Исчезнатата девојка по која се трага на „Фејсбук“ не е од Шутка, туку од Србија

од desk4

Во сензитивен момент, кога кружат непроверени информации дека во скопската населба Шуто Оризари се крадат деца, на социјалната мрежа „Фејсбук“ се појавува објава со фотографија за која се тврди дека на неа се наоѓа девојка од Шутка и дека таа девојка е украдена.

Но, девојката нема никаква врска со Шуто Оризари. Со мало пребарување на „Гугл“ се доаѓа до вистинската информација. Станува збор за шеснаесет годишната Ф. Ј. од Железник во Србија, која исчезнала на 24 јануари.

Линк до оригиналниот напис: Украдена девојка од Шутка…

Датум и време на објавување: 29.1.2019

Датум на рецензирање: 30.1.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Фотографијата која се употребува на социјалните мрежи во Македонија, со тврдење дека станува збор за украдена девојка од Шутка, е фотографија која најверојатно роднина на исчезнатата Јашари (човек со исто презиме) ја објавил на „Фејсбук“ на 26 јануари. Во придружниот статус се бара и помош за пронаоѓање на девојката.

Дезинформацијата во Македонија е објавена на „Фејсбук“ профил од каде досега (31.01.2019) има близу 800 споделувања, а тие, пак, се споделуваат понатаму далеку повеќе.

Во дел од статусите се забележува и дискриминаторски говор во однос на етничка припадност на девојката Ромка. Па, така, во дел од коментарите на објавите се вели „омажена е за Белгија“, алудирајќи на еден видео клип кој служи за потсмев на ромската популација.

Други коментари даваат лажни информации како на пример: „Избегана е, Прилеп бегалка ја зеле“„полицијата прави бизнис со органи“, „полицијата ги краде“.

Објавите на социјалните мрежи не се регулирани како медиумите и авторите не одговараат за прекршување на етичките правила и кодекси. Освен во многу ретки случаи, законот не може да ги ограничи објавите на социјалните мрежи. Но, сепак, свеста на луѓето мора да биде поголема и да не се наседнува на вакви замки, кои многу лесно можат да се прошират ширум социјалните мрежи и да изманипулираат голем број на луѓе.

Точноста на информацијата може да се провери со два клика. Во вакви чувствителни случаи секогаш е подобро да се провери нешто пред да се сподели, отколку само да се преземе со добра намера да се помогне. Со „слепото“ преземање на вакви манипулации може да се направи повеќе лошо отколку добро и да се предизвика неосновано ширење на паника вo јавноста, а со тоа индиректно да му се помогне на оној кој свесно ја направил манипулацијата.

извор: crithing

Слични содржини