Исланд е првата европска земја која ги укинува ковид ограничувањата

од Stefanija Kuzmanovska

По 15 последователни месеци со посилни или послаби мерки, Исланд објави укинување на сите национални мерки поврзани со епидемијата на ковид-19, по напредокот на вакцинацијата во земјата.

Од сабота, 26 јуни, мерките за одржување растојание, носење маски, ограничен број учесници на собири, како и ограничувања на работата на кафулињата и рестораните веќе нема да бидат во сила, објави премиерката Кетрин Јакобсдотир на прес-конференцијата.

Одлуката, прва во Европа, беше донесена во согласност со календарот во четири фази на укинување на ограничувањата на територијата на Исланд.

Планот, објавен кон крајот на април, предвидува укинување на сите национални мерки во втората половина на јуни, кога „околу 75 проценти“ од жителите постари од 16 години ќе добијат барем една доза од вакцината.

Во Исланд, до 24 јуни, 87,6 проценти од луѓето постари од 16 години или околу 295.000 од вкупното население од 365.000, примиле барем една доза на вакцина.

Но, ограничувањата сè уште остануваат во сила на границите со задолжителен негативен PCR тест или два PCR теста по петдневна изолација за невакцинирани патници.

Патниците со сертификат за вакцинација или прележан ковид, кои досега требаше да бидат тестирани при пристигнувањето, веќе нема да треба да го прават тоа по 1 јули.

Слични содржини