(Видео) Извештајот на работната група за настаните од 27 април потврдуваат дека МВР е партизирано

од desk2
113 прегледи

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска соопшти дека изготвен е извештајот на Работната група формирана од неговиот претходник Агим Нухиу, за настаните од 27 април во Собранието, каде настрадаа повеќе пратеници, припадници на МВР и граѓани.

„Работната група работеше повеќе од еден месец со цел да ја утврди фактичката состојба. Извршен е увид во обемната документација и разговори со голем број членови на МВР и прегледан е материјал, видео материјал од повеќе медиуми. Информацијата е само преработен сепарат од работната група затоа што нивниот извештај е класифициран и не е за понатамошна објава“, рече министерот Спасовски.

Скенирањето на состојбите резултираа со утврдување на формално-правните пропусти, воочување на одредени дисфункционалности на одредени одделенија во МВР со што се јавува потреба за реформи во системот, додаде Спасовски.

Според него, настаните од 27 април потврдиле колку бил во право кога како министер во пржинската влада велел дека МВР треба да се департизира и рефоримира.

„Убеден сум дека МВР има институционален и човечки капацитет за да се справи со посложени ситуации. Очигледно е дека некој ја злоупотребил својата положба а за 27 април мора да има одговорност. Овој извештај потврдува дека заради партизираноста овој орган и министерство падна на испитот на основните свои задачи“, рече Спасовски.

Најави дека Извештајот ќе биде проследен до Јавното обвинителство од каде ќе се покренат соодветни постапки.

Спасовски соопшти дека има суспендирано повеќе лица, околу 23 припадници на МВР по настаните од 27 април, сослушани се 180 полицајци, покренати 45 дисциплински постапки, а истрагата и понатаму трае.
„Еден дел од службите добиле задача да изработа посебен извештај за еден ден, за настаните од 27 април, за да одговара на барањата на нарачателот“, откри Спасовски.