Ќе излезе ли Чавков најголемата будала?

од desk4

Eден од говорниците на вчерашниот протест на ДПМНЕ, пред едно година и пол дена, во едно добро расположено друштво во скопската кафеана „Форца“ – тогаш уште мислеа дека остануваат на власт и во следните стотина години – ме „поздравил“ со констатацијата: „Да пази тој Орданоски што зборува, да не ја доживее судбината на Младенов!“

Добро, не му земам за зло, човекот е, реално, тиквар, иако (кратко) извршуваше високи и чувствителни државни функции, а и сигурен сум дека тој со „судбината“ на Никола Младенов нема никаква врска, бидејќи нему не му давале ни бурек да им купува и пепелниците да им ги празни, кога решавале за разни нечии „судбини“. Сигурен сум дека и самиот се фрапирал што ненадејно му се укажа шанса да стане дел од „Големото Добро Утро“ во Скопје, кога, веќе во годините на залезот, на Фамилијата ѝ притребаа профили на неспособни, но лојални глупаци од неговиот ранг.

Но, кога денеска него го слушам како, исправен на дождон, тртља за „режимот“ и за „диктатурата“ што настапила во Македонија по падот на „неговата“ власт, ми доаѓа да се расплачам, од смеење. Туго мори на притворените, ако овој им ги држи протестните говори со кои треба да се изврши некаков притисок за нивно ослободување! Арно Чавков на време си фатил штрајк со глад!

Значи, се тврди дека „обвинувањата се лажни“, а дека „апсењата се политички“. Неверојатно! Ја одгледавме таа 27-априлска фурија снимена од 15 телевизиски камери и 500 мобилни телефони, од сите можни оскаровски агли и ракурси, од птичји до жабји, вклучително и „трофејните“ снимки што самите ги правеа… На снимките точно се распознаваат „фолклорните“ учесници во насилието, од една страна; и, од друга, настапот на поголем број тренирани насилници кои се движат и делуваат според одреден план. Тоа што планот не им успеа е работа за анализа, но насилен план имаа и се обидоа координирано да го спроведат. И сето тоа (плус и фазата на подготовката) е беспрекорно документирано со семожни докази, а богами и цврсто поткрепено од изјави на сведоци, вклучително и од некои од „изведувачите на работите“ од тој план. Сори.

 Според тоа, бидејќи обвинувањата се валидни и ќе треба да се докажат на суд, нормално е дека апсењата (без наводници) се политички, бидејќи секој акт на изведување насилен државен удар, освен што е примарно терористички, подеднакво е и политички чин. За тоа протестантите на Грујо се во право, на своја штета.

И, да ви кажам, џабе целата фуртутма со кавги, ситења, пцовки и најразлични коментари по социјалните мрежи, по порталите и низ телевизиските студија – тоа е најобична „забава за народ“, дефрустрација и циркуска претстава за навивачите од политичките трибини; на обвинетите тоа НИШТО не им помага. Ним сега им требаат добри адвокати кои реално ќе им ја објаснат сериозната кривично-правна материја за која се обвинети и за што треба да одберат што мислат да прават: ќе се бранат, одрекувајќи вина; или ќе признаваат дела, па да се спогодуваат? Некои од нив имаат реални шанси од обвинети, да станат обични или заштитени сведоци, соработници на правдата.

Во таа смисла, сѐ додека е логично да се претпостави дека има и „погорно“ ниво во таа конспирација, јас мислам дека и Чавков, можеби, не е без опции. Не се инспирирал тој самиот да смисли и оперативно да командува таква операција за која е обвинет. И за овој, а и за некои други безбедносни дебакли за кои, несомнено, во догледно време ќе биде обвинет.

Освен ако Чавков не решил – „полицајчуга цел живот!“, што вели еден лик од мојата завчерашна колумна – да излезе најголемата будала, во актуелната силна меѓународна конкуренција на абдали на земјината топка.

Сашо Ордановски
извор: Цивил

Слични содржини