Испратени борбени авиони: Авион вратен во Атина поради „сомнителни лица“

од Stefanija Kuzmanovska

На меѓународниот аеродром во Атина синоќа пристигнале пријави за „сомнителни лица“ во два авиона на авиокомпанијата Emirates на летови за Њујорк и Дубаи, поради што авионот што летал за САД морал да се врати во Атина придружуван од грчки борбени авиони.

По проверката, се покажало дека двата аларма биле лажни.

Во моментот кога стигнало предупредувањето, авионот на летот за Њујорк летал над Италија и веднаш добил наредба да се врати на меѓународниот аеродром „Елефтериос Венизелос“ во Атина за безбедносни проверки.

Авионот морал да се врати исклучиво по морска рута и придружуван од два грчки борбени авиона Ф-16, пренесува „Катимерини“.

По полициската проверка на сите патници и авионот, „не е пронајдено лицето на кое се однесуваат информациите, ниту пак други сомнителни елементи“, се вели во соопштението на грчката полиција.

За проверката била ангажирана полицијата, вклучително и антитерористичката единица, како и безбедносните сили на аеродромот.

Во исто време имало предупредување за „сомнителен патник“ во авионот за Дубаи, но тој авион се уште бил на аеродромот, поради што и неговите патници поминале низ безбедносни проверки. Исто така, не е откриено ништо сомнително.

Слични содржини