Каракачанов: Македонската дипломатија веќе три години одбегнува решавање на проблемите

од Nikola Popovski

„Официјална Софија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, ако Комисијата на историчари не седне на маса и постигне согласност“, изјавил бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов за ТВ 24.

Тој смета дека македонската дипломатија веќе три години откако е потпишан Договорот за добрососедство одбегнува решавање на проблемите и очекува ЕУ да застане во одбрана.

„Уште лани во ноември, пред 10 месеци запре работата на Комисијата за разгледување на историските проблеми. Тоа е доволна основа Бугарија да го постави тоа прашање многу јасно. Тоа сме го кажале сто пати во последните 10 месеци. Дека ако не се постигне согласност по тие прашања, Бугарија ќе возврати на одржувањето на првата меѓувладина конференција додека прашањата не бидат расчистени. Тоа е позицијата на Бугарија и таа е многу јасна за Скопје“, изјавил Каракачанов.

На прашањето, дали тоа значи дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција, Каракачнов директно одговара: „Се разбира“.

Каракачанов не сакаше да каже дали Бугарија ќе продолжи да го проблематизира македонскиот јазик пред усвојувањето на преговарачката рамка.

Според него, проблемот е во Скопје, а не во Софија. Каракачанов порачува дека никој од ЕУ не може да притисне и да и укаже на Бугарија да ја промени позицијата и не може само едната страна да прави компромиси, а другата да прави што сака.

„Јас сметам штом имаме договори треба да се почитуваат. Вие се согласивте да го смените знамето, да гo смените името. А со онаа земја која секогаш ѝ помагала на Македонија сметате дека може да постапите некоректно. Во меѓународните односи мора да има реципроцит. И кога Бугарија се однесува џентлменски, се однесува коректно, кога и помага на Македонија, кога беше првата држава што ја призна Македонија, логично е да има реципрочно добро однесување и од другата страна“, вели Каракачанов.

Претседателот Стево Пендаровски, пред неколку дена во интервју за Канал 5, рече дека не очекува блокада од Бугарија за старт на преговорите и дека сите сигнали кои доаѓаат од Германија, како претседавач со ЕУ, упатуваат на тоа дека до крајот на годинава ќе се одржи меѓувладината конференција, што би значело старт на пристапните преговори на Унијата со нашата земја.

Дипломатите на земјите членки на ЕУ вчера се состанаа,за да разговараат за нацрт-преговарачката рамка за  Македонија. Бугарската страна, наводно, била „гласна“ околу прашањата што им претставуваат проблем.. Во петок продолжуваат дискусиите на техничко ниво во ЕУ.

Слични содржини