Слободни интелктуалци за небо со ѕвезди…
Авторитарното владеење понижи и подјарми голем број витални професии, особено оние поврзани со креирањето на јавното мислење, како што е новинарството. Неискажувањето за проблемите во тие сфери ја охрабри власта да посегне и по обид за контрола на академската заедница, како едно од последните упоришта на слободната и критичка мисла. Неодамна, власта отворено покажа дека сака да ги застрашува писателите и уметниците, за јавно искажаните критички ставови, преку последниот скандалозен конкурс на Министерството за култура. Но за мене и за голем број колеги писатели се неприфатливи пораките од власта: дека не е толку важно како се пишува, дека не се толку битни естетските дострели на книжевните дела, ами неискажувањето јавна критика или „подобноста“ кон една или друга партија, вели Мартиновски.

Да се гледаат нештата од перспектива на уметник, писател во еден политички амбиент каде што слободната мисла е условена од апсолутистички институционални решенија, веројатно е поразително но истовремено и морален предизвик, да се проговори за тоа. И како писател и како професор Владимир Мартиновски е еден од оние што освојуваат со ретка благородност и совесност. Тој отворено и искрено ги подржа студентите. Гледајќи ги нештата одблизу, и ризикувајќи го својот академски статус, тој дебатираше со овие млади луѓе, излезе и на улица кога тоа беше потребно. Во литературниот израз, еднакво брилијантен и кога станува збор за поезија, проза есеистика. За тоа дали е можна општествена катарза, како да се исчисти “калта“ во која потонавме минативе години, колку индивидуалците се моќни да делуваат врз колективната свест манипулирана од властите и нивната суптилна и агресивна пропаганда, проговоревме отворено, виситинито и од повеќе агли. Идната недела (17 март) во клуб ресторанот МКЦ, ќе биде промовирана неговата нова поетска книга „Внатрешни планини“. Мартиновски подеднакво успешно ги освојува и планиските и духовните врвови.
Во изминатиов период бевме сведоци на еден континуиран процес на граѓански бунт, што се манифестираше со мирни протести за разновидни општествени прашања. Несомнено, првичните превирања почнаа со средношколкските и студентските протести и нивните несогласувања со извесни законски прашања што го засегаат образовниот систем. Како универзитетски професор, можевте непосредно да бидете дел од овој студентски порив. Какви се вашите впечатоци, од оваа мала временска дистанца и дали сметате дека токму тој младешки бунт придонесе за извесни општествени придвижувања?
– Гласот на студентите можеби на почетокот звучеше како глас во пустина. Но нивната истрајност и полетност навистина ги придвижи работите во нашето општество. Нивниот извик „Доста беше молк!“, се чини, одекна во вистински миг. Сѐ уште сум восхитен од нивниот автентичен порив за правда, вистина и солидарност, од нивната општествена свест. Нивното дејствување беше реакција на последните капки што ја прелија чашата на франкенштански законски решенија во образованието, а чија улога беше да се укине автономијата на универзитетите. Поттикнувајќи ги и своите наставници, но и пошироката јавност, студентите го победија стравот. Тие покажаа како може отворено, креативно и конструктивно да се разобличат вистинските проблеми во општеството. Верувам во тие нови генерации, иако знаеме дека во оваа партизирана, „заробена“ држава на младите луѓе не им се нуди вистинска шанса. Тоа мора да се промени час поскоро.
Чија е одговорноста, дека нештата ескалираа до овој степен и сметате ли дека реакциите требаа да почнат многу порано?
– Ние сите сме свесни за стравот што владееше тогаш. Критиките кон политиките на власта беа неретко брутално згаснувани. Но критикувањето низ заби, очигледно не води никаде: треба отворено да се говори за клучните проблеми во образованието, здравството, судството, правната и социјалната сигурност, економијата, културата, медиумите, слободата на изразувањето… Цел свет знае до кое дереџе сме доведени во сите овие сфери. Извештајот на Прибе јасно укажува дека владечките политички елити тврдоглаво и стрмоглаво нѐ туракаат во погрешен правец. Индикатор за нивото на политичка неодговорност би можел да ни биде и воздухот што сите самоубиствено го дишеме, а буквално ништо не преземаме.
Ми се чини дека, пред опшетството да се најде во вакви околности на апсолутизам од страна на една власт, некои асоцијации како писателската, или пак МАНУ, се чувствуваа повикани и реагираа на разни облици на репресија што доаѓаа од некои политички елити. Дали пак стануваше збор за страв, како да замолчија интелектуалците, на кои пак народ со здрав разум и слободна мисла, би требало да им биде многу важен, и од морален аспект и како восприемачи на нивните дела?
– Факт е дека интелектуалците, на пример, академската заедница почна да дејствува колективно и организирано преку Професорскиот пленум дури кога беа директно засегнати достоинството на фелата и на образовниот процес. Не сакам да генерализирам, ама мора да си признеме дека претходно бевме бавни, инертни, уплашени. Сите сме свесни, дека секоја власт, кога-тогаш се менува, а интелектуалците се тие што не треба да потпаѓаат под партиско влијание, туку да бидат принципиелни и критички ориентирани кон општествената стварност. Авторитарното владеење понижи и подјарми голем број витални професии, особено оние поврзани со креирањето на јавното мислење, како што е новинарството. Неискажувањето за проблемите во тие сфери ја охрабри власта да посегне и по обид за контрола на академската заедница, како едно од последните упоришта на слободната и критичка мисла. Неодамна, власта отворено покажа дека сака да ги застрашува писателите и уметниците, за јавно искажаните критички ставови, преку последниот скандалозен конкурс на Министерството за култура. Но за мене и за голем број колеги писатели се неприфатливи пораките од власта: дека не е толку важно како се пишува, дека не се толку битни естетските дострели на книжевните дела, ами неискажувањето јавна критика или „подобноста“ кон една или друга партија. Сите извештаи кажуваат дека слободата на изразување драстично падна последниве години, а истовремено пропагадната машинерија неретко користи говор на омраза, етикетирања и закани кон неистомислениците.
Зборуваме за освојување на слободен простор за слободна мисла, колку оваа нова физиономија на главниот град е неповратрно „запоседаната“ и архитектонски и институционално?
– И кај нас, ама и во светот, проектот „Скопје 2014“ прерасна во симбол, споменик, но и опомена за коруптивното владеење, за злоупотребите на власта и за самоволието кое му го смени лицето на градот. За жал, не е тешко да се препознавам во стиховите на Бернајс пропаганда, кои велат: „Граду мој, веќе не те познавам“.
Каков развој на настаните очекуваме во наредниов период, дали постои уште здраво ткиво за нов почеток?
– Неблагодарно е да се прогнозира, особено оти власта на заминување е очиглено подготвена на сѐ. Инаку да, секако, ни треба нов почеток! Уверен сум дека има „здраво ткиво“: во сите сфери има чесни професионалци, луѓе кои одлично си ја знаат својата работа и имаат морален интегритет. Ќе биде макотрпен процесот: да се врати правдата и слободата, да се обнови достоинството во секоја професија. Ќе мораме да им се вратиме и на вредностите на нашата култура. Не можам да се согласам некој да говори за патриотизам, а да фрла дрва и камења по основоположниците на македонската литература, или, да се градат панорамски тркала додека ни пропаѓаат бисерите на средновековниот фрескопис или Охридското езеро, по кој сме препознатливи во целиот свет, или, додека студентите живеат и учат во мизерни студентски домови.
Колку во современата македонска книжевна сцена се создава литература која е на некој начин го отсликува актуленото време и има ангажиран карактер?
И покрај кризните околности во кои живееме, сепак се радувам што на македонска книжевна сцена се создаваат дела во кои не само што има ангажирана компонента и здив на актуелност туку и високи творечки дострели, така што можат да ни помогнат да го сфатиме и промислиме времето во кое живееме.
Разговарала: Ана Василевска
…………………………………
Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар, преведувач. Вонреден професор е на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Автор на поетските книги: Морска месечина (2003), Скриени песни (2005), И вода и земја и оган и воздух (2006), Квартети (2010), Побрзај и почекај (2011), Пред и по танцот (2012), Вистинска вода (2014) и Внатрешни планини (2016), како и на книгите хаибуни Ехо од бранови (2009) и Небо без ѕвезди (2016). Автор и на книжевно-теориските книги: Од слика до песна (2003), Споредбени триптиси (2007), Les Musées imaginaires (2009), Слики за читање (2009), Споредбени диптиси (2011) Зоон поетикон (2013) и Narro ergo sum (2015). Приредил 5 антологии и 5 зборници со научни трудови. Добитник на неколку книжевни награди: „Браќа Миладиновци“ (за поезија), „Нова Македонија“ (за расказ) и „Димитар Митрев“ (за книжевна критика).