функционирањето на техничката влада. Како ги оценувате потезите на вашиот наследник и дали тие можат да доведат во безбедносни проблеми? Дали е загрозена безбедноста на граѓаните?

-Сите министри во Владата и сите политички субјекти се должни да го овозможат натамошниот напредок на државата, осигурувајки ги веќе стекнатите придобивки на стабилна и демократска држава, стабилни и демократски институции, што работат во интерес исклучиво на граѓаните, непречено испорачување на услугите кон граѓаните, продолжување на процесите на НАТО и ЕУ интеграциите, изградбата на Едно општество за сите, продолжување на воспоставените добрососедски односи со сите пет соседи, организирањето и спроведувањето фер избори.Тоа се приоритетите на коишто настојувам да работи оваа Влада. Несериозно е, неодговорно и недозволиво од кого било, за лични или партиски цели, да злоупотребува институции. Тоа време помина. Техничката Влада, во 2016 година имаше обврска, во услови на заробена држава, заробени институции, хибриден режим во земјата констатиран на меѓунароно ниво, да овозможи граѓаните слободно да излезат на гласање и да донесат одлука по сопствена волја, на фер избори.

Продолжуваме да даваме позитивни аргументи и во овој период до Самитот на ЕУ во мај во Загреб, на веќе постоечките ставови и на Европската комисија и на Европскиот парламент и на земјите членки, дека Република Северна Македонија сработи за добивање датум за преговори

Денес, кога имаме демократски институции што функционираат во демократска држава, којашто е на прагот да стане полноправна членка на НАТО и да ги отвори преговорите со ЕУ, кога се организирани неколку последователни фер изборни циклуси, јасно е дека клучната обврска пред сите нас во Владата е да ги сочуваме и развиваме тие демократски вредности и придобивки. Реформските процеси мора да продолжат, стабилноста и безбедноста на државата, на граѓаните и на институциите мора да се загарантарани, како и досега. МВР ја има клучната улога во ова. Некои избрзани кадровски одлуки што беа донесени изминатите недели и коишто освен задоволување лични и партиски цели, немаа никаква друга оправданост навестија можни несакани последици. Но потенцирам дека во МВР, изминатите две ипол години поставивме професионални стандарди во работењето на полицијата и секој обид за какви било злоупотреби за лични или партиски цели ќе биде соочен со законот. Мојата определба, како и на Владата е низ дијалог да се разрешуваат сите евентуално отворени прашања во институциите и во самата Влада и очекувам, со придонес од сите страни, така да продолжиме да функционираме.

Чулев ве обвини дека ги криете хаосот и безредието кои сте ги оставиле зад себе во МВР. Како ги коментирате неговите обвинувања?

-Ќе порачам до сите членови на Владата, вклучувајки го и споменатиот министер, да ги имаат предвид придобивките од професионализицијата на институциите и да дадат свој придонес во овие започнати процеси. Реформирањето на МВР ја врати добербата на граѓаните во полицијата. Вработените во МВР работат професионално, без притисоци. Зголемени се платите. Купена е нова опрема и значително се подобрени условите за работа на полициските службеници. Ова е ред, апелирам, да се сочуваат и развиваат започнатите позитивни процеси во министерството. МВР мора да фунционира професионално, а тоа според структурата на организациските единици, значи по принципот на хиерархија и управување со полициските задачи.

Успеавте ли во својот период на чело на Министерството да го претворите „МВРО“ во МВР?

Поставивме, во изминатите две и пол годиини, стандарди во работењето во МВР и на полицијата, за професионална работа и за спречување какви било злоупотреби, од која било партија или поединец. „МВРО“ е одлика на едно време кое никој ниту го посакува, ниту пак некому ќе дозволиме да ја враќа државата таму. Патот на земјата е напред и затоа велам дека секој е должен да ги стави настрана тесните лични и партиски интереси и да се фокусира на интересите на државата и на граѓаните.

Еден дел од процесот на ветинг е завршен со трансферот на службениците од УБК во АНБ. Сега останува да се направи ветинг на оние кои од УБК остануваат во МВР. Формирана е и работна група и тој процес ќе започне на почетокот на идната година, изјавивте неодамна. Дали сметате дека процесот на професионализација на МВР ќе продолжи при евентуална промена на власта?

-Очекувам дека граѓаните ќе дадат поддршка на овој прав пат, кон натамошна реализација на реформите што придонесуваат кон професионализација на службите и институциите во интерес на граѓаните и за евроатлантските процеси. Процесот на професионализација на МВР ќе продолжи, но важно е да се знае дека сите позитивни промени се можни само со Влада, посветена на интересите на граѓаните и на демократскиот развој на државата.

Говорот на омраза и лажните вести ги окупираа социјалните мрежи, па и дел од медиумите, уште од најавувањето на техничката Влада. Направено ли е доволно од актуелните власти за да се реши овој проблем и да се санкционираат сторителите?

-Јавноста е сведок дека извршната власт и изминатите две ипол години и сега реагира соодветно на говорот на омраза и на објавата лажни вести. Дезинформациите влијаат негативно на општеството, создаваат услови за можни конфликти, омраза и затоа мора да се дејствува. Во една демократска земја, најдобар начин да се укаже на лажните вести и дезинформациите е активната траспаретност и ние тоа продолжуваме да го правиме како Влада. Нашата заедничка обврска е да ја браниме и унапредуваме демократијата. Една од моите пораки и во ова интервју е секој да се воздржи од лажни објави и од говор што поттикнува омраза, бидејки е тоа неетички, а и е казниво со закон.

Изминативе денови е актуелен вербалниот напад на новинарките Јордановска и Коровешовска од страна на лице блиско до опозициската партија, но ова не е изолиран случај, а неказнивоста, која се провлекува со години, претставува само поттик за понатамошни заплашувања и напади врз медиумските работници. ССНМ и ЗНМ со законски измени бараат нападите врз новинарите да бидат третирани како напади врз службени лица, нешто што доби на одобрување и од министерката Дескоска. Зошто, според вас, измените се уште се на чекање?

-Ги осудивме последните случаи за коишто прашувате и превземени се соодветни мерки, како што веќе знаете, против лицето кое што е извор на таквите вербални закани. Ставот на Владата е јасен, недозволив е и го осудуваме секој чин на вербално или физичко однесување и насилство кое што на каков било начин ги загрозува медиумските работници и нивната работа. Ова се времиња на слобода, демократија и траспарентност и сите треба да ги почитуваат овие важни демократски придобивки што ги развиваме изминатете две ипол години, а продолжуваме и понатаму.

Очекувањата околу договор за Законот за јавно обвинителство се во насока дека со искрена политичка волја од сите страни би можело да биде постигнат, што ќе биде и дополнителен сигнал за определеноста и кон оваа важна реформа во правосудството од страна на сите политички субјекти и во пресрет на очекувањата за исчекор во евроинтеграциите

Стоиме цврсто во одбрана на објективното и професионално новинарство како демократски и европски вредности. Што се однесува до вториот дел од прашањето, апсолтутно сме определени тоа прашање да се реши во соработка со медиумската заедница. Во моментов се подготвува Кривичниот законик во којшто ќе се кодифицираат сите кривични дела, коишто ќе се усогласат со меѓународните стандарди и тој процес е во тек.

Дали при евентуална победа на избори планирате да се вратите на чело во МВР?

-Сега е најважно граѓаните да ја донесат вистинската одлука за нив и за државата, а тоа е да продолжиме по пат на просперитетот и развојот. Во МВР започнавме квалитетни и суштински реформи, дел од нив завршивме, што беше значаен придонес и кон поситивниот извештај на Европскаат комисија, со што навистина сме задоволни. Дел од реформите се во фаза на реализиација, тие процеси течат и треба по изборите уште поактивно да продолжат. За мене е најважно да ја гледам Република Северна Македонија како напредува. И ќе бидам каде ќе биде тоа најпотребно за граѓаните и за државата.

Вашите очекувања за претстојните избори во однос на капацитетот да организираме фер и демократски изборен ден? И дали очекувате да продолжи трендот на мала излезност, која беше на рекордно ниско ниво за време на претседателските избори пред неполна година?

-Пред сите граѓани и политички субјекти е сериозна одлука и одговорност да дадат поддршка на напредокот, затоа што ништо друго не е опција, туку како што реков опасност, незивесност и ризик. Јас се надевам дека како и секогаш, во клучни моменти за државата, овој народ и на овие избори ќе ја стави во преден план својата сигурност и сигурноста, безбедноста и развојот на државата. Многу важни одлуки за добрата иднина на државата донесовме заедно со граѓаните изминативе две ипол години. Престојните избори нека бидат уште една добра одлука и влог во перспективна иднина на секој млад човек, на секое семејство, на сегашните и идните генерации, на нашата држава.

Го заслуживме напредокот што го живееме и да продолжиме по правиот пат. Инаку, во изминатите две ипол години беа организирани неколку фер и демократски изборни циклуси, без преодна Влада. Тоа беше резултат на воспоставеното професионално и демократко работење на институциите на системот. Сега кога сите политички субјекти се дел од Владата, одговорноста е споделена и таа треба да резултира со напредок на демократијата. Никому нема да дозволиме да ја врати државата назад. Фер и демократски избори мора да има, за тоа мора да се погрижат сите политички субјекти, поединци и сите институции на системот.

Заслужува ли, според вас, актуелната Влада нов мандат и дали е доволно направено за овие 3 години за граѓаните да се надеваат на подобра иднина?

-На чекор сме до заокужувањето на една од двете стратешки цели на државата, членството во НАТО. Во очекување сме на исчекор во евроинтеграциите, во којшто процес нашите постигнувања се признаени од сите земји членки на Унијата. Имаме економски раст, од негативното ниво што го затекнавме, -1.8 проценти од БДП, на 3.6 проценти во трите квартали на 2019 година. Забележавме рекорден број странски директни инвестиции од 624.5 милиони евра во 2018 година, а интересот за странски инвестиции во државата се зголемува. Намалена е невработеноста, на историски најниско ниво од независноста на државата, од 23.6 проценти, на 17.1 процент.

Покачена е, за две ипол години, минималната плата од 9. 000 денари на 14.500 денари. Тоа е покачување од 5.500 денари. Покачена е и просечната плата, за над 2.800 денари во последниве две ипол години, според официјални податоци од Државниот завод за статистика и таа изнесува над 25.000 денари. Во 2019 година, преку Младинската гаранција се вработиле 6004 млади луѓе. Има покачувања на пензиите. Има покачувања на платите во речиси сите области, во здравството, полицијата, одбраната, образованието, во институтите. Ги субвенционираме придонесите од задолжителното осигурување за работодавците што ќе ја покачат платата на вработените до 6.000 денари.

„МВРО“ е одлика на едно време кое никој ниту го посакува, ниту пак некому ќе дозволиме да ја враќа државата таму. Патот на земјата е напред и затоа велам дека секој е должен да ги стави настрана тесните лични и партиски интереси и да се фокусира на интересите на државата и на граѓаните

Од друга страна по повеќе основи се намалени трошоците на живот, граѓаните имаат заштеди со ефтината тарифа на струката, укинатата радиодифузна такса, им се слеваат средства по основ на поврат на ДДВ од мерката Мој ДДВ. Со полноправното членство во НАТО, сите овие процеси ќе дадат уште подобри резултати. А на другата страна што има? Видоа граѓаните со упадот на дополнителниот заменик министрер за земјоделство меѓу вработени во подрачна едницица, или со партиските прес конференции за укинување на Преспанскиот договор, дека заканите, уцените, ризиците, се се уште присутни на другата страна. Затоа, граѓаните заслужуваат нов мандат и Влада која ќе продолжи да ги води напред, да, кон подобра иднина.

Францускиот амбасадор Тимоние неодамна изјави дека реформи, успешни избори и Закон за Јавно обвинителство се предуслов за датум за преговори. Има ли според вас шанси двете партии да ги приближат позициите и да се донесе Законот за ЈО?

-Правиме `се што е можно дијалогот да продолжи, затоа што покажавме во изминатиот период дека е можен и таа демократска придобивка треба да ја развиваме и во периодот што претстои. Очекувањата околу договор за Законот за јавно обвинителство се во насока дека со искрена политичка волја од сите страни би можело да биде постигнат, што ќе биде и дополнителен сигнал за определеноста и кон оваа важна реформа во правосудството од страна на сите политички субјекти и во пресрет на очекувањата за исчекор во евроинтеграциите. Повикувам сите да се издигнат над личните и теснопатиски интереси, да се направи обид за договор за Законот за јавно обвинителство и Законот да биде донесен. Тоа ќе биде добро за правосудниот систем, за граѓаните и за самата држава. Еве можност секој политички субјект и пратениците да ги покажат на дело заложбите за правна држава, кон што е придонес и овој важен Закон.

Какви очекувања имате за самитот во мај во Загреб и дали сметате дека Франција ќе го повлече „ветото“ за С.Македонија?

-Продолжуваме да даваме позитивни аргументи и во овој период до Самитот на ЕУ во мај во Загреб, на веќе постоечките ставови и на Европската комисија и на Европскиот парламент и на земјите членки, дека Република Северна Македонија сработи за добивање датум за преговори. И ние и нашите пријатели од Европската унија очекуваме дека одложената одлука треба да биде поправена со отпочнување преговори.

Реформските процеси мора да продолжат, стабилноста и безбедноста на државата, на граѓаните и на институциите мора да се загарантарани, како и досега. МВР ја има клучната улога во ова.

Знаете дека е тоа поврзано и со договарањето на новата методологија за преговори меѓу самите земји членки на ЕУ. Гледам волја тој процес да заврши успешно за да продолжат европските перспективи и на нашата земја и на регионот, бидејки тие едноставно немаат алтернатива.

В.З.

Фото: Борче Поповски

Слични содржини