Исповед на Лукаку: Ќе се вратам во Интер, не сум среќен

од Nikola Popovski

Фудбалерот на Челзи и белгиски репрезентативец Ромелу Лукаку откри како се чувствува во овој момент во лондонскиот тим, но изјави и дека знае дека во иднина ќе се врати во Интер.

Лукаку сезонава имаше и проблеми со повреда поради која пропушти седум натпревари, а неодамна беше позитивен на коронавирус поради што повторно отсуствуваше од терените.

Во интервјуто кое го даде за „Скај спорт“, Белгиецот целосно се отвори, споделувајќи ги своите моментални емоции со навивачите.

„Сега е вистинско време да ги споделам моите чувства. Отсекогаш сум велел дека Интер е во моето срце, знам дека ќе се вратам, навистина се надевам. Заљубен сум во Италија, ова е добро време да разговараме и да дозволиме луѓето знаат што навистина се случи“, изјави белгискиот напаѓач.

Лукаку летово го напушти Интер и го засили Челзи, а неговиот трансфер ги чинеше „сините“ дури 115 милиони евра.

„Мислам дека се што се случи минатото лето не требаше да се случи на ваков начин. Како го напуштив Интер, начинот на кој го напуштив клубот, како комуницирав со навивачите, ме мачи, бидејќи не беше вистинското време“.

Белгиецот има 28 години, но и покрај тоа изјави дека не сака да игра за Интер на самиот финиш на кариерата, туку кога е во својот врв.

„Искрено се надевам дека ќе се вратам во Интер, не на крајот на кариерата, туку кога ќе бидам се уште на врвно ниво, да освоиме повеќе трофеи заедно. Сакам да им се извинам на навивачите на Интер“.

Потоа се осврна на моменталната ситуација во Челзи, и зошто и кога бил несреќен во клубот.

„Психички сум добро, но не сум задоволен од моменталната ситуација во Челзи. Тухел избра да игра со поинаков систем. Нема да се откажам, ќе бидам професионалец. Не сум среќен, но јас сум професионалец и сега не можам да се откажам“, заклучи Лукаку.

Ромелу оваа сезона постигна пет гола на 13 натпревари во Премиер лигата, додавајќи два во Лигата на шампионите.

Лондонскиот тим во последно време е во пад на формата, па по три ремија во последните четири натпревари заостанува осум бода зад водечкиот Манчестер Сити.

Слични содржини