Инвестициите се „клучот“ за одржлив економски раст – ќе заврши ли 2025-та со 3,5% на БДП!?  

„Пред нас имаме октроиран буџет на Влада која абдицира од фискална дисциплина, транспарентност, инклузивен дијалог и развојна одговорност. 2026-та е подготвена како популистичка и изборна година, со раст на тековните трошења, а кратење на капиталните инвестции“ – изјави Битиќи.

од Vladimir Zorba
36 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Годинава, според економските аналитичари, ќе заврши со  раст на БДП за 3,2%. Третото тромесечје испорача пораст  од 3,8% што на  Владата и даде аргумент да ја вброи земјава во трите водечки европски економии. Како ќе заврши економската 2025-та ќе се знае по истекот и на последниот квартал што веќе го „ситниме“, но според таргетот, годинава треба да заврши со 3,5% раст на БДП . Во меѓувреме економистите прогнозираат дека во оваа  2025-та растот на БДП ќе изнесува 3,2%. Според аналитичарите,  за одржлив раст и развој, клучни ќе бидат домашните и странските инвестиции.

„Умерените инфлациски движења, растот на платите и пензиите ќе придонесат за зголемена куповна моќ на населението и заедно со кредитирањето би придонеле за раст на личната потрошувачка, што би се одразило позитивно врз економската активност. Посебно се  истакнува важноста на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти за економијата“ – се наведува во најновата Анкета на НБМ со која се опфатени ставови на економските аналитичари.

Локомотива на економскиот раст е градежништвото, бруто инвестициите испорачаа двоцифрена стапка на пораст но тоа е „променлива“ компонента која треба да се следи – оценија од „Фајнас Тинк“

„Забрзувањето е најмногу водено од растот во бруто инвестициите, за 30.6%, што е одраз на инвестициските активности во приватниот сектор и на инфраструктурните инвестиции на државата и општините. Сепак, растот на бруто инвестициите е варијабилна компонента на растот на БДП и непоходно е да се следи неговото однесување во следниот период. По подолг временски период, растот на приватната потрошувачка спласна (0.9%), иако растот на доходите, и особено на платите (10%), продолжи“ – посочија од Фајнанс Тинк.

Додека дел од економистите упатуваат на внимателност, Владата оцени дека економијата ги покажува првите знаци на заздравување и консолидирање. Растот на БДП за 3,8% во третиот квартал, во европски рамки ја рангира македонската економија трета по ред – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

„3,8 реален раст во третиот квартал 2025 година надополнет со историски високи 10,2 проценти номинален на БДП е навистина показател и податок кој, во услови на ваков пазар во рамки на Европската унија, за нас претставува големо постигнување. Прва во Европа е Ирска, според податоците на Евростат, втора е Данска со 3,9, ние го делиме третото место со Кипар. Соседна Србија е некаде околу 2 проценти, во Грција се очекува 1,7 проценти, Турција е некаде 3,7 проценти – посочи Мицкоски.

Во предлог-буџетот за 2026-та Владата ја ревидираше стапката на економски раст за годинава во надолна линија, од 3,7% на 3,5%. Следната година според новите буџетски прогнози растот на БДП ќе изнесува 3,8%.

„Главниот двигател на растот е предвидено да биде домашната побарувачка, во услови на раст на брутоинвестициите и потрошувачката. Бруто-инвестициите е предвидено да се зголемат за 8,4% на реална основа, во услови на поинтензивна реализација на големите инфраструктрни проекти во јавниот сектор кои се во понапредна фаза, пред се коридорите 8 и 10д, како и инвестициите во железничкиот транспорт, енергетиката, земјоделството, образованието и здравството. Дополнителен двигател на бруто-инвестициите ќе биде и поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции“ – се наведува во Буџетот за 2026-та кој е во собраниска процедура.

За разлика од Владата која најавува забрзување на темпото на економски раст, опозиционерот Фатмир Битиќи на собраниска дебата за буџетските политики посочи дека следната година се крати на капиталните инвестции кои треба да бидат столбот на економскиот раст.

„Пред нас имаме октроиран буџет на Влада која абдицира од фискална дисциплина, транспарентност, инклузивен дијалог и развојна одговорност. 2026-та е подготвена како популистичка и изборна година, со раст на тековните трошења, а кратење на капиталните инвестции“ – изјави Битиќи.

Следната 2026-та за капитални инвестиции се резервирани 640.000.000 евра , сума која е пониска во однос на годинава.

Д.А.