Израелската армија: Продолжува воената операција во болницата, терористите се елиминирани

од Stefanija Kuzmanovska

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари денеска изјави дека воената операција продолжува во дел од најголемата болница во Појасот Газа и дека „терористите“ и експлозивите биле елиминирани пред да влезе армијата.

Контраадмиралот Хагари рече дека војската продолжува да работи „целно“ и во согласност со оперативните потреби во болницата Шифа и дека воената активност се одвива „во специфичен комплекс за кој има разузнавачки информации што укажуваат на терористичка активност“.

„Пред да влезат во болницата, нашите сили наидоа на експлозиви и терористи и дојде до судир при што терористите беа елиминирани“, рече Хагари, додавајќи дека војниците „испорачале медицинска опрема, инкубатори и храна за бебиња во болницата“.

Меѓу другото, во болницата е пронајдено оружје, што укажува на присуство на исламска екстремистичка организација, пренесуваат израелските медиуми.

Сепак, нема индикации дека заложниците земени од јужен Израел се држат во болницата, но ИДФ се надева дека ќе дознае нешто за нив благодарение на операцијата во болницата.

Војската соопшти дека немало судири меѓу војниците, пациентите и медицинскиот персонал во болницата.

Најмалку пет членови на Хамас се убиени пред болницата.

Израелската армија претходно соопшти дека рано утринава влегла во болницата која ја опсадувала во рамките на копнената офанзива против Хамас. Израел тврди дека болницата е команден центар на Хамас.

Војниците до утрово не влегуваа во болницата бидејќи таму има стотици пациенти и медицински персонал, пренесе АП.

Слични содржини