Гилберто Баскиера, менаџер во банката „Кредито кооперативо“ во Италија, кој земал пари од богатите за да им даде на сиромашните, се спаси од затворска казна.

Италијанскиот „Робин Худ“ од планинското гратче Форни ди Сопра зел околу 1 милион долари во текот на седум години.
Тој земал мали суми од сметките на богати клиенти и ги префрлал на сметките на луѓе кои не можеле да се квалификуваат за кредит од банката.
Никогаш не зел ни цент за себе и токму поради тоа одбегна одење во затвор откако се спогоди со јавното обвинителство.
„Секогаш сметав дека покрај должноста да ги заштитиме штедачите, имаме задача и да им помогнеме на оние на кои им треба помош“, изјавил Баскиера според весникот „Кориере дела сера“.
Судот му изрече казна затвор од две години, но со оглед на тоа дека ова му е прв прекршок и казната е релативно кратка, согласно италијанскиот закон нема да ја отслужи во затвор.
Меѓутоа, неговата приказна нема баш најсреќен крај, пишуваат некои италијански медиуми.
Неговиот адвокат Роберто Мете изјави за BBC дека Баскиера останал без работа и без дом.
„Сакаше да им помага на луѓето кои не можеа да добијат кредит на нормален начин“, рече Мете.
Банката во која работел Баскиера, „Кредито кооперативо“
Несреќната бајка почна во 2009 година, за време на глобалната финансиска криза.

Кога некој граѓанин ќе дојдел да побара кредит од банката каде што работел Баскиера, но не ги исполнувал условите, тој им „додавал“ пари на сметката за да може да се квалификуваат за кредит.
Благодарните клиенти се согласувале веднаш да ги вратат парите, но некои не ги враќале, а со тоа Баскиера останувал изложен и сѐ потешко ги „покривал“ дупките. Во текот на неколку години, сумата пораснала на еден милион долари.
Тој им верувал на луѓето на кои им помагал дека ќе го вратат тоа што зеле, но со тек на време „дупката“ станала преголема и неговиот шеф ја открил измамата.
„Им објасни на службите зошто го направил тоа и дека мислел оти луѓето на кои им помага ќе можат да ги вратат парите“, рече Мете.
Фактот дека немал лична корист од злоделото беше олеснителна околност во неговата молба за спогодба и тоа го спаси од затвор.
“Смета дека не би го направил пак истото“, рече неговиот адвокат. „Бил убеден дека им помага на луѓето, а сега остана без работа и без дом.“.
Италијанските медиуми исто така известуваат дека откако била откриена приказната, Баскиера им се јавил на сите богати клиенти од кои земал пари и им објаснил зошто го направил тоа.
Поголемиот дел од медиумските стории за случајот на Баскиера се фокусираа на солидарност со банкарскиот „Робин Худ“ кој го правел тоа иако знаел дека се инкриминира.
Баскиера изјави дека банкарскиот систем „ги остава на цедило пензионерите со минимална пензија и младите луѓе кои немаат ресурси.“
„Економската криза ги смени критериумите. Веќе не се одлучуваше на основа на општа проценка на клиентот, туку на ниво на веродостојност што се одлучува на биро, преку компјутер“, рече тој.
„Но цената што ја платив е превисока. Мислам дека не би го направил пак истото.“