Истрага на карабињерите: Чантите на „Армани“ ги шиеле експлоатирани кинески работници

Полицијата објави дека на кинескиот подизведувач му биле исплатени 93 евра за чантата која модната куќа ја продавала за околу 1.800 евра

од Бети Божиноска

Експлоатирани кинески работници во Италија што неовластени подизведувачи ги вработувале во погони низ Милано, правеле чанти и други артикли за модната куќа „Џорџо Армани“, соопшти денеска италијанската полиција.

Во тој случај, наводно, биле игнорирани прописите за здравјето и безбедноста на работниците, како и правилата за регулирање на работното време, паузите и слободните денови, пренесува „Асошиетед прес“.

Италијанската компанија ги отфрла обвинувањата дека споменатите злоупотреби ги направила во соработка со компанијата GA Operations која произведува облека, додатоци и украси за домот за брендовите на групацијата „Џорџо Армани“.

„Секогаш спроведувавме контролни и превентивни мерки za да ги минимизираме злоупотребите во синџирот на снабдување, а GA Operations ќе соработува со највисока транспарентност со надлежните тела по ова прашање“, се вели во соопштението од  „Армани“.

Според полицијата, GA Operations ангажирала подизведувач, кој потоа ангажирал неовластени кинески подизведувачи, за да вработува работници надвор од процедурите, дел од  кои биле во Италија нелегално.

Во нивното соопштение се вели дека ова е дел од системот „капоралато“, незаконско посредување и експлоатација на работниците, што најчесто се случува во земјоделскиот сектор.

„Системот овозможува огромно зголемување на профитот со тоа што кинеската фабрика всушност ги произведува артиклите, намалувајќи ги трошоците за работна сила со користење нерегистрирани и нелегални работници“, се вели во соопштението.

Полицијата објави дека на кинескиот подизведувач му биле исплатени 93 евра за чантата која модната куќа ја продавала за околу 1.800 евра. На овластениот подизведувач, како посредник без реални производствени можности, му биле исплатени 250 евра за истата чанта, при што за секоја чанта заработил по 157 евра.

Четворица кинески сопственици на фабриката се предмет на посебни кривични истраги за своите улоги во овие злоупотреби и се казнети со 145.000 евра, додека GA Operations не е под истрага, туку е ставена под судски надзор во период до една година, посочуваат од полицијата.

Слични содржини