НБА ѕвездата Мајкл Портер Џуниор проговори во поткаст за „забранетата тема“ за обложување во најсилната кошаркарска лига во светот.
Неговиот брат Џонтај, кој беше член на Торонто Репторс, беше доживотно суспендиран од НБА претходно оваа година поради обложување на 13 натпревари од НБА и освојување на 76.000 долари на облог од 54.000 долари.
Мајкл отворено призна дека некои играчи, вклучувајќи го и неговиот брат, се обложуваат од сметките на пријателите кај обложувалниците или им даваат дојава на пријателите за резултатите.
Иако долго време постоеја сомневања дека најчестиот начин за местење на резултатите е преку перформансите на играчите во натпреварите, никој јавно не проговори за тоа досега.
Портер одлучи да го привлече вниманието на јавноста кон тоа.
„Размислете. Можете да ги збогатите вашите пријатели така што ќе им кажете да се обложуваат со 10.000 долари на тоа дека ќе постигнете помалку поени отколку што ви предвидуваат обложувалниците. Доаѓате и велите: „Ќе се преправам дека сум повреден, ќе играм три минути“, а сите мои пријатели добиваат многу пари. Тоа не е во ред, но некои луѓе дојдоа во лигата од сиромаштија, нивните пријатели се сиромашни и можете да се обложите дека така размислуваат“, рече Мајкл Портер Џуниор во поткастот „One Night With Steiny“.
Покрај неговиот брат, Портер истакна дека Малик Бизли и Тери Розиер исто така имале проблеми со коцкањето, а откри и дека добивал закани со смрт по натпреварите.
„Ако играм одлично, луѓето што биле „под“ ми се јавуваат и ми се закануваат. Ако играм лошо, луѓето што биле „над“ ми се јавуваат… Тие го сфаќаат тоа како да им вадам пари од џебовите“, рече Портер.