Иран јавно погуби уште еден демонстрант поради учество во масовните протести

од Stefanija Kuzmanovska

Иран денеска јавно обеси човек осуден за убиство на двајца припадници на безбедносните сили, објави судската новинска агенција Мизан, што е втора егзекуција поврзана со антивладините протести за помалку од една недела.

„Маџид Реза Рахнавард беше јавно обесен утрово во (светиот шиитски град) Машхад. Тој беше осуден на смрт поради ‘водење војна против Бог’ откако избоде до смрт двајца припадници на безбедносните сили“, објави Мизан.

Иран во четвртокот го егзекутираше демонстрантот Мохсен Шекари, кој беше осуден на смрт поради прободување на членови на паравоените сили Басиџ и блокирање улица во Техеран за време на демонстрациите. Егзекуцијата беше осудена од САД и нивните сојузници.

Групите за човекови права велат дека Шекари бил мачен и принуден да признае.

„Амнести интернешенел“ соопшти дека иранските власти бараат смртна казна за најмалку 21 лице во, како што ги нарече, „лажни судења дизајнирани да ги заплашат оние што учествуваат во народниот бунт што го потресе Иран“.

Националните протести што избија на 16 септември, по смртта на Махса Амини, 22-годишна девојка од Иран, претставуваат еден од најголемите предизвици за Исламската Република од нејзиното формирање во 1979 година.

Слични содржини