Додека стотици љубители на филмот во август чекаа во ред на филмскиот фестивал во Колорадо да го гледаат новиот филм на Алфонсо Куарон „Рома“, пред киното се паркира џип и од него излезе висок, убав човек со очила за сонце. Тој им се насмевна и им мафна на луѓето, а потоа влезе во киното со својата придружба.
– Дали тој е некоја позната личност, праша некој од присутните.
Филмофилите можеби не го познаваат Скот Стабер, но тој е еден од најважните – и субверзивни – луѓе во филмската индустрија. Некогашен потпретседател на компанијата Јуниверзал Пикчрс, Стабер (50) денеска е водечки човек за филмови во Нетфликс. Неговата цел е оваа стриминг мрежа да има филмска понуда исто толку имопресивна како што е телевизиската, која во изминатата година заработи вкупно 120 номинации за Еми, престигнувајќи ги сите други конкурентни мрежи.
Со филмот „Рома“ кој на Нетфликс стигна на 14 декември, Стабер овој интернет гигант го позиционира во центарот на овогодишната трка за Оскар. Филмот на Куарон за животот во 70-тите години во Мексико Сити му ја донесе на Нетфликс првата номинација за најдобар филм.
„Рома“ е само почеток на офанзивата на Стабер врз кината, што е сосема доволно секое етаблирано филмсмо студио и мултиплекс синџири да се соочат со важно прашање: Дали Стримиг компанијата поради која луѓето се откажаа од скапите телевизиски претплати сега ќе доведе до тоа луѓето да престанат да одат во кино? Интернетот сега најпосле претставува закана за Холивуд.
Веќе се очекуваат филмови на Мартин Скорсезе, Стивен Содерберг, Гиљермо дел Торо и Мајкл Беј.
– Доколку сакате да изградите големо филмско студио, морате да градите со големи режисери, рече Стабер истакнувајќи дека многу холивудски ѕвезди – Мерил Стрип, Бен Афлек, Еди Марфи, Сандра Булок, Двејн Џонсон – веќе потпишале за Нетфликс.
Операцијата на Стабер би требало да создаде 55 оригинални филмови годишно со буџети до 200 милиони долари. Кога на тоа ќе се додадат документарните и анимираните филмови, бројот на филмови објавени на годишно ниво достигнува 90. Јуниверзал, еден од најпродуктивните традиционални студија објавува околу 30 наслови годишно.
Светот на филмот досега беше релативно заштитен од дигиталните сили. Повеќето филмови со децении се дистрибуираат на ист начин: прво во кино, на ексклузивно прикажување на околу 90 дена, а потоа и на малите екрани. Големите кино синџири остро се спротиставија на намалувањето на тој период од 90 дена прикажување само во кино салите, загрижени дека луѓето ќе се двоумат да купат карти доколку истиот филм можат да го гледаат во својата дневна соба само неколку недели (или денови) подоцна.
– Земајќи ги предвид маргиналните приходи во кино бизнисот, доколку загубите десет отсто од публиката, односно некои луѓе да останат дома, некои кина ќе престанат да работат, вели Џон Фитијан петседател на Националното здружение на сопственици на кино сали, американска група чии членови веруваат дека големото платно е дел од самата дефиниција на филмот.
Нетфликс ги надминува кино салите. За да се квалификуваат за награди одреден број на филмови на Нетфликс во исто време се прикажуваат онлајн и во кино во Њујорк и Лос Анџелес.
Под притисок на Стабер, Нетфликс во октомври откри трет модел за дистрибуција кога „Рома“ и уште два филма прво беа прикажани во кино, но само во период од една до три недели. Повеќето кино сали одбија да соработуваат иако Нетфликс пронајде околу 140 кина во Северна Америка за филмот „Рома“ и уште 600 во странство.
Вниманието кое Нетфликс почна да им го дава на кино салите е еден вид понуда за мир за гласачите за наградата на Академијата. Холивудските титани како Стивен Спилберг беа фрустрирани со политиката на Нетфликс да ги емитува филмовите веднаш, сугерирајќи дека целата содржина што ја нуди оваа мрежа треба да се смета за телевизиска содржина. Но на Нетфликс му се потребни Оскарите и потврдата која ја носат со себе за да може мрежата да се натпреварува со традиционалните студија.
– Се обидуваме да изградиме ново студио кое ќе биде возбудливо за уметниците, истакна Стабер.
„Додека го правиме тоа важно е да бидеме отворени за критики. Кога голем актер ќе каже: ’Еј ова не е како што треба’, тогаш подобро е да го поправиме. За некои од нашите режисери тоа значи да имаат кино премиери и да се натпреваруваат за награди.
Се разбира постои граница до која Нетфликс е подготвен на компромиси.
Ние исто така сметаме дека е од суштинско значење, доколку немате средства, пристап или време да одите во кино, се уште можете да го гледате филмот и да не чекате долго“.
Фитијан од Здружението на сопственици на кино сали, коментарот за пристапот на Стабер го нарече „апсолутна бесмислица’.
– Режисерите кои одат на Нетфликс ја продаваат душата, истакна Фитијан.
Скорсезе не мисли така. Нетфликс ќе го продуцира неговиот филм за банди „Ајришмен“ во кој главните улоги ќе ги толкуваат Роберт Де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши, откако Парамунт одби да соработува со Скорсезе поради трошоци.
Филмот „Рома“ го финансираше и продуцираше компанијата Партисипант медија која преговараше со шест компании за дистрибуција на фимот. Сите освен Нетфликс, спроед Куарон, биле загрижени дали црно бел филм може да постигне комерцијален успех.
– Многу сум возбуден поради моделот за дистрибуција на Нетфликс, истакна Куарон.- Тоа на филмот ќе му ја врати разноликоста.
Њјурок тајмс