Ќерката на Навални: Дозволете му на докторот да го прегледа татко ми

од Stefanija Kuzmanovska

Ќерката на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој штрајкува со глад во казнено-поправна установа, денеска апелираше до руските власти да му дозволат на лекар да го прегледа нејзиниот татко во затворот.

Навални, еден од најголемите критичари на претседателот Владимир Путин, започна да одбива да зема храна на 31 март во знак на протест затоа што затворската управа не му дозволи да го прегледа лекар по негов избор, поради болки во грбот и нозете.

„Дозволете му на докторот да го прегледа татко ми“, напиша ќерката на Навални, Даша, на Твитер, еден ден откако лекарскиот синдикат поврзан со опозицискиот руски политичар објави дека има зголемен ризик од откажување на бубрезите и дека му се влошил видот, пренесува „Ројтерс“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, неодамна изјави дека лидерот на опозицијата ќе ја добие целата неопходна медицинска помош во затворската единица ако навистина е болен, но тој истакна дека ниту еден затвореник не може да очекува посебен третман.

Навални беше осуден на две и пол години затвор во февруари за кршење на условната казна и беше уапсен на аеродромот на враќање од Германија, каде се опоравуваше од труењето.

Слични содржини