Калеска-Ванчева: Милошоски, Јанкулоска и Груевски си нарачуваа лустрации, законот беше злоупотребен

од Aleksandar Todeski
377 прегледи

Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го блокира поништувањето на лустрацијата е доказ дека во партијата ништо не е сменето, реагира пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева по најавата на опозициската партија дека ќе поднесе низа амандмани и на сите начини ќе го блокира укинувањето на лустрацијата.

„На ниту еден начин ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не се дистанцираат од злоделата на Никола Груевски, напротив, ги штитат и бранат. Ова е доказ дека Груевски му е шеф на Мицкоски. Лустрацијата беше за партиски цели. Тоа го слушнавме и во прислушуваните разговори во кои партиски функционери меѓу кои Милошоски, Јанкулоска и Груевски си нарачуваа лустрација“, рече Калеска-Ванчева.

Таа истакна дека целта на законот е исправање на нанесената неправда,а со законското решение се намалува штетата врз оштетените лица, за кои е предвиден надомест и на штетата. Пратеничката додаде дека на овој начин се заокржува рамката на правосудните реформи.

„ВМРО-ДПМНЕ е на страната на неправдата, а СДСМ се бори за правда. Ние како политичка опција секогаш сме биле и ќе бидеме на страната на правдата и ќе се трудиме да ги преземеме сите законски мерки за исправање на неправдата. Факт е дека транзицијата донесе многу видови на неправда и дека сите се согласивме за потребата на Закон за лустрација, но најстрашно е што тој беше целосно злоупотребен. Видовме што се случи со лустрацијата, без докази, аргументи и факти, надвор од она што значи закон и постапка, со оневозможување на лицата инволвирани да докажат невиност беа осудувани. Се лустрираа и починати луѓе. Јасна е потребата на ваквото законско решение, треба да кажеме дека грешки се прават, но треба да бидат исправени. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја признае грешката со целосната злоупотреба“, истакан Калеска-Ванчева.

А.Т.

Слични содржини