Ќе се бираат пoтпpeтceдaтeли на Талат Џафери

од Берта Китинска
221 прегледи

Собранието  денеска ќе ја одржи втората седница на која на дневен ред е Предлог-одлуката за утврдување на бројот на потпретседатели. Претседателот на Собранието Талат Џафери предлага законодавниот дом да има петмина потпретседатели.

Во образложението на предлогот, Џафери повикувајќи се на Деловникот и на Законот за Собрание наведува дека „бројот на потпретседателите го утврдува Собранието, по предлог на претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието“.

Потпретседатели на Собранието се очекува да имаат СДСМ, опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива… Засега се уште официјално не се соопштуваат информации која парламентарна партија ќе добие потпретседателско место во Собранието. На денешната седница, пратениците само ќе гласаат за Предлог-одлуката, а потпретседатели на Собранието ќе бидат избрани на друга седница.

Во Собранието е пристигната и оставката од пратеничкото место на Фљорин Бесими, брат на Фатмир Бесими за кој ДУИ соопшти дека ќе биде предложен за министер за финансии. Тој уште пред неколку дена преку соопштение најави повлекување од пратеничката функција, по реакцијата на Антикорупциската комисија.

Според информации од Собранието, можно е денеска до пред почетокот на седницата закажана за 11 часот, да пристигнат и други оставки од пратеници кои мандатарот Заев најави дека ќе ги предложи за составот на новата Влада. Покрај мандатарот Заев, тоа се Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Мила Царовска, Љупчо Николовски, Оливер Спасовски, Јагода Шахпаска од СДСМ и Насер Нуредини од ДУИ.

Според членот 57 од Деловникот, Собранието без претрес констатира дека на пратеникот му престанал мандатот на денот на одржувањето на седницата. Собранието потоа ја информира Државната изборна комисија, која пак треба да го информира Парламентот кој е следниот на листата што го прифатил пратеничкиот мандат и потоа тој да биде верификуван.

Лидерот на СДСМ Заев вчера најави дека ќе го поднесе предлогот за состав на нова влада во Собранието откако пратениците кои треба да бидат министри ќе поднесат оставки, ќе бидат верифицирани мандатите на тие што ќе ги заменат и ќе биде донесена одлука за бројот на потпретседатели на Парламентот.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација, како што објавија од ДУИ ќе биде Јетон Шаќири.