Избрани новиот бадникарски кум и здравичар

од Nikola Popovski
32 прегледи

Во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“ во месноста Краста на падините на Водно ќе се одржи собир на кој кумот и здравичарот на Бадник 2025 ќе ги засечат бадниковите гранчиња. Кум за Бадник 2025 година е Радомир Макеларски, стар скопјанец, економист по професија кој кариерата ја завршува во семејната фирма на неговиот брат „Макпримат“, а здравичар е Атанас Петров, дипломиран архитект и сопственик на фирмата „Торус инженеринг“.

Од Одборот за традиционална прослава на Бадник денеска најавија дека традиционалното собирање на бадниковите гранчиња ќе се одржи на 22 овој месец од 12 часот на падините на Водно каде, според најавите, покрај годинашните кум и здравичар, ќе бидат присутни и поранешни кумови и здравичари. Централната прослава за Бадник ќе се одржи традиционално на 6 јануари на платото пред Соборниот храм во Скопје.

-Тоа ќе биде и убава можност за дружење и запознавање со членовите на Одборот, кои ги прават завршните подготовки за 33-та средба на 6-ти јануари 2025 година на платото пред Соборниот Храм Свети Климент Охридски. Поканети се и кумови и здравичари од изминатите манифестации, што наидоа на општа симпатија и одобрување кај скопјани, како и долгогодишни спонзори и симпатизери на традиционалното скопско Бадникување, информира Одборот за традиционална прослава на Бадник во Скопје.

По завршувањето на целокупната церемонија, новите кумови со ќупот заедно со здравичарот ќе го напуштат Храмот и со пајтон ќе се упатат кон своите домови.

Слични содржини