Јовановиќ: Со поскапувањата на горивата од последните три недели, дури и да дојде до пад на нафтата на светските берзи во наредните денови, ние ќе имаме поскапувања

ДДВ-то намалено, но ценовниот притисок останува: „Во 2022 кога Русија ја нападна Украина, нафтата прво скокна, па потоа падна и под нивото од пред војната, ама домашните цени продолжија да растат“

од Nikola Popovski
46 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/РСЕ

Владата прогласи 30-дневна кризна состојба. Меѓу првите одлуки намалување на ДДВ на горивата од 18 на 10% проценти, но премиерот Христијан Мицкоски не исклучува носење дополнителни мерки доколку се влоши ситуацијата со цената и снабдувањето со нафтените деривати. Сепак, уверува оти електроенергетската состојба во земјата е стабилна и нема да се дозволи нов ценовен шок. Според пресметките, заштедите на дневно ниво се над 200 илјади евра.

За разлика од Владата, дел од експертите со оценка дека како држава доцниме со реакциите и мерките. Според универзитетскиот професор и економски експерт, Бранислав Јовановиќ, Владата дефинитивно задоцни, цените веќе скокнаа и не само тоа, туку и ова што го донесе сега нема да спречи цените да продолжат да скокаат, туку само малку и привремено ќе ги ублажи поскапувањата.

-Дизелот пак ќе поскапи, за 3 денари, а тоа само ќе даде понатамошен потстрек да се зголемат сите останати цени. На нашите трговци не им треба многу за да ги зголемат цените, доволно е само некој да спомне поскапувања, и тие веднаш ќе ги кренат. Ова го видовме многу добро толку многу пати изминатите четири години, што е просто неверојатно како Владата не сака да преземе вистински мерки, вели Јовановиќ во разговор за „Локално“.

За разлика од одредени земји од Европа, Македонија не го ограничи точењето горива за странски државјани. Дали Владата сака да го полни Буџетот од „бензискиот и дизел-туризам“ или треба да размисли за превентивни мерки? За Јовановиќ, ова не е толку горлив проблем, затоа што горива сѐ уште има, ама сепак смета дека треба и ова да го направат. Не да забранат точење горива на странци, туку да се ограничи, за да се спречат злоупотреби.

Професорот потенцира дека единствената мерка која може да спречи раст на цените моментално е ако тие се замрзнат, како цените на нафтените деривати, цените на струјата, цените на транспортните услуги, и цените на основните прехранбени производи и тоа на еден месец, додека да се види што ќе биде со глобалните случувања.

-Ако војната не престане и цената на нафтата на светските берзи продолжи да скока, тогаш ќе биде неминовно и домашните цени да се зголемат. Ама ако дојде до некое примирје и цената на нафтата се смири – за што има сигнали моментално – замрзнувањето може да спречи домашните цени да пораснат. Вака, со овие поскапувања на горивата од последните три недели, дури и да дојде до пад на нафтата на светските берзи во наредните денови, ние ќе имаме поскапувања. Ако ако тргне колата надолу, нема запирање. Ова го видовме многу убаво во 2022 година кога Русија ја нападна Украина, кога нафтата прво скокна, па потоа падна и под нивото од пред војната, ама домашните цени продолжија да растат. Историјата ни се повторува, и тоа како трагедија, заклучува Јовановиќ.

Регулаторна ги објави цените на горивата. Бензините остануваат иста цена додека нафтата поскапува за 3, 5 денари. Од полноќ Еуросупер бс-95 се продава по цена од 86,50 денари литар Еуросупер бс-98 88,50 денари, a Еуродизел бс по 95,50 денари, екстра лесното масло 92,00 денари, соопштија од РКЕ. Комисијата го промени и правилникот за формирање на цената на горивата и сега може да се одлучува на дневно ниво.

Министерката Сања Божиновска во обид да го увери раководството на ОКТА да даде дополнителен попуст за граѓаните кои ги користат услугите на компанијата, откако претходно намалување изнесуваше два денари по литар за дизелот и бензините. Од Енергетика велат дека во тек се разговори за нов пакет услови со кои би се постигнал уште посилен ефект врз стабилизацијата на цените на горивата, особено кај дизелот.

Од СДСМ велат дека поскапувањето не се спречи, со оглед на цените од 95,5 денари за литар. Потенцираат дека намалувањето на ДДВ од 18% на 10% нема ефект, граѓаните плаќаат поскапо гориво, но најлошото е со ова поскапување ќе продолжи растот на цените на храната. Според партијата во опозиција, спиралата е активирана, маслото за јадење е над 100 денари, јајцата над 300 денари, овошјето и зеленчукот над 100 денари за килограм, следуваат и други покачувања.

„Срамота е Мицкоски да не презема мерки за намалување на цените а во исто време да се занимава со дефокус и да се однесува како уредник на жолт печат“, порачуваат од „Бихаќка“ и бараат да бидат прифатени нивните предлози, како 0% ДДВ за храната, намалување на акцизите и преполување на цената на патарините.

Н.П.

Слични содржини