Италијанската премиерка го тужи пејачот на „Placebo“ дека ја нарече „фашистка“

од Vladimir Zorba

Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, го тужи пејачот на групата „Placebo“, Брајан Молко за клевета, откако тој ја навреди за време на концерт во Торино минатиот месец, јавуваат италијанските медиуми.

Молко ја нарече Мелони „фашист и расист“ за време на настапот на фестивалот „Соник Парк“.

Обвинителите во Торино набргу потоа отворија истрага против пејачот на „Placebo“.

Италијанската премиерка не го коментираше јавно ова прашање, а Би-Би-Си се обрати до нејзиниот тим за одговор.

На видеата од концертот на социјалните мрежи се гледа и слуша како Молко ја пцуе Мелони и на италијански вели „фашист и расист“, што публиката воодушевено го одобрува.

Неколку дена подоцна, извори за италијанската новинска агенција „Анса“ изјавија дека обвинителите во Торино отвориле истрага за инцидентот поради „навреда на [јавните] институции“.

Мелони е претседател на крајно десничарската партија „Браќа на Италија“ и е на чело на најдесничарската италијанска влада од Втората светска војна.

Таа и претходно поднесуваше тужби за клевета.

Минатата година поведе судска постапка за тешка навреда против уредникот на весникот „Домани“.

Тој тврдеше дека Мелони се обидела да му помогне на пратеникот на нејзината партија да ја „намести“ јавната набавка со заштитни маски за време на пандемијата „Ковид-19“.

Мелони ги отфрли обвинувањата и од весникот побара отштета од 25.000 евра.

Судењето треба да започне во јули 2024 година.

Таа, исто така, поднесе тужба за клевета против Роберт Савијано, новинарот и автор на „Гомора“, откако тој ја нарече „копиле“ за време на ТВ интервју во 2020 година, во кое ја осуди за напад на невладини организации за помош на мигранти.

Судењето беше одложено за октомври.

Доколку биде прогласен за виновен, Савијано може да се соочи со затворска казна до три години.

Според италијанскиот закон, одредени случаи на клевета може да се гонат како кривична постапка и се казнуваат со затвор.

Слични содржини