Кај оние кои имале лесни симптоми на ковид-19, антителата никогаш не исчезнуваат! Месеци по закрепнувањето од лесна инфекција со ковид-19, луѓето сè уште имаат имуни клетки кои произведуваат антитела против коронавирусот, според студијата спроведена од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Вашингтон.
Истражувачите откриле дека ваквите клетки можат да опстанат во резерви цел живот, произведувајќи антитела цело време, според студијата објавена во понеделникот во списанието „Nature“.
Исто така, се сугерираше дека поблагите случаи на коронавирус ги оставаат пациентите со трајна заштита и дека повторни инфекции веројатно ќе бидат невообичаени.
„Минатата есен имаше извештаи дека антителата брзо опаѓаат по инфекцијата со вирусот предизвикан од ковид-19, а водечките медиуми толкуваат дека имунитетот не трае долго. Но, тоа е погрешно толкување на податоците. Нормално е за нивото на антитела да падне по акутната инфекција, но не паѓа на нула, туку се одржува на одредено ниво“, посочува еден од авторите на студијата, Али Елебеди, вонреден професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Вашингтон.
Истражувачите откриле клетки кои произведуваат антитела кај испитаниците 11 месеци по појавата на првите симптоми. Тие веруваат дека овие клетки ќе живеат и произведуваат антитела до крајот на животот, и тоа е силен доказ за долготраен имунитет, како што тврдат тие.
За време на вирусната инфекција, имуните клетки кои произведуваат антитела брзо се размножуваат и циркулираат во крвта, со што нивото на антитела е многу високо. Сепак, штом инфекцијата престане, повеќето од овие клетки умираат, а нивото на антитела опаѓа.
Сепак, мал дел од овие клетки, наречени долговечни плазма клетки, мигрираат во коскената срцевина и се населуваат таму. Во коскената срцевина, овие клетки континуирано лачат ниско ниво на антитела во крвотокот за да се заштитат од нова средба со вирусот.
Елебеди и неговите колеги тестирале 19 лица кои давале примероци на крв во интервали од три месеци, почнувајќи од еден месец по почетокот на инфекцијата. Повеќето имале лесни симптоми, а шест учесници биле хоспитализирани.
Тие ја анализирале коскената срцевина на учесниците седум или осум месеци по почетокот на инфекцијата. Петмина од нив се вратиле четири месеци подоцна и повторно дале примерок од коскена срцевина. За споредба, научниците анализирале и примероци од коскена срцевина од 11 лица кои никогаш порано немале ковид-19.
Откриле дека нивото на антитела во крвта на пациентите кои имале ковид брзо опаднал во првите неколку месеци по инфекцијата, само за да се стабилизира и да остане на исто ниво.
„15 од 19 примероци на коскена срцевина на луѓе кои биле подложени на ковид-19 содржеле клетки кои произведуваат антитела, конкретно насочени кон вирусот што предизвикува ковид-19. Таквите клетки сè уште може да се најдат четири месеци подоцна кај пет лица кои се вратиле да дадат и втор примерок од коскена срцевина“, велат истражувачите.
Од друга страна – никој од 11-те лица кои не го прележале ковид-19 немале такви клетки во коскената срцевина.
„Овие клетки не се делат. Тие мируваат во коскената срцевина и лачат антитела. Тие го прават ова од крајот на инфекцијата и ќе го прават тоа во недоглед. Сè уште не е целосно јасно дали би имале ист резултат од тестот кај пациенти со умерен до тежок ковид -19“, тврди д-р Елебеди.